Разговор со мултимедијалната уметница Јулија Кастелучи: Дојде време за еволуција на човековата свест
Младата уметница Јулија Кастелучи потекнува од Србија, но своето музичко образование го заврши во Скопје и често изведува перформанси и тука и таму, а неодамна се претстави со својата прва самостојна изложба во Белград.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Соничните скулптури се основниот предизвик за концептуален и перформативен израз на Јулија Кастелучи. За да ги реализира своите идеи, често користи видеоарт, инсталации и интервенции во просторот. Често патува на релација Скопје – Белград, а на крајот од јуни во Белград ја постави и својата прва самостојна изложба со наслов „My Name is Julija Castellucci“.
Иако си активна во последниве неколку години, првата самостојна изложба ја направи во белградската галерија „Витамин Х“ од 16 до 30 јуни оваа година. Какво е твоето чувство? Колку со изложбата ликовната јавност дозна која е Јулија Кастелучи?
– Не знам колку и што дозна ликовната јавност од мојата изложба, но јас им го понудив тоа што го имам, еден дел од мојот уметнички опус во форма на триптих. Првиот дел беше перформанс со наслов „Звучен допир“. Во тој перформанс Јулија Кастелучи станува уметнички објект, односно сонична скулптура што се активира со допир, секој физички контакт генерира одреден звук како одговор на интензитетот, континуитетот и метафизичката природа на допирот. Со перформансот ја преиспитував темата на допир, затоа што допирот не е само физичка работа, туку и метафизичка, и дека има влијание и на тоа како ги обликува нашето искуство и начин на кој се разбираме и дефинираме себеси, па и другите.
Вториот дел беше инсталација во простор наречена „Депото на музејот Лувр“, каде што беа прикажани моите концептуални дела кои се во склад со сатиричниот пристап на моето творештво. Тоа се дела што поминале криза на идентитет, бидејќи нивниот чин на вреднување е изоставен.
Последниот, третиот дел од опусот беа видеодела со наслов „Живот и ламент“, каде што ламентирав над судбините на животните и ја преиспитував оправданоста на човековата суровост над друго живо суштество. Во една месарница во Белград одржав опело со песната „Со маки сум се родил јас“. Тоа е еден вид ламентација и со тој чин сакав да им оддадам последна почит на животните на кои животот им е одземен без прашање. Ним слободата им припаѓа исто како и нам, но ние, сепак, сме одлучиле да им ја одземеме таа слобода и сме ги затвориле, заклале и ставиле на продажба во стаклена витрина. Дури и сме одредиле некаква цена. Колку чини еден живот? Мене таа тема многу ме интересира. Зошто тоа е така? Еволуциски и според многу медицински теории е оправдано, но според мене воопшто не е оправдано. Дојде време за еволуција на човековата свест. Некако премногу долго се валкаме во калта. Сите тие теми многу ме чепкаат и ми се материјал за работа.

Карактеристика на твојата уметничка работа се соничните скулптури, интерактивните перформанси, користењето на своето тело и гласот во изведбата на перформансите. Со каква цел сопственото тело го користиш како уметнички објект?
– Целта е директен доток на убавина во мозокот. Естетското спознание на повеќе слоеви. Звукот е естетско спознание. Бидејќи сум многу економична уметница, не сакам да се расфрлам со ресурсите коишто ги поседувам, затоа и ги користам сите потенцијали на телото. Во конкретниот случај, тоа е потенцијалот на мојот вокален апарат, кој произведува одредена сонорност која делува на човековите чувства и на состојбата на умот.

Годинава настапи и на музичкиот фестивал „Егзит“ во Нови Сад. Каква форма на перформанс изведе таму?
– Соничната скулптура го напушти галерискиот простор и се пресели во јавниот простор. Таму, исто така, изведов соничен перформанс кој беше наречен „Соник телепорт“, каде што сонично ја телепортирав публиката што лежеше хоризонтално на земја (хаха). Бидејќи сум економична уметница, со една купена карта за „Егзит“ ги прошетав во Индија, Јапонија, Италија, Мароко, Македонија, и ги вратив назад во Нови Сад, и тоа само преку соничните пејзажи што ги изведував.
Во претходните месеци изведе неколку перформанси и во Македонија. Меѓу другите, учествуваше и на 14. Меѓународно биенале на млади уметници, што се одржа со тематски наслов „Будења“ во МСУ. Што се разбуди кај тебе со учеството на биеналето?
– Ми се разбуди третото око (хаха), поточно ми настина третото око од стоење потпрена со челото на студениот бетон на зградата на Министерството за култура.

Перформансите секогаш ги изведуваш сама и на необични места, но соработуваш и со македонски фестивали, како „Модоарс“. Можно ли е наскоро да видиме твоја самостојна изложба и во Скопје? Какви се плановите во тој правец?
– Ако добијам покана од некој музеј или галерија да направам самостојна изложба, секако дека би сакала и македонската публика да го вкуси мојот творечки опус додека сум, сѐ уште, жива и здрава. Но, знам дека Министерството за култура одвојува многу малку средства за уметниците и за изведување на уметничките дела, па затоа правев дијалог пред зградата на Министерството за култура.
Парите се голем авторитет, кој, за жал, не можеме да го смениме, всушност можеме, но не знаеме со што би го замениле тој авторитет. Парите се договорена вредност, инаку немаат никаква вредност. Утре нешто друго може да претставува вредност, ако така се договорат поглавиците на капитализмот.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 187, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 15-16.7.2023)


