Реакција на Уставен суд: Изјавата на екс-министерката Дескоска за нашата работа во време на вонредната состојба е непримерна и неоснована

Последната изјава на екс-министерката за правда, Рената Дескоска за работата на Уставниот суд за времетраење на вонредната состојба е непримерена и неоснована квалификација од поранешен носител на јавна функција и доктор на правни науки, се вели во реакцијата на Уставниот суд.

Како и за целокупната своја работа, Уставниот суд беше целосно транспарентен за своето работење и за време на вонредната состојба. Јавноста, вклучувајќи ја и Дескоска, можат преку интернет сајтот на Судот во секое време да проверат колку и како работел Судот во овој период. Станува збор за триесетина одржани седници со по 20-30 точки на дневен ред на кои беа оценувани уставноста и законитоста на речиси сите уредби со законска сила, одлуките за прогласување на вонредна состојба, одлуката за распуштање на Собранието, одлуките на Владата за ограничување на движењето на граѓаните итн., се наведува во соопштението на Уставен.

Истовремено, се вели во дописот, „на јавноста и се достапни и сајтовите на уставните судови во регионот од кои може да се согледа и спореди нивната работа со македонскиот Уставен суд за време на овој период, врз основа на што може да се донесуваат заклучоци за нечија работа.

– Секоја од одлуките на Судот за уредбите со законска сила се достапни на сајтот на Судот и во најголем дел од нив е содржан ставот за овие акти кој беше утврден на посебен работен состанок на уставните судии каде меѓу другото стои: „Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки кои се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и на последиците од вонредната состојба, со водење на сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чие задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба, истакнуваат од Уставен.

Од институцијата укажуваат дека „во делот на правната важност на уредбите со законска сила, лесно може да се заклучи за ставот на Судот по однос на ова прашање, каде по завршувањето на вонредната состојба во најголем број од предметите беа отфрлани иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на овие уредби поради тоа што престанала нивната важност“.

– За прашањето за тоа кои човекови права може да бидат ограничувани за време на вонредната состојба, укажуваме дека тоа го уредува нашиот Устав, додека Уставниот суд само го применува, а не определува кои права може да се ограничуваат. На крајот, мора да се спомене дека оваа изјава е дадена на конференција, каде иако се зборувало за улогата на Уставниот суд за време на вонредната состојба, на истата не беше поканет претставник од наша страна, што доволно укажува за односот на другите органи на власта спрема Судот, реагираат од Уставен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот