Рецензија: „The Beatles: Get Back“: На покривот

The Beatles: Get Back/Twitter
The Beatles: Get Back/Twitter

Еден од најлгендарните концерти во историјата на поп и рок музиката е секако последниот концерт на Битлси на покривот на студиотo „Ејпл“ во Лондон во 1969 година. Дотолку е по катарзична и метафората за нивната конечна разделба, се разидоа откако беа на покривот на популарноста.

Седумипол часовниот cinema verite на Питер Џексон е документарен филм за документарен запис. Педесет и две години криениот материјал за снимањето на последниот албум на Битлси беше авторство на Мајкл Линдзи-Хог. Од 60 часа видео материјал Питер Џексон монтираше филм во три продолженија.

Само на оние кои никогаш не влегле во тонско студио (и под услов да не се љубители на музиката на Битлси) нема да им биде јасно зошто оние четворица од Ливерпул со недели се мачеа, повторуваа музика, измислуваа текстови, се расправаа, беа на сендвичи и чипс… Затоа што создавањето музика е пеколно задоволство, нереална креација; тонското студио е најмагичната грда соба, и затоа оние четворица се согласија да создаваат, со сета своја човечка обичност, со сета приземност и карактерни мани, со интуиција за: „тоа е тоа“.

The Beatles: Get Back/Twitter
The Beatles: Get Back/Twitter

Интензивен портрет на четворица несовршени ликови кои создаваат совршена музика

Со својот филм, Питер Џексон практично демантира бројни шпекулации и тривијалности за односите на членовите во бендот, меѓусебна нетрпеливост саркастични дофрлувања, па и наводни физички пресметки, непожелноста на Јоко Оно на сите снимања… Да, од сето тоа има по нешто во филмот, без шминка, без разубавувања, но неможете да се изначудите колку е тоа нормално, природно, потребно, за конечно да сфатите дека ниту еден од нив не изневерува (освен викенд бегањето на Џорџ Харисон), зашто идејата се вика „Битлси“, а студиото е најдоброто место за примирје.

Џексон измонтирал интензивен групен портрет во кој четворица несовршени ликови создаваат совршена музика. Знаејќи дека се работи за уникатен материјал, Џексон не можел да одолее па одделни сцени едноставно ги оставил да течат. Филмот е уникатен и од гледиште – приземност наспроти идолатрија. Така откриваме дека Пол Мекартни е најупорниот околу работната етика и дисциплина и се чувствува неговата авторска одговорност. Џон Ленон е постојано расположен, шеговит, но има некои битни моменти во создавањето на музиката кога ја има улогата на филтер, катализатор на идеите на Пол. Инаку постојаното присуство на Јоко ги нервира останатите членови (а и нас гледачите). Џорџ Харисон е нездоволен од нерамноправноста во авторскиот баланс со Пол и Џон, а Ринго Стар (патем тој е и копродуцент на филмот) е човекот на повик, присутен а не е тука. Апсолутно неконфликтен ритмичар. Појавата на „петтиот“ Битлс, клавијатуристот Били Престон е вистинско освежување во динамика на звукот и расположението на бендот.

Што се однесува до должината на серијалот (за и против) еден луциден коментар вели: Не можете да ги подобрите „Сопранови“ со тоа што ќе ги кондензирате во двочасовен филм.

Финалето на филмот (40 мин.) особено добива на динамичност благодарение на монтажерот Јабез Олсен кој умно ја дели сликата со што ни го прикажува магичниот момент од сите достапни перспективи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот