Разговор со Ева Камчевска: Не можам да ја опишам возбудата кога ќе добијам нова идеја

Фотографија: Гоце Лалковски

Искрен разговор направивме со драмската авторка Ева Камчевска, која во своите драми ги вклопува дилемите на обичниот човек, кој често „пука“ под притисокот во суровата денешнина.

Македонскиот центар ИТИ / Продукција неодамна ја објави „Биолошки часовник“, е-драма во која авторката Ева Камчевска успева да ја насмее публиката со апсурдните драмски пресврти на сметка на биолошкиот часовник на жената. Е-драмата постои виртуелно, односно не е реализирана на сцена. Камчевска верува дека многу жени ќе „превртат очи“ на насловот.

– Веќе од нашите средни 20-ти години сме бомбардирани со прашањето: Деца, кога? Биолошкиот часовник чука. Многу од жените и го претркале часовникот, но нѐ има и такви што се бркаме со него како во сон (трчаш, ама никако да го стигнеш). Бивајќи една од вторите, решив да си поиграм со идејата што реално ми создава притисок во животот. Од првичната идеја, која беше скеч и се одигра на студентска сцена во Ванкувер, Канада, решив да напишам целовечерна апсурдна драма каде што една девојка кариеристка насекаде се соочува со бремени луѓе. Да, луѓе затоа што дури и татко ѝ забременува. А биолошкиот часовник не е само идеја, туку материјализирана личност која се труди да се спогоди со нашава кариеристка за да не остане без работа. Како да си купи време, како да го врати часовникот назад? Фауст се спогоди со Мемфисто, како ли тоа ќе го направи Еми? – открива Камчевска за „Културен печат“.

Електронското издание на драмата „Биолошки часовник“ на Ева Камчевска го објави Македонскиот центар ИТИ / Продукција

Како сценаристка, драмска авторка и драматург, таа има богато искуство зад себе. Родена е во Скопје, каде и дипломира на Факултетот за драмски уметности, а дипломира и на Филмската школа во Ванкувер, Канада. Скромно се опишува себеси како интроверт, но зад тој опис се крие исклучителна професионалност, како и многубројни проекти во доменот на филмот, театарот и драмата како книжевно дело: „Стела“; „Сирота мала богата драма“ – компилација; „Кутија“; „Вештерка“; „Жолти лалиња“; „Брат за еден ден“; „Дедлајк ЕО2“. Учествува и во повеќе меѓународни програми за развој на филмски сценарија, а нејзината драма „Свадба за паметење“ минатата година беше селектирана во главната програма на Меѓународниот театарски фестивал „Аналогио“, во Атина.

Низ целата кариера како централна тема го избира семејството, и тоа дисфункционалното, а одговорите не ги наоѓа, туку само гледа прашањата да ги постави на забавен начин.

– На почетоците повеќе го третирав семејството како дел од жанрот драма, а сега сѐ почесто идеите ми влечат кон апсурд. Бидејќи семејните динамики во потесното или поширокото семејство не можам логично да си ги објаснам, апсурдот е тука да ме „заигра“, да ми ја смири душава – ни раскажа низ смеа.

Работи на телевизија, за театар и на големото платно, но скромно вели дека само се бори да извади нешто добро.

– Немам искуство со поставување мое дело на сцена, засега сѐ е само на хартија. Но, напредокот е што хартијата веќе не е само кај мене во фиока туку во форма на една е-книга и една физичка книга со две драми, што наскоро треба да излезе од печат. На големото платно, како сценарист, видов еден мој „голем“ (долгометражен филм) и неколку кратки. Тоа е долга и макотрпна работа, па помага ако сте во добри односи со најтесниот тим – вели Камчевска.

Телевизијата е местото каде што оди на работа секој ден и за кое вели дека ѝ дава континуитет. Сепак, наоѓа и по некој сектор каде што може да биде креативна и опкружена со сериозни луѓе, со „толеранција за нерасонетиот уметник“, кому постојано низ глава му се „тркалаат“ нови приказни.

– Не можам да ја опишам возбудата кога ќе добијам нова идеја. Е, потоа има доста работа да се обликува, а други веќе чекаат да бидат создадени. Со проектите е веќе поконкретно откако се добиени. Нема веќе многу фантазија, туку конкретна работа и рокови. Ме чекаат два такви проекти во блиска иднина и се радувам на работата со колеги. Некои веќе ги знам, некои не. А, за интроверти, запознавањето со нови луѓе е несекојдневна авантура – низ смеа ни раскажа Камчевска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 121, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 19-20 март 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот