Сашко Мицевски, директор на Агенцијата за филм

Рекапитулација на Агенцијата за филм за 2025 година: Партнер и поддржувач на креативната филмска заедница

Агенцијата за филм на самиот почеток на новата година до медиумите достави годишна рекапитулација за 2025 година, како краток преглед на најзначајните активности, резултати и насоки во минатата година.

Агенцијата за филм ја заокружи 2025 година како една од најзначајните и најпродуктивни години за македонската кинематографија во последната деценија, обележана со интензивна филмска продукција, видливи меѓународни успеси и суштински реформи во институционалното работење. Од Агенцијата истакнуваат дека 2025 беше година на филмски подем, финансиска дисциплина и институционални реформи.

Во текот на годината, македонска премиера имаа вкупно 19 филмови, поддржани од Агенцијата за филм, и тоа: 4 долгометражни играни филмови со македонски мнозински удел, 6 долгометражни играни филмови со македонски малцински удел, 1 долгометражен документарен филм со македонски мнозински удел, 2 долгометражни документарни филмови со македонски малцински удел, 2 краткометражни играни филмови со македонски мнозински удел, 1 краткометражен игран филм со македонски малцински удел, 2 краткометражни анимирани филмови со македонски мнозински удел и 1 краткометражен документарен филм со македонски мнозински удел.

Меѓу долгометражните играни филмови со македонски мнозински удел се издвојуваат „Сите го викаат Реџо“ (реж. Ибраим Деари), „Диџеј Ахмет“ (реж. Георги М. Унковски), „Паркот на Дора“ (реж. Сабедин Али) и „Мајка“ (реж. Теона Стругар Митевска). Филмовите поддржани од Агенцијата за филм во 2025 година остварија значајни меѓународни и домашни успеси. Филмот „Мајка“ на Теона Стругар Митевска ја отвори програмата „Хоризонти“ на Филмскиот фестивал во Венеција, а својата македонска премиера ја имаше со свеченото отворање на 46. издание на фестивалот „Браќа Манаки“.

Премиера на „Диџеј Ахмет“ во Битола

Светската премиера на „Диџеј Ахмет“ на режисерот Георги М. Унковски се одржа на фестивалот „Санденс“ во Парк Сити, Јута, каде што филмот ја освои Наградата од публиката во програмата „Светски филм“, како и Специјалната награда на жирито за креативна визија. Македонската премиера на филмот се одржа на затворањето на 46. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.

Во 2025 година беа одобрени средства за поддршка на реализацијата на 18 проекти, кои опфаќаат домашни филмски фестивали и други манифестации од меѓународен карактер, со цел да се поттикне развојот и видливоста на македонската кинематографија, како и да се овозможи претставување на европската кинематографија пред македонската публика.

Фестивал „МакеДокс“

Дополнително, во текот на 2025 година, филмски проекти финансирани на претходни конкурси беа снимени или го започнаа процесот на снимање. Станува збор за пет долгометражни играни филмови со македонски мнозински удел: „Биста“ / „Збогум Копакабано“, продукција „Банана филм“, режија Милчо Манчевски, со одобрена поддршка од 28.000.000 денари; „Човек против јато“, продукција „Видео студио Петковски“, режија Тамара Котевска, со одобрени 20.000.000 денари; „Потстанар“, продукција „Сектор филм“, режија Марко Ѓоковиќ, со поддршка од 23.500.000 денари; „Договор“, „Арнел продукција“, режија Сенад Абдули, со одобрени 15.000.000 денари; „Тајната на голиот рид“, продукција „Сити Стар“, режија Игор Алексов, со поддршка од 15.000.000 денари.

Марко Ѓоковиќ, Тамара Котевска, Сенад Абдули

Во 2025 година, Агенцијата за филм реализираше историски рекордна исплата на доспеани обврски во износ од 3.160.000 евра, средства одобрени во претходни години за поддршка на 55 филмови и 36 фестивали. Истовремено, вкупните обврски за 2025 година беа намалени за 20 проценти во споредба со 2024 година, што укажува на зголемена финансиска дисциплина и подобрено планирање.

Како дел од меѓународната промоција на македонскиот филм, Агенцијата активно ја поддржа и Оскар-кампањата на документарниот филм „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска, со издвоени 100.000 евра, со цел достојно претставување на државата на најпрестижната светска филмска сцена.

Воедно, 2025 година беше година на засилено меѓународно присуство и промоција на македонската кинематографија преку учество на неколку значајни светски филмски платформи, меѓу кои со сопствен штанд на „Focus Show London“, еден од водечките меѓународни филмски маркети, каде беа презентирани филмски локации и продукциски потенцијали на Македонија. Македонија беше земја во фокус на Интернационалниот филмски фестивал во Орду, Турција, со организирана ревија од 12 македонски краткометражни филмови и учество на претставници на Агенцијата во жири-комисиите.

Агенцијата беше присутна со свој штанд и на Европскиот филмски маркет (EFM) во Берлин, како и на Филмскиот маркет при Канскиот филмски фестивал (Marché du Film), каде континуирано го промовираше македонскиот филм, копродукциските можности и авторите.

Штанд на филмскиот фестивал во Кан

Додека, со учеството во програмата „Балканот во фокус“ на седмото издание на ФИПАДОК (International Documentary Festival) во Бијариц, Франција, ја претстави документарната продукција на Македонија, дополнително зајакнувајќи ја меѓународната видливост и на македонскиот документарен филм.

На прес-конференција во ноември, Агенцијата за филм објави дека ги цени укажувањата на Државниот завод за ревизија (ДЗР), опфатени со извештајот за работата на институцијата во претходната 2024 година, кои претставуваат основа за натамошно унапредување на системите и процесите. Токму во таа насока, во текот на 2025 година, Агенцијата за филм спроведе и значајни институционални реформи, меѓу кои целосно усогласување на деловните книги со фактичката состојба, детален попис на средствата, побарувањата и обврските, како и започнување на процесот на изработка на Стратегија за развој на филмската дејност.

Значаен исчекор во текот на изминатата година претставува и ребалансот на Буџетот за 2025 година, со кој беа обезбедени дополнителни 145 милиони денари наменети за поддршка на филмската продукција и развој на аудиовизуелниот сектор.

Паралелно, со предложените измени на Законот за игри на среќа, се предвидува 3 проценти од уплатените давачки од оваа дејност трајно да се пренасочуваат кон Агенцијата за филм. Овој модел на финансирање, кој постоеше до 2016 година и имаше значајна улога во развојот на македонската кинематографија, се очекува да обезбеди стабилна и предвидлива основа за долгорочно планирање и развој на филмската дејност, со почеток на неговата реализација во 2026 година.

На самиот крај на 2025 година, Агенцијата за филм ги објави резултатите од вториот рок на Конкурсот за финансирање на филмски проекти, при што беа распределени 97,3 милиони денари, трикратно зголемени средства во однос на претходните циклуси. Со овој чекор, Агенцијата ја зацврсти својата заложба за поддршка на млади и нови автори.

Поддржаните проекти опфаќаат широк спектар на играни, документарни и анимирани остварувања, вклучително и четири долгометражни играни филмови во меѓународна копродукција со партнери од регионот, што и понатаму ја одржува меѓународната соработка и видливоста на македонскиот филм.

– Нашата цел е Агенцијата за филм да биде партнер и поддржувач на креативната заедница, а не пречка. Горди сме на успесите на македонскиот филм во 2025 година и ќе продолжиме со транспарентно, професионално и одговорно работење – истакнува директорот Сашко Мицевски.

По период на чести промени во раководството, Агенцијата за филм денес работи со стабилно раководство, а институцијата останува целосно посветена на отворена комуникација со јавноста и на создавање стабилни услови за понатамошен развој и меѓународна афирмација на македонската кинематографија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 315, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-11.1.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот