Фото: Колаж / Слободен печат

Референдум наместо преговори – Пахор предлага нов модел за проширување на ЕУ

Ако Брисел сака да се однесува како вистинска велесила, може да одлучи во 2028 година да организира референдуми во сите земји кандидатки и да им овозможи на тие што ќе гласаат за членство веднаш да влезат, иако тоа би барало и компромис, како привремено ограничување на одредени права, на пример ветото или позицијата комесар, изјави поранешниот словенечки претседател.

Поранешниот словенечки претседател Борут Пахор во интервју за Би-Би-Си предлага радикален пресврт во политиката на проширување на Европската Унија, со идеја во 2028 година да се организираат референдуми во сите земји кандидатки, по што оние што ќе се изјаснат „за“ веднаш би станале членки.

Овој модел, според него, би бил доказ дека Унијата е подготвена да се позиционира како вистинска геополитичка сила.

Пахор потсетува дека Словенија стана дел од ЕУ во 2004 година, а Хрватска во 2013, додека останатите земји од регионот со години напредуваат бавно. Според него, одговорноста за застојот е поделена.

– Во Брисел, дури и кога има поволен геополитички момент, не се гледа доволно волја тој да се искористи за вистински исчекор, а во регионот речиси и да нема сериозни резултати во реформите и усогласувањето со европските стандарди, па целиот процес изгледа како да е заглавен – вели Пахор.

Во таа насока, најавите дека Црна Гора би можела да стане членка до 2028 година, а Албанија нешто подоцна, тој ги гледа како политички сигнал, а не како резултат на суштински напредок.

– Јасно е дека не станува збор за некакви големи достигнувања, туку дека во Брисел е донесена политичка одлука дека тоа е доволно за да се одржи впечаток дека проширувањето не е мртво, бидејќи иако процесот е технички, конечната одлука секогаш е политичка – смета Пахор.

Пахор предлага и конкретен, иако контроверзен модел за забрзување на интеграцијата.

– Ако Брисел сака да се однесува како вистинска велесила, може да одлучи во 2028 година да организира референдуми во сите земји кандидатки и да им овозможи на тие што ќе гласаат за членство веднаш да влезат, иако тоа би барало и компромис, како привремено ограничување на одредени права, на пример ветото или позицијата комесар – изјави Пахор.

На крајот, Пахор признава дека неговиот предлог тешко ќе се реализира.

– Европската Унија сè уште не е велесила како САД или Русија, за да може со една одлука да го забрза процесот и решително да влезе на Балканот како доминантна сила – заклучува Пахор.

Борут Пахор е словенечки политичар кој беше претседател на државата од 2012 до 2022 година. Претходно ја извршуваше функцијата премиер и претседател на парламентот, а важи за искусен дипломат и силен поддржувач на европската интеграција на регионот.

Медведев: Време е да престанеме да бидеме толерантни кон пристапувањето на Украина во ЕУ

ЕУ останува наша цел, но патот станува сѐ подолг

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот