Разговор со Неда Украден: По дома правам стомачни вежби за добра форма

Фото: Приватна архива

Една од најпознатите пејачки во регионот, со децении ја одушевува публиката како со својот глас, така и со својот става. Неда плени со својата енергија и дух.

Неда Украден на 16 август наполни 73 години, а две недели потоа гостуваше во Охрид, во ревијалниот дел на фестивалот „Охрид фест – Охридски трубадури“.

Коментарите од неколкумина во публиката беа слични: „Неверојатно е дека оваа жена е на таа возраст“. Еден господин од првите редови на сцената на Долни Сарај дури и проверуваше на Википедија, не верувајќи му на пријателот до него за возраста на сараевската пејачка која долги години живее во Белград.

Неда во Охрид ја испеа безвременската „Зора је“, нејзиниот најголем хит од 1985 година, чиј автор е Ѓорѓе Новковиќ. Интересен факт е дека албумот на кој се наоѓа „Зора је“ е продаден во половина милион примероци.

За оваа песна, од Советот на фестивалот и од публиката, Неда ја доби наградата за безвременски хит.

– Овде нема плејбек, пееме во живо, само вие и јас. Ве замолувам да ги вклучите вашите мобилни телефони, да направиме едно убаво ѕвездено небо и да испратиме поздрав до луѓето од целиот свет – рече Неда пред публиката во Охрид.

Фото: Приватна архива

На забавата по фестивалот, во еден познат охридски ноќен клуб, Неда му се придружи на бендот што настапуваше и ја испеа „The Best“, познатата песна од Тина Тарнер. Украден уште еднаш, на поинтимен простор од фестивалскиот, ја освои публиката со својата енергија која не ја штеди на сцената.

– Никогаш не ми пречеше што ме споредуваат со Тина Тарнер. Напротив, тоа беше најголемиот комплимент што можев да го добијам. Бев многу тажна кога слушнав дека замина мојот идол, мојата инспирација, една извонредна жена каква што беше Тина Тарнер – ни изјави Неда Украден.

Неда Украден и Дадо Топиќ / Фото: Приватна архива

Неда го прослави својот роденден на море, во нејзината вила во Бока Которска во Црна Гора со најмилите, нејзините внуки, близначките Александра и Неда, кои имаат 11 години, и внукот Душан кој има 9.

Пејачката секогаш била поборник за природен изглед кај жените и вели дека не сака да вежба во теретани или со тренер – формата ја одржува со вежбите што самата ги практикува дома.

– Никогаш не сум сакала да одам во теретана. Самата дома си правам вежби. Ќе легнам на под и правам стомачни, порано тоа беа стотина, сега како што поминува времето се помалку, но од вежбањето никогаш не се откажав. Внимавам на исхраната отсекогаш, но се случува некогаш да се почестам со нешто благо или со некој убав специјалитет, како овде во Охрид, па така бројот на „стомачни“ веднаш се зголемува – ни раскажа Неда.

Фото: Приватна архива

Нагласи и дека никогаш не ставала силикони и нема ништо вештачко на неа, и дека се гордее со природниот изглед во своите години.

За внуците, таа вели дека се целиот нејзин свет, а интересен факт е дека слават роденден на ист датум. И Душан, како и близначките, е роден на 25 јануари.

Во својата автобиографска книга, „Зора је сванула“, таа раскажа многу детали од својот бурен живот.

– Го напишав сето она што ми лежеше на срце. За мојата кариера, за турнеите, за војната во Југославија, која за мене беше голема траума. Пишував за мојата Јелена, за тоа како речиси самата ја изгледав и ја изведов на пат. Се надевам дека книгата ќе се преведе и на македонски јазик и ќе ја прочита и мојата публика овде – раскажа Украден. Во книгата, таа раскажува и за својата голема љубов, доктор Момо Јаковљевиќ. И покрај тоа што биле многу вљубени, и нејзината ќерка го прифатила, не останале заедно. Неда во тоа време не сакала да се пресели од Сараево во Белград, поради ќерката што тргнала во прво одделение и била приврзана со родителите на Неда, а пејачката не сакала нејзината Јелена да страда по родниот град и по блиските.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот