РАЗГОВОР | Соња З. Андоновиќ, авторка на „Ex Voto“: Љубовта е нашето огледало, ако ја нема, мора да ја измислиме!

Соња З. Андоновиќ
Фото: Приватна архива

Жалам што порано не се случи издавањето на книгата. Се надевам дека позитивната критика ќе ми биде поттик понатаму да бидам поодлучна во откривањето на моите творби пред јавноста, вели Соња З. Андоновиќ.

фото приватна архива

Пријатно изненадување ни доаѓа од професорката по македонски јазик и литература, Соња З. Андоновиќ, која неодамна ја објави книгата поезија насловена „Екс Вото“ („Ex Voto“), во издание на „Дијалог“. Станува збор за дебитантска, но зрела поетска збирка, во која, според проф. д-р Ана Мартиноска, авторката полага силна верба во секој збор, добро го промислува и свесно рационализира со формата.

За книгата, но и за односот на учениците од средното образование кон поезијата, за навиката за читање, за јазикот денес популарен меѓу младата генерација и за сè помалиот интерес за студирање на Катедрата за македонски јазик, зборуваме со Соња З. Андоновиќ.

Зошто ја одбирате поезијата како форма на изразување и каква идеја за дадена заклетва се најавува уште од самиот наслов „Екс вото“, во знак на благодарност или посветеност, во Вашиот случај, кон што?

– Поезијата ме одбра мене! Првите доживувања на креативност во моите мисли беа во форма на стихови. Најчесто се случуваше во најнеочекувани мигови да ми се појават стиховите во мислите и моја задача беше да ги запишам,  во мигот, веднаш. Ако не ги запишам стиховите веднаш, за жал, остануваат засекогаш незапишани. Многу ретко ги помнам и понатаму. Но, понатамошната обработка на една песна може да трае и неколку месеци, па и години, а  некои песни си остануваат  такви како што се создадени во првиот миг.

Зборот „Ex voto“ има латинско потекло и означува изработка на дело со  кое се  изразува благодарност кон Бог или дарување на Бог. Јас овој наслов го избрав на еден мистичен и чуден начин, но пораката е дека со издавањето на оваа збирка, го  исполнив дадениот збор пред Бог дека песните ќе ги објавам. Сега пак, откако навистина, читателската публика нелицемерно ми изразува воодушевување од прочитаната поезија, искрено жалам што порано не се случи издавањето на книгата. Се надевам дека позитивната критика ќе ми биде поттик понатаму да бидам поодлучна во откривањето на моите творби пред јавноста.

Низ песните, од една страна, ги чувствуваме импулсите на бес, гнев и мачнина, наспроти верата, надежта и љубовта, од другата страна. Што во денешна Македонија најмногу Ви го разгорува гневот, Ви предизвикува чувство на мачнина, а каде ја гледате надежта?  

– Песните во кои е изразен бес, мачнина и гнев се постарите песни, кога си бев помлада и понезрела. Младоста е предодредена и за бунт и за гнев. Верата, надежта и љубовта се од поновото време кога зрелоста ми искреира и состојба за пронаоѓање на „излез од безизлезот.“

Во денешна Македонија се обидувам да ја видам само убавата страна. Еве, во претходните две години, додека не ни беше овозможено да патуваме на подалечни дестинации, си ја прошетав Македонија и за прв пат посетив некои градови, села, планини и бев воодушевена од убавината на Македонија. Дури и чувствувам вина што до сега сум не сум ги открила сите овие убавини , а имам и уште многу за откривање.

Во поглед на состојбите кои се случуваат, а не ни носат радост, повторно ќе кажам дека секој од нас е Македонија. Да не зборувам дека и внатрешното доживување на околината е повторно во нас самите. Колективното ниво на свест може да донесе поубава состојба за секој од нас.

Преку стиховите, на љубовта гледате како на скапоцен лек во времево во кое живееме, што ни се случи, во меѓувреме, со сочувувањето на овој лек, го изветреавме ли, го загубивме ли попатно и како дојде, според Вас, до тоа? 

– …„Без љубов, ништо не сум!“… од Посланието на свети Павле до Коритјаните,Свето Писмо. Секој човек е желен за љубов, изразена во било која форма, па макар и љубов, не знам, за милениците, растенијата, природата. Љубовта е нашето огледало. Во љубовта се откриваме себеси, кои сме, какви сме, колку може да сакаме, како сакаме, итн. Љубовта ако ја нема, мора да ја измислиме!

Во текот на 25 годишната работа со ученици, несебично ги запознавате учениците со убавините на пишаниот збор, но каков е одѕивот од другата страна денес, кога токму кај учениците се актуелни нови поетски правци, како на пример, рапот?

– Целта на наставникот е да успее да ја разбуди љубовта кај учениците за читање на литературни дела. Ништо со сила не може да биде убаво и да има трајни вредности. Факт е дека пред младиот човек се поставени многу предизвици кои на полесен и побрз начин ќе го доведат,до навидум, поголеми доживувања. Стиховите во рап-музиката се израз на начинот на изразување на емоциите и чувствата на младите луѓе кон состојбите во општеството. Се радувам на секое создавање на креативно дело од младите луѓе. Едноставно верувам во младите  и  сигурна сум дека имаат мисија да создадат поубав свет за сите луѓе.

Младите не се „уривачи“ на македонската реч. Тие се млади и во нивниот говор, дозволени се отстапувања од стандардниот македонски јазик. Поголеми „уривачи“ на македонската реч се јавните медиуми и јавната употреба на јазикот од луѓе кои не го познаваат стандардниот македонски јазик, фото приватна архива

Како професор по македонски јазик и литература, го имате ли одговорот на прашањето кое предизвикува мачнина – зошто е сè помал бројот на ученици кои изразуваат желба да се запишат на Катедрата за македонски јазик?  

– Одговорот на ова прашање е многу очигледен. Откако се воведе Државната матура, каде задолжителен предмет е Македонски јазик и литература, учениците кои сакаа да студираат на Катедрата за македонски јазик се откажаа затоа што сè она што со љубов им беше предадено и стекнато, со полагањето на   Државната матура , под невидени услови и низ несоодветни тестови, желбата за студирање ја губат. Да не зборувам дека очите на младите  се вперени надвор од Македонија, а со нашиот факултет, во странство не можат  да работат. Реалноста е таа! Но, што правиме ние за да излеземе од оваа состојба, можеби е посоодветното прашање. И одговорот на прашањето е едноставен. Ништо! Буквално ништо!

Додека поетите се чувари на зборот, кои се според Вас оние кои се „уривачи“ на македонската реч, која судејќи според речникот на младите генерации, е во критична фаза?

– Секое време си носи свои предизвици. Секоја млада генерација си има свој жаргон, сленг, свои препознатливи зборови кои се израз на нивната младост, идентитет, припадност. И секако, тоа е прекрасен белег на една генерација. Токму јазикот е тој кој ги зближува луѓето. Младите генерации  го прифаќаат разговорниот стил во кој има многу зборови и од туѓо потекло. И тоа е нормално, особено во денешно време во кое интернетот и електронските медиуми ни дозволуваат светот да го имаме на дланка. Секако дека ќе прифатат и ќе применат во својот говор сè што мислат дека е во „тренд“ . Младите не се „уривачи“ на македонската реч. Тие се млади и во нивниот говор, дозволени се отстапувања од стандардниот македонски јазик. Поголеми „уривачи“ на македонската реч се јавните медиуми и јавната употреба на јазикот од луѓе кои не го познаваат стандардниот македонски јазик, односно не ги познаваат правилата и нормите за употреба на јазикот. Да не зборувам за употребата на јазикот во писмена форма. Зашто во писмената употреба на јазикот, уште посилно доаѓа до израз познавањето односно непознавањето на јазикот, особено правописните правила, интерпункцијата, речникот итн. Во јавните медиумите, при јавните настапи, во јавната писмена коресподенција не смее да има отстапки,  не смее да има неправилна употреба на стандарниот јазик и не е  дозволено непознавање на правилата и нормите за употреба на стандардниот или литературниот македонски јазик во јавната употреба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот