Разговор со пијанистот Гордан Спасовски за наградата Најдобар џез-музичар: Искуство исполнето со позитивни емоции
Добитник на наградата Најдобар џез-музичар на Скопскиот џез-фестивал е пијанистот, композитор и аранжер Гордан Спасовски, кој ова признание го заслужи со целосната посветеност на џез-музиката.
Препорачано
Пијанистот, композитор и аранжер Гордан Спасовски работи во Националниот џез-оркестар. Во биг-бенд оркестри најчесто најгласен е дувачкиот сектор, но Спасовски со пијаното успева да биде забележан со своите соло-делници во одредени композиции. Често се појавува и како аранжер и како композитор на дел од композициите што во изминативе година и половина се изведени на концертите на Националниот џез-оркестар.
Соработува и со помали формации, а годинава беше објавен албумот „Transverse“, каде учествува заедно со Чед МекКала, Виктор Филиповски и Кирил Туфекчиевски. Сите овие активности, но и будното уво на организаторите на Скопскиот џез-фестивал придонесоа да стане добитник на Наградата најдобар џез-музичар во 2025 година.
На врачувањето на наградата Најдобар џез-музичар за изминатата година на Скопскиот џез-фестивал истакна дека е голема чест да се биде дел од таа приказна. Какви емоции се развиваат по добивањето на наградата?
– Оваа награда за мене претставува едно убаво искуство исполнето со позитивни емоции, кон кои покрај самата награда, голем придонес имаше и од реакцијата на публиката, колегите и пријателите. Истовремено чувствувам и уште поголема одговорност кон музиката и кон нашето работење.
Впрочем, оваа награда е резултат на моето работење со моите колеги и другари Виктор Филиповски и Кирил Туфекчиевски, со Чед МекКала на проектот „Transverse“, со Џон Илија Апелгрен на неговите музички патувања, со Националниот џез-оркестар и сите негови членови на нашите бројни проекти, така што би рекол дека ова е едно признание за нашиот заеднички музички труд.

Како почна твојата лична пијано-приказна?
– Пред некоја година, одговарајќи на прашања на едно друго интервју, мајка ми ми потенцираше дека мојата конекција со пијаното е, всушност, уште од најмала возраст. Впрочем за мојот прв роденден сум добил пијано-играчка, со која сум бил многу поврзан. Меѓутоа мислам дека со свирење почнав на 10-годишна возраст, запишувајќи се во нижото музичко училиште во Крива Паланка. Желбата за музицирање, пак, ми се појави при секојдневните посети на Радио Крива Паланка, каде што работеше татко ми. Целото тоа музичко опкружување ме натера да зачекорам во овој правец.
Значајно место во твоето образование има Академијата за џез во Грац. Какво влијание има тој период во твојот професионален живот?
– Можам да кажам дека периодот што го поминав во Грац има клучна улога во мојата музичка кариера. Таму поминав пет години, запознав многу луѓе, многу музичари, професионалци, и собрав големо искуство. Имаше прекрасни професори кои на сите нас ни помогнаа да го пронајдеме својот пат. Со дел од тие професори сме сѐ уште во контакт. Впрочем, и последниот концерт на Националниот џез-оркестар беше со Зиги Фајгл и Луис Бониља, двајца професори од Факултетот за музичка уметност во Грац.

Прво беше дел од Здружението на џез-музичари на Македонија, кое потоа прерасна во биг-бенд на Националниот џез-оркестар. Што значи да се биде дел од овој реномиран оркестар?
– Јас сум навистина благодарен што сум член на овој оркестар. Таму сум од самиот почеток уште од 2016-тата година. Пред година и половина откако стана Национална установа одговорноста и ангажираноста во оркестарот стана многу поголема, но љубовта кон биг-бенд музиката и кон македонската култура остана иста. Оркестарот работи со полна пареа на многу концерти со светски имиња од џез-сцената, а истовремено се случуваат и концерти за кои се создава нова биг-бенд музика и обработување на постоечка македонска музика, која според мене е од големо значење за нашата култура.

Досега си бил дел од повеќе камерни џез-состави. Каде во целост ги остваруваш сите твои специјалности – пијано, композиција, аранжман?
– Мислам дека секој еден состав носи своја одговорност и бара максимална посветеност, меѓутоа еве конкретно како одговор на ова прашање, би ги издвоил Националниот џез-оркестар, моето трио и албумот „Transverse“ како проекти при кои биле опфатени сите овие аспекти.
Кој е рецептот еден музичар да успее да стигне до врвни резултати?
– Не знам дали имам одговор на ова прашање и не знам дали постои една одредена цел. Верувам дека секој музичар треба максимално да биде посветен на музиката и да го даде максимумот од себе. Секој има различен пат, и верувам дека доколку секој остане доследен на својата приказна, ќе има свој придонес при збогатувањето на нашата култура.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 305, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2.11.2025)


