Ретроспектива на Кинотеката за 2020: Година што, сепак, „не ја изедоа скакулците“

Екипата на Кинотеката на РСМ поднесе јавен отчет на сето она што го реализираше во престапната 2020 година, која беше во знакот на здравствената криза со коронавирусот. Од Кинотеката потенцираат дека, сепак, тоа не беше „година што ја изедоа скакулците“ (Борислав Пекиќ).

– На почетокот вреди да се напомене дека и покрај првичниот шок од пандемијата и замирањето на активностите во доменот на јавната дејност кон средината на март, Кинотеката според сите здравствени протоколи за безбедност на гледачите на почетокот на летото стартуваше со летното кино, а во текот на есента продолжи со прикажување во киносалата со редуциран број посетители. Во 2019 година забележавме рекорден број гледачи, нешто над 20.000, а во 2020 година таа бројка, и покрај сите предизвици, достигна 10 илјади. Стартот на летната кино програма во дворот на Кинотеката на 10 јуни беше одбележан со четиридневен настан и селекција на четири современи европски филмови во рамки на проектот „Еуропиан филм челинџ“. Филмската програма во летното кино „Мирно лето“ во периодот на јули, август и септември забележа околу 5.000 посетители. Од 8 октомври програмата на Кинотеката се врати во киносалата, секако со почитување на сите здравствени протоколи – истакнаа од Кинотеката.

Летното кино во 2020 година го доби името „Мирно лето“, според култната комедија на Димитрие Османли од 1961 година, а филмските проекции и другите настани под отворено небо се покажаа како одличен потег за зачувување на духот во услови на пандемија. За да се одржи квалитетот на проекциите, беше изградена кабина за филмски проектор и поставено филмско платно според сите професионални стандарди. Во холот, пред влезот во киносалата беше изграден нов шанк-пулт, каде што освен освежителни пијалаци може да се набават и изданијата и публикациите на Кинотеката.

Летното кино на Кинотеката во 2020 година го доби името „Мирно лето“

Пандемијата со ковид-19 делумно ја преформатираше јавната дејност на Кинотеката. Така, освен проекции на кинотечните бисерите од филмскиот архив, онлајн станаа достапни дигиталните верзии на сите броеви на списанието „Кинопис“, кој во 2020 ја прослави 30-годишнината од неговото постоење, како и низа филмолошки студии на авторите м-р Игор Старделов, д-р Атанас Чупоски, м-р Мими Ѓоргоска-Илиевска, монографијата „Манчевски“, мултидисциплинарен публицистички проект на уредникот и автор Марина Костова, потоа книгата за аматерскиот филм во Македонија на Илинденка Петрушева и „Историја на филмот“ на Георги Василевски.

Покрај десетина циклуси филмови и фестивали во 2020 година Кинотеката го реализираше и уникатниот филмски проект „Филмска училница“, проект за креативна едукација од областа на филмот и аудиовизуелното наследство наменет за ученици од средните училишта. Проектот под водство на филмската и ТВ режисерка Марија Џиџева почна на 10 октомври, се одвиваше секоја сабота, и се одржаа 10 сесии. Секоја сесија траеше пет школски часа, кои се состоеја од предавања на различни теми, реализирани од филмолози од Кинотеката и филмски професионалци, како и проекции на филмови. Учесниците имаа ретка можност да ги проследат предавањата на неколку специјални гости: на филмската режисерка Тамара Котевска и кинематограферот Фејми Даут од екипата на документарецот „Медена земја“, аниматорите Крсте Господиновски и Жарко Иванов, како и да ги чујат одговорите на нивните „милион“ прашања.

Сосема на крајот од годината Кинотеката го објави двобројот 57-58 на списанието „Кинопис“, кој содржи 12 текстови од 10 автори со различни стручни аспекти, категории и родово-видови пристапи од областите на теоријата, историјата и културата на филмот и другите сродни уметности во рамките на три рубрики: „Македонска филмска сцена“, „Студии“ и „Анализи“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 64, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 16-17 јануари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот