Разговор со Драган Ристовски: Позитивен впечаток ми остави почитта и културата на гледање филм

Драган Ристовски во Берлин

Одлична можност да се гледаат европски филмови и да се посети филмскиот фестивал во Берлин дава иновативниот проект „Европски филмски предизвик“, а годинава ефектот на предизвикот го искуси филмофилот Драган Ристовски.

Проектот „Европски филмски предизвик“ е млада филмофилска заедница на вљубениците во европскиот филм желни да го доживеат киното од првите редови преку филмски содржини, препораки и ексклузивен пристап до филмови и фестивали.

За учество во проектот потребно е да се регистрирате на соодветната платформа, во текот на десет недели да изгледате десет европски кинематографски остварувања на фестивали, во киносали, на телевизија или на легални онлајн платформи и тоа да се внесе на својот профил, а за секој филм треба да се „прикачи“ насловот заедно со фотографија што докажува дека филмот е гледан, како и да се наведе местото или платформата на која е проследена проекцијата.

Проектот кај нас веќе три години го имплементира Центарот за социјални иновации „Блинк 42 – 21“, заедно со европски партнери во 13 држави со поддршка на програмата МЕДИА – Креативна Европа и Европската филмска индустрија. Годинава македонски победник на „Европски филмски предизвик“ беше Драган Ристовски, кој како награда доби можност да замине во Берлин.

Што Ве мотивираше да учествувате на „Европскиот филмски предизвик“?

– Самата награда беше голем мотив, а дополнително секако постојано гледам европски филмови. Победникот на предизвикот отиде на Меѓународниот филмски фестивал во Берлин, познат и како Берлинале. Оваа година тоа бев јас и сум презадоволен од севкупното искуство.

Проектот „Европски филмски предизвик“ на Драган Ристовски му овозможи посета на фестивалот Берлинале

Како и кога се разви интересот за филмската уметност кај Вас, воопшто?

– Не би можел специфично да посочам еден одреден момент. Знам дека отсекогаш ме интересирале навидум спротивни интереси. На пример, техника и уметност, а особено фотографија. Сепак, самиот процес на создавање филм обединува доста уметнички и технички вештини, така што таа љубов кон филмот ми дојде сосема природно.

Кои филмови ги гледавте за да ги исполните критериумите за предизвикот?

– Филмовите што ми ја донесоа победата се: „Од рајот“ (Heavens Above), „Сестри“ (Sisterhood), „Дедо и внук“ (Grandfather and Grandson), „Незаборавна пролет во заборавено село“ (An Unforgettable Spring in a Forgotten Village), „Мими“ (Mimi), „Балканот не е мртов“ (Balkan is not dead), „Снежана умира на крајот“ (Snow White dies at the end), „Вера сонува за морето“ (Vera dreams of the sea), „Моето езеро“ (My lake) и „Ноќ спроти Свети Василиј“ (The night before Saint Basil). Изгледав и многу други за време на предизвикот, но еве ова се, да ги наречам, одлучувачките.

Берлин е уметнички град во кој има многу места што се интересни за посета

Наградата Ви донесе посета на Берлин за време на филмскиот фестивал. Какви искуства стекнавте со посетата на Берлиналето?

– Берлин е уметнички град во кој има многу места што се интересни за посета. Можноста да се посети Берлиналето дополнително нудеше интересно искуство да се види како сето тоа функционира. Според мене, ова е најдобриот филмски фестивал во Европа, кој е повеќе ориентиран кон самата публика. Освен на филмски проекции, можеше да се присуствува на работилници, чии теми мислам дека се менуваат секоја година и очигледно постои голем интерес за нивна посета. Дефинитивно Берлиналето е огромен филмски фестивал, кој бара планирање за да ги стигнете и да ги погледнете сите работи што ве интересираат.

Можноста да се посети Берлиналето дополнително нудеше интересно искуство да се види како сето тоа функционира

Каква беше агендата зададена од организаторите на предизвикот и што најмногу Ви остави впечаток?

– Конкретно немаше некоја строга агенда. Изборот на филмови беше оставен на мене. За среќа, бев и на проекција во „Берлинале палас“, која е посебно интересна зашто е театарска зграда на повеќе нивоа и доживување е да се следи филм во неа. Исто така, позитивен впечаток ми остави почитта и културата на гледање филм. Во ниту едно кино не видов дека продаваат пуканки и грицки, па немаше некој да ти грицка храна додека ја следиш проекцијата. Како алтернатива видов по некој гледач со чаша вино или пиво, што е поелегантно решение отколку некој да се храни додека го гледа филмот и да им пречи на другите. Таква практика би била интересна да се воведе и кај нас.

Што правите кога не гледате филмови?

– Имам 46 години и работам како техничка поддршка во „Неотел“. Од хоби би ја издвоил фотографијата и возењето велосипед. Знам да возам велосипед на подолги релации, не само како транспортно средство. Претходнава година, сепак, послабо се активирав, но годинава се надевам на повеќе извозени километри.

Фотографијата, пак, ми е долгогодишна пасија. Мило ме воодушеви тоа што Берлин изобилува со интересни локации за инспирација. Мене лично ме фасцинираа подземните станици, а би го спомнал и Споменикот на убиените Евреи од Европа. Имаше деца што трчаа и ненадејно ти се појавуваат во кадар, па намерно се позиционирав каде што очекував некој да се појави. Според мене, подобро е кога има луѓе на фотографијата. Има некоја интеракција со околината и секогаш има поинакво чувство, отколку фотографија од некој празен споменик или локација.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 171, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19.3.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот