Разговор со Ѓорѓе Јовановиќ, ликовен уметник: Нашиот авторски труд е, речиси, секогаш бесплатен

Културно-социјалниот простор „Центар – Јадро“ е нова локација на која независната културна сцена ќе има можност да ги оствари своите уметнички замисли со целосна организациска и програмска автономија.

Организирањето на онлајн изложбата „Да бидеме заедно, додека сме разделени“ од Културно-социјалниот простор „Центар – Јадро“ и „Јадро“ – од Асоцијација на независната културна сцена, на симболичен начин го изрази револтот кај ликовните уметници од актуелните „услови“ за работа, особено на оние што ја живеат прекаријатната неизвесност. Координатор на проектот беше ликовниот уметник Ѓорѓе Јовановиќ.

Што беше твојот личен предизвик во организацијата/координацијата на изложбата?

– Сакав да проговориме за состојбата на ликовните уметници кај нас, која е незавидна веќе подолг период. Веројатно тоа е резултат на многу фактори, дел од тоа е и наследено од минатото. Буџетите за реализација на една ликовна изложба се секогаш помали од некои други уметности и многу често под прашање се става и самата реализација на тие проекти, особено ако авторите сакаат професионално да ги изработат, чија реализација, пак, бара средства за ликовни и други материјали, евентуално печатење на каталог, што треба да е нешто базично, но неретко нема средства ни за толку.

Од друга страна, прекарноста на уметниците е состојба која е нивен природен хабитат. Колку само уметници работат некои други работи за да преживеат, а често тоа е и начин за финансирање на нивните уметнички проекти. Нивниот/ нашиот авторски, уметнички, труд е, речиси, секогаш бесплатен.

Преку оваа изложба, заедно со кураторката Јованка Попова, сакавме да покажеме солидарност со колегите на сцената и да ги вклучиме во еден ваков проект, бидејќи во време на оваа новонастаната ситуација неизвесноста во секојдневието на прекаријатните културни работници станува многу повидлива и поизразена. Предизвик ми беше и тоа што во рамките на нашите скромни можности, барем малку може да влијаеме во решавањето на реални проблеми.

Со моделот на КПС „Центар – Јадро“ се надеваме дека ќе се создаде суштинска децентрализација на моќта и обезмоќување на досегашните практики на партиски влијанија

Голем број уметници во изминативе три-четири месеци останаа без можност за изложување, бидејќи галериите беа затворени, без можност за заработка, бидејќи многу проекти беа стопирани, но и без средства што би ги добиле од системот, бидејќи прекаријатните работници никаде не фигурираат. Размислувате ли како да се реши овој проблем со прекаријатната работа?

– Тоа може да се реши преку здружување на оние автори што немаат постојан работен однос. За разлика од уметниците кои се вработени и се дел од постојните синдикати преку кои можат да ги застапуваат своите права, барања и потреби, ситуацијата на слободните уметници е различна. Тие се изложени на постојаната неизвесност. Но, последниве неколку години, за среќа, таа ситуација полека се менува, свесноста за прекаријатната позиција на уметниците се зголемува. Асоцијацијата на независната културна сцена „Јадро“ во изминатиот период беше вклучена во неколку иницијативи, кои се залагаа за подобар третман на културните работници кај нас, како и на изнаоѓање подолгорочни решенија за ситуацијата во која тие се наоѓаат. Всушност, затоа и беше создадена асоцијацијата во 2012 година, како партиципативна и застапувачка платформа што се стреми да го зајакне независниот културен сектор и неговото влијание врз креирањето и практикувањето на културните политики.

Културно-социјалниот простор „Центар – Јадро“ постои од неодамна. За каков тип институција/установа или уметничко здружување станува збор?

– Се работи за првата институција создадена по моделот на цивилно-јавно партнерство во Македонија. Овој модел е втемелен на партнерството помеѓу локалната власт и граѓанската мрежа, составена од организации, поединци и неформални групи. Со ваквиот модел се надеваме дека ќе се создаде суштинска децентрализација на моќта и обезмоќување на досегашните практики на партиски влијанија. Се надеваме дека тоа е единствениот пат кон создавање организациска и програмска автономија во дејствувањето во сферата на културата во рамките на граѓанскиот сектор, но и пошироко.

Овој простор настана од потребата за место каде што слободно ќе се изразуваат урбаниот живот, современите социо-културни практики, простор што ќе создава автономни и самоорганизирани содржини што ќе го артикулираат нашиот урбан, интелектуален, критички и творечки капитал.

Покрај активностите креирани од страна на тимот на центарот, направивме формат на отворен календар, кој ќе им овозможи на уметниците од различни области да резервираат и да ги реализираат своите проекти без паричен надоместок. Во време во кое е особено тешко да се функционира како културен работник, постоењето на ваков простор значително ќе ја олесни реализацијата на разни културни содржини.

Просторот на КСП „Центар – Јадро“ се наоѓа во Дебар Маало, во објектот на месната заедница „Дане Крапчев“ на вкупна површина од 120 м², кој вклучува главен простор од 85 м² наменет за нашите активности, мала канцеларија, како и клуб на пензионерите, кој тука постоеше порано и кој продолжува да функционира и понатаму, а земајќи го предвид форматот и концептот на нашата институција, се надеваме дека ќе успееме да ги вклучиме овие наши сограѓани и во разни активности, кои во иднина планираме да ги реализираме. Секако, тука се и програмите од областа на литературата, танцот и перформансот, музички концерти, предавања и многу други содржини што ќе ги реализираме до крајот на оваа година.

Локацијата на КСП „Центар – Јадро“ се наоѓа во Дебар Маало, во објектот на месната заедница „Дане Крапчев“

Инаку, во однос на тековната програма, оваа недела на нашиот инстаграм-профил почнавме со еден концепт наречен – инстаграм резиденција. Гостин ни е ликовниот уметник Дарко Алексовски, кој го претставува својот проект „Места за мечтаење“, што специјално го изработува за оваа прилика. Тој преку серија дела – цртежи во комбинација со фотографии и текст, раскажува за градовите во Европа и во светот каде што бил и местата/градовите каде што би сакал да оди/патува.

Наскоро ќе следува и отворен конкурс за изработка на мурал на фасадата на центарот, конкурс за партиципативен ликовен проект што ќе вклучува работа со заедницата, како и претставување на работата на нашите графички дизајнери.

Што во последно време лично ти претставува предизвик за уметничка работа?

– Во моментов работам на самостојна изложба, која треба да биде реализирана во Музејот на современата уметност и во која се обидувам во еден проект да спојам и да експериментирам со неколку медиуми што ги користам низ годините – сликарство и скулптура, просторна инсталација и видео и да ги поврзам со разните аспекти на моите интереси во однос на „заморот“, анксиозноста и индивидуалните слободи на современиот човек, како и идеите за општество ослободено од принудувањата на акумулацијата и економскиот раст.

Во периодов работам и на вториот број од стрипот „Скопје за почетници, добро упатени и понављачи“, кој се занимава со урбаната култура и култните ликови и места на некогашното и сегашното Скопје, а кој планирам да го издадам до крајот на годината.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 37, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 27-28 јуни 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот