Разговор со сликарот и илустратор Славко Круниќ: Критики облечени во духот на сатирата

Српскиот ликовен уметник и илустратор Славко Круниќ на 14 мај ќе ја отвори својата прва изложба во Скопје, а на настанот ќе настапи и групата „Дип стеди“ од Нови Сад.

Отворањето на изложбата со наслов „Несоница за двајца“ на српскиот уметник Славко Круниќ однапред предизвика внимание на ликовната, но и на музичката јавност. Во иста вечер ќе може да се погледнат фантастичните дела на Круниќ, но и да се слушне настапот на неговите ска-пријатели од бендот „Дип стеди“.

Со колку и какви дела е составена твојата изложба во МКЦ?

– Изложбата содржи 28 дела што се направени во периодот од 2007 до 2022 година. Избраните дела се во различни техники, слики, цртежи, како и објекти (слики во посебно направени метални конзерви, слично на сардини). Дел од цртежите се илустрации за книгата „Лажни бајки“, а два се илустрации на песни на францускиот шансониер Жорж Брасанс, кои ќе бидат употребени во книга на која работам во овој период.

Поголем дел од избраните дела е публикуван во 2019 година во мојата монографија со наслов „Мавзолеј на несовршенството“. Меѓу избраните дела е и сликата „Магна матер“, за која во 2013 година ја добив наградата „Гран при на Милена Павловиќ Барили“, една од најзначајните сликарски награди во Србија. Практично, оваа изложба претставува мала ретроспектива на моите најзначајни дела.

Своите јунаци Славко Круниќ ги гледа како скромни сатирични икони

Со која тематика се делата, имајќи предвид дека како инспирација ти се патувањата и соништата?

– Избрав да тргнам по оној ликовен пат што се разминува со постојната реалност за да стигнам во имагинарниот простор и во соништата во кои ќе се чувствувам како дома. Мојата тема е сатиричниот портрет, а целиот мој творечки опус го ставив во заедничка рамка, што ја нареков „Мавзолеј на несовршенството“. Ликовите што ги сликам не постојат во стварноста. Галеријата портрети е создадена врз основа на ликовни и литературни обрасци. Тоа не се одрази на лица или личности, туку идеи – критики облечени во духот на сатирата. Овие идеи се должат на потребата да се создаде одредена интимност, да се направи набљудувачот да се чувствува како сојузник на прикажаните ликови и како нивен сопатник во измислениот живот.

Трагам и по заедничкиот наратив на моите слики, кој се формираше во моментот кога забележав сличности меѓу судбината на светците и на хероите на сатиричната проза. И во двата случаи, според некој модел, неизбежна е трагичната судбина. Но, кога станува збор за сатира, тогаш сериозноста нѐ поттикнува на смеа. Ваков вид интерпретација и однос кон суровата реалност одеднаш ме освои. Затоа се трудам да ги ставам моите херои во таква безбедна рамка, за да бидам сигурен дека на сите ќе им биде удобно, дури и во непријатна ситуација.

Со текот на времето се искристализира универзалниот наслов на мојот сликарски идентитет: „Сатириконе“. Мојата прва покомплексна публикација ја нареков така. Како и едно од трите поглавја во неодамна објавената монографија.

Мојата поетика не пропагира ниту една општествена, политичка или религиска идеја. Таа се забавува со траењето на заблудите кои, всушност, не се разорни и имаат доволно естетичност за лесно да се прифатат. Дозата на хумор во уметноста на самата стварност ѝ дава митолошка димензија. А секако, и ја разубавува. Накратко, своите јунаци ги гледам како скромни сатирични икони. Нивните лица им се покриени со добрина и со тага. Тие изгледаат изненадени, но не без цел. Најмногу овие ликови бараат соговорници од другата страна. Главниот импулс и предизвик им се да најдат што повеќе соговорници.

Правењето илустрации за „Политикин забавник“ било остварување на еден голем сон на Круниќ

Покрај уметнички дела изработуваш и илустрации за книги, музички албуми и соработуваш со „Политикин забавник“. Каков предизвик е креацијата на илустрациите?

– Во светот на илустрациите влегов по обратен редослед. Прво писателите, на мој предлог, со приказни ги оживуваа портретите кои ги сликам. Првиот пат кога сакав некои од портретите да ги ставам во книга мојата желба се совпадна со желбата на француската писателка Елоди Пинел. Таа смисли и напиша дванаесет кратки приказни поттикната од портретите на моите слики. Со неа на сличен начин го замислувавме блескавото минато на скромните сатирични икони и го сместивме во книга, како своевидно сведоштво на трагикомиката.

Имав неверојатна среќа што и други писатели се согласија во своите приказни да ги оживеат портретите кои ги создавам. Поигрувајќи си со реалноста на историските факти, ликовите од моите слики станаа личности од стварноста. Такви необични толкувања веќе напишаа Давид Албахари, Мирјана Огњановиќ, Сања Домазет, Немања Митровиќ, Елоди Пинел и музичарот Бил Гулд (Bill Gould), кои во значењето на сликата внесуваа интересна реалност. Онаа непостојната.

Соработката со писателите се зацврсти најмногу низ пријателството со Мирјана Огњановиќ. Таа ме воведе во светот на применетата илустрација и соработката со „Политикин забавник“, исполнувајќи ми еден голем сон – да бидам дел од семејството на достоинственици, кои заеднички се трудат „Политикин забавник“ да биде што побогат.

Големо достигнување е да се остане непотчинет на одредена тема. Од друга страна, вистинскиот успех е ако вашата уметност е независна од вас самите. Почнав да чувствувам дека сум успешен од моментот кога открив дека моите слики имаат свој сопствен живот. Ако се најдат во добра книга, тогаш моето задоволство е огромно.

Она што ги надминува моите ирационални дострели се реализираните илустрации за кориците на објавените албуми на моите омилени бендови. Од таа позиција не е доволно само да се каже дека сум среќен поради ваквите предизвици.

Каква е твојата поврзаност со музиката, особено со групата што ќе настапи на отворањето на твојата изложба во Скопје?

– Бев дел од онаа среќна генерација студенти на Факултетот за ликовни уметности во Белград, кои студираа во периодот кога постоеше клубот „Академија“. По желба и потреба, на студентите клубот им даваше можност за работни ангажмани. Мене ме привлече местото на диџеј, од едноставна причина што сакав со целиот свет да ја споделам секоја добра песна што ќе ја најдев. Со текот на времето ги конкретизирав моите афинитети и станав неуморен промотор на ска-музиката. Дури организирав и концерти и фестивали, а и одев на турнеи со ска-бендови.

Бендот „Дип стеди“ ќе настапи на отворањето на изложбата „Несоница за двајца“ во МКЦ

Кога сликарскиот повик целосно ме зема под свое, морав да престанам со музиката, или барем да ја сведам на минимум. Но, иако целосно сум во сликарскиот свет и денес целосно сум опкружен со музичари. Повикот да го направам омотот на албумот „House of soul“ на њујоршките ска-легенди „The Toasters“ е еден остварен сон. Слична соработка имав и со други бендови, како и со моите пријатели и сограѓани од бендот „Дип стеди (Deep Steady)“.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 128, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 14-15 мај 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот