Разговор со вокалната солистка Марија Каева: Албумот „Фортуна“ е доказ за музичката зрелост

Дискографска куќа „ПМГ Рекордингс“ како свое 196-то издание го објави албумот „Фортуна“ на вокалната солистка Марија Каева, која на музичкото остварување соработува со музичарот и продуцент Владан Дробицки.

Вокалната солистка Марија Каева е добро познато име на македонската музичка сцена. Нејзината харизматична појава, прекрасен вокал, извонредна лирика и авторски печат се дел од музичкиот живот кај нас, речиси, две децении. Со текот на годините Каева соработувала со повеќе музички автори, но конечно се одлучи својот авторски набој да го преточи на новиот албум „Фортуна“, кој станува доказ за нејзината музичка зрелост. Станува збор за одличен албум што јасно говори за една развиена експресивност и сериозна музичка издржаност и сето тоа во рамките на поп-музиката како правец.

Албумот „Фортуна“ е директна соработка на Марија Каева со еден од најпродуктивните и најквалитетни македонски музичари Владан Дробицки (Сетстат, Кантон 6, ПМГ Колектив), за кого овој албум носи неочекуван излет во електро-поп водите. Нешто што на Каева совршено ѝ лежи, а таа фантастично го надградува со својата лирика и музикалност. Скопската публика можеше концертно да го доживее албумот на 18 декември во МКЦ, каде што Марија настапи во живо придружена од Владан Дробицки (електроника) и Дино Милосављевиќ (тапани).

Минатиот викенд концертно го промовираше албумот „Фортуна“. Колку време беше потребно да се создаде албумот, што го објави за „ПМГ Рекордингс“?

– Албумот „Фортуна“ се работеше точно една година. Токму насловната песна беше и првата што ја прати Владан Дробицки за време на најголемиот „локдаун“. Бевме на раздалеченост од две илјади километри, но технологијата која ни стоеше на располагање и ентузијазмот за правење музика, нѐ одведоа на едно заедничко виртуелно место каде што се роди овој проект. Од почетокот на годинава сѐ до април се собраа четири песни и некако ни стана јасно дека ова нема да биде само ЕП, туку цел албум. Пролетта ни ја донесе и песната „Добро утро“, работена заедно со младиот музичар и автор Илин Дробицки. Тоа беше и периодот кога нашата „онлајн“ соработка се пресели во Скопје, во студиото „Шупа“, каде што ги доработивме и „Прави линии“ и „Лошо пиле“. Албумот „Фортуна“ го заокруживме со песната „Гигавати и кравати“. Промотивниот концерт беше можност да му дадеме простор на материјалот да прозвучи и во живо и беше одлична прилика за мене за првпат да бидам подолго на сцена во еден ваков контекст.

Скопската публика можеше концертно да го доживее албумот „Фортуна“ на 18 декември во МКЦ

На концертот настапи заедно со Владан Дробицки на електроника и Дино Милосављевиќ на тапани. Како се случи соработката со нив и има ли и други музичари што се вклучени на албумот?

– Владан Дробицки и Дино Милосављевиќ ми беа познати ликови од претходно поради нивниот долгогодишен придонес за квалитетот на музичката сцена кај нас. Уште пред да ги запознам лично и да имам можност да работам со нив, ги доживував како врвни музичари. Со Владан се запознав лично додека работевме заедно на сосема нова верзија на песната „Сл’нце ил зимо“ на „ПМГ Колектив“, која се наоѓа на нивниот албум „Клан секулар“. Дино го запознав на пробите со „ПМГ Колектив оркестра“, кои беа интензивни оваа пролет. Заедничкиот настап беше сосема логичен затоа што сме „уиграни“ и затоа што сакаме да свириме заедно. На албумот ни гостува и Сашко Костов, со кого работев заедно на ЕП-то „4 Инциденти“ издадено за „ПМГ Рекордингс“ во 2009 та. Ете, повторно пеевме заедно на „Меури“. Претходно го спомнав и младиот музичар и автор Илин Дробицки, со кого ја работевме темата „Добро утро“, Павел Дробицки од „Сетстат“ свири бас-гитара на две песни, а тука се и Александар Златески на труба на „Лошо пиле“ и Гоце Наумов од „Сетстат“ на џембе на „Векови“.

Албумот „Фортуна“ е објавен како 196-то издание на скопската дискографска куќа „ПМГ Рекордингс“

Чии се текстовите на песните?

– Мојот авторски удел во албумот „Фортуна“ е најголем досега. Освен како текстописец и вокален изведувач, во случајов сум и коавтор на музиката заедно со Владан Дробицки, кој, пак, е и продуцент на албумот. Сите текстови се мои, со исклучок на „Лошо пиле“, песна на која гостува Мирко Попов, кој и го напиша делот што го изведува на строфите. На „Гигавати и кравати“ тој се јавува и како коавтор на строфите, кои ја задржаа првичната содржина што ја имав во глава но, прозвучеа уште подобро со малите дополнувања што ги направи. Неговата креативност и умешност со зборовите е исклучителна.

„Фортуна“ за мене е почеток на една битна фаза во моето музичко растење и созревање

Подолго време беше отсутна од јавноста. Дали „Фортуна“ значи твое враќање на музичката сцена?

– Да, бев отсутна и од јавноста и од државата. Освен тоа, сметам дека никогаш и не сум ни била премногу присутна во јавноста. „Фортуна“ е, можеби, враќање но, за мене е повеќе почеток на една битна фаза во моето музичко растење и созревање.

Каде живееш сега и какви се твоите следни планови околу промовирањето на албумот?

– Сега сум повторно во Скопје и имам еден куп работа. Албумот е издаден на „bandcamp“, досега направивме два видеоспота и во план се уште неколку. Промотивниот концерт веќе се случи и се надевам дека ќе имаме почести прилики да го свириме материјалот во живо. Да се биде на сцена со Владан и Дино е неописливо возбудливо.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 111, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26 декември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот