Рекорден „Генералка викенд“ — десетици илјади волонтери ќе чистат на 500 локации во државата
На 8, 9 и 10 мај, по шести пат ќе се одржи годишната и најмасовната екоакција во земјава и целиот Балкан – Генералка викенд. Рекордниот еконастан, како што велат организаторите, мобилизира десетици илјади волонтери од 80 општини, 600 организации, јавни институции и приватни компании.
Препорачано
Акцијата ќе се спроведува три дена истовремено на повеќе од 500 локации, во 80 општини низ целата земја. Овие екоакции се организирани и координирани од општините во соработка со Црвениот крст.

Отворањето на настанот е во 9 часот на 8 мај и ќе го води Град Скопје со чистење на кејот на реката Вардар. Екоакцијата е организирана и поделена во осум тима, на потегот од реката Лепенец до мостот „Киро Глигоров“ ќе бидат распоредени на северната и јужната страна на реката Вардар. Во соработка со Комунална хигиена и Паркови и зеленило ќе бидат мобилизирани стотици волонтери од приватни компании, институции и училишта за да ја исчистат најголемата зелена и рекреативна зона во главниот град.

„Помеѓу многуте активности, се спроведуваат и посебни акции како што се: Чистење на дивите сметилишта во Националниот парк Шар Планина, предводени од 20 припадници на Вооружените сили на Р.С. Македонија, чувари на Националниот парк, експертски тим на австриската компанија за управување со отпад Саубермахер и локалното население. Како и еко акција во Охрид (Конгресен центар), за заштита на крајбрежјето, во соработка со студенти и професори од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Општина Охрид, клубовите Сороптимист Мома Охрид и Сороптимист Вадуц како дел од најстарата и најголема светска женска организација Сороптимист Интернешнл и со поддршка на Саубермахер“, соопштија организаторите.
Вакви екоакции се организираат и во училиштата низ државата, преку екообразовната програма „Еко час“ .

Екоакцијата е волонтерска иницијатива, каде што учесниците се одговорни за сопствената безбедност и стана најголемата еколошка акција досега во нашата земја.


