Фото: Ерик Клептон, концерт / Слободен печат - Милорад Стојмановски

Репортажа од Будимпешта: Ерик Клептон „свеж“ рок-ветеран и на прошталната турнеја

Легендарниот мајстор на блузот, еден од највлијателните гитаристи на сите времиња, пред околу 25 илјади фанови одржа одличен концерт, со емоција „до даска“ и без лажна патетика. Останува тагата поради фактот дека оваа турнеја му е последна. Ако навистина престане да настапува во живо!

Да се организира на 81-годишна возраст, наводно проштална турнеја од дваесетина концерти, наречена „Long goodbye tour“, особено што слична таква од минатата година е веќе влезена во богатото портфолио на авторот е – ПОДВИГ.

Да се излегува на сцена секоја трета вечер пролетва во Европа, но и во претстојниот септември, во САД, пред просечно 20-ина илјади луѓе, притоа да се поднесе физичкиот и умствен напор потребен за да се остане доследен на себе и на својот препознатлив звук на легендарен рокер и блузер, значи да се биде голем ПРОФЕСИОНАЛЕЦ.

Фото: Ерик Клептон, концерт / Слободен печат – Милорад Стојмановски

Да се засвири дел од сопствениот опус во анплагд-верзија, на моменти и без придружба, кога секој произведен тон и секој пиксел од видеобимот го пијат илјадници чифта гладни уши и очи, а притоа да се боледува од периферна неуропатија, е вистинска ХРАБРОСТ.

Да се има почит кон секој поединец во публиката, без блефирања, вербални дефокусирања и празни одови за време на свирката, знаејќи однапред дека најголемиот дел од нив се вистински не само љубители, туку и познавачи на уметноста, значи да се биде ЧЕСЕН.

Фото: Ерик Клептон, концерт / Слободен печат – Милорад Стојмановски

Сите овие доблести ги покажа на својот концерт во Будимпешта англиската рок-икона Ерик Клептон, еден од највлијателните гитаристи на сите времиња, пред околу 25 илјади фанови (сосе гледачите во партер-зоната) во „МВМ домот“. Меѓу нив, и фанови од екс ЈУ-просторите, од кои значаен дел беа Македонците, некои што живеат и работат во Унгарија, но и такви кои допатуваа специјално за да проследат еден од последните живи настапи на поданикот на чистиот „олд скул“ звук.

Фото: Ерик Клептон, концерт / Слободен печат – Милорад Стојмановски

Празникот за љубителите на блузот почна многу одамна, уште кога онлајн ги обезбедија влезниците што чинат од 200 до 600 евра. Во авионот на „Визер“, за време на летот кон аеродромот „Ференц Лист“, можеа да се забележат познати ликови, меѓу кои најпознати од музичкиот свет беа нашиот „крал на жиците“ Влатко Стефановски и сопственикот на „Авалон“ продукција, Бобан Милошески.

Будимпешта знае како со рокерите

Од сонце облеаната Будимпешта при пристигнувањето само го подобри расположението пред фештата во најголемата мултифункционална сала во Унгарија. Градот преполн со туристи, и преку цените покажува дека е барана дестинација (расте побарувачката, растат и цените). Концертната понуда, покрај другите настани (финале на Лигата на шампионите во фудбал на 30 мај, на пример), е само еден од магнетите за добронамерници од целиот свет.

Фото: Ерик Клептон, концерт / Слободен печат – Милорад Стојмановски

Во срцето на будимпештанскиот парк Варошлигет се случува уште еден настан посветен на љубителите на рокот. Музејска поставка посветена на Фреди Меркјури, кој пред точно 40 години со „Квин“ го одржа концертот на „Неп“ стадионот во Будимпешта пред 80.000 гледачи, еден од тогаш ретките зад „железната завеса“. Ова беше повод да се одржи изложбата „Фреди ексхибишн“ во музејот „Куќа на музиката“, архитектонско ремек-дело на јапонскиот генијалец Соу Фуџимото. Метал и стакло претопени во лисјата на градското зеленило!

По кус одмор и закуска, групата туристи од Македонија се упатува кон „МВМ-домот“, епицентарот на музичкиот земјотрес. Голем број од посетителите, особено тие што беа на партерот и фанпит-зоната, на концертот стасаа во салата тоа саботно попладне повеќе од два часа пред најавениот почеток. Најзапалените дотрчаа до штандовите со маички и други сувенири посветени на Клептон, некои се опуштаа со пијалак пред да одекне озвучувањето во салата, а сцената на која доминираше видеобимот со ѕвездата на вечерта и неговиот препознатлив потпис, со нетрпение го чекаше славниот Ерик. И не само сцената.

Задолжени за загревање на атмосферата во „МВМ домот“ како предгрупа му беа „браќата по оружје“ „Енди Ферведер Лоу енд Лоу рајдерс“. Симпатичниот фронтмен Енди (77-годишен) не случајно го следи Клептон на неговите турнеи затоа што има многу сличен репертоар, во кој не отсуствуваа и обработки на познати теми.

Неговото височество Слоухенд

Околу 20:30 часот, откако на бината претходно се појавија сите членови на неговиот придружен бенд – басистот Нејтан Ист, соло-гитаристот Дојл Бремхол Втори, тапанарот Сони Емори, клавијатуристите Крис Стентон и Тим Хармон, како и придружните вокалистки Шерон Вајт и Кејти Кисун, со грациозен чекор на господин навлезен во деветтата деценија од животот се појави тој, неговото височество Слоухенд. Во темносин костум и бела кошула, достоинствено и во голем стил, годинава ги завршува концертните настапи како професионален музичар, текстописец, композитор, пејач и продуцент. Последните бравури во живо треба да му бидат тие на гитарскиот фестивал „Кросроудс“ кон крајот на септември годинава, во Остин, САД.

Почетокот на концертот на рок и блуз мајсторот најавува дека сетот од околу 15-ина песни за оваа турнеја нема да биде додворувачки за пошироката публика, туку одбран, за сите оние што го следат уште од стартот на неговата кариера преку бендовите „Јардбрдс“, „Крим“ и „Блајнд фејт“… Нумерата „Badge“ од раната фаза со „Крим“ беше само влез во речиси двочасовното претставувањње, по која следуваше блузот „Key to the Highway“ на Чарлс Сегар од 1940 година. Атмосферата ја живна препознатливата „Hoochie Coochie Man“ на Вили Диксон, а обработката на славната „I Shot the Sheriff“ на Боб Марли и Вејлерс потсети дека и реге-кралот може да звучи рокерски кога по вратот на гитарата шетаат прсти со 63-годишна патина во себе, тие на чудотворецот со сола со три прсти – Ерик Клептон!
На крајот на првиот блок ја засвири „Kindhearted Woman“, а потоа за момент беше оставен настрана црно-белиот „Фендер стратокастер“ брендиран со името Ерик.

Споделен дел од душата со „Лејла“ и „Тирз ин хевн“

Кога седна на столчето, се смени сценографијата и амбиентот со доминантен акустичен филинг. Почна со „Nobody Knows You When You’re Down аnd Out“, блуз-стандард од Џими Кокс од 1923 година, за да продолжи со најголемите хитови. Иако многумина очекуваа „химната“ на Клептон „Лејла“ да дојде во крешендо-фазата, отсвирена со електрична гитара, Клептон сепак се реши да ја вклучи акустичната верзија на овој евергрин од албумот „Unplugged“ во посмирениот дел од концертот. Ритам секција беа дланките на публиката. Оваа „класика“, особено наредната во анплагд-блокот „Tears In Heaven“ веројатно беа причината овој албум да освои шест награди Греми во 1993 година и да стане еден од најпродаваните рок-албуми воопшто.

Најемотивниот дел од концертот се случи токму кога затреперија жиците, и на гитарата на Клептон и од грлата на публиката, со рефренот за „солзите во рајот“. Ерик, давајќи дел од својата душа, ги отпеа авторските стихови посветени на неговиот трагично загинат четиригодишен син Конор по пад од зграда во Њујорк во 1991 година.

Фото: Ерик Клептон, концерт / Слободен печат – Милорад Стојмановски

Крајот го украси делото откако Клептон повторно ѝ се врати на електричната гитара. „Tearing Us Appart“, „Old Love“, американскиот блуз „Crossroads“, „Little Queen of Spades“  и „Cocaine“ ја натераа публиката да го повика на бис, за кој беше сочувана „Before You Accuse Me“.
На крајот, длабок наклон од актерите пред френетичното гледалиште, а можеше да биде и обратно. Точно 110 минути професионален настап на мајсторот со гитарата, кого не го напуштил ниту гласот ниту еластичноста на прстите. Придружните вокали не му требаа да го покријат водечкиот, помалку рапав прв глас на бендот. Извонредниот гитарист Дојл Бремхол имаше своја делница, но далеку од тоа дека свиреше за да ги скрие евентуалните слабости на Клептон при нотовезот меѓу праговите.

Виртуозот остана виртуоз до крајот, со емоција „до даска“, а без лажна патетика. Остана и тагата поради фактот дека е последна турнеја. Ако навистина престане да настапува во живо пред своите идолопоклоници.

Можеби имаше присутни во салата што во програмата очекуваа да бидат и хитовите „Change the Wolrd“, „Promisses“, „Pretending“… Изостана и „Wonderfull tonight“, песна посветена на неговата голема љубов Пети Бојд, која беше изведена на првиот европски концерт на Клептон годинава, во април, во Гилдфорд, Англија. На тој настап присуствуваше и 82-годишната Бојд, која напиша дека концертот бил „фантастичен“.
Слична оценка за концертот добивме и од македонскиот „quickhand“ рокер Влатко Стефановски.

„Одличен концерт! Максимално професионален, точен, добар вокал. Свиреше со занес. Секоја чест, со оглед на возраста. Влијае стимулативно!“, ни изјави македонската рок-легенда, кој ни го подари своето ново цеде „Muscle memory“ во издание на „Кроација рекордс“, чија промоција ќе се случи в четврток.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот