Разговор со Дивна Љубојевиќ: Да се биде свој во сите услови 

Еднаш рече дека со нејзините концерти душата на секој човек се присетува на своето постоење. Со гласот и дарбата која ја носи во себе ја прегрна планетата. Преку нејзините настапи православната музика стигна до нејневеројатните делови на светот, интерпретирајќи духовна музика на сосема посебен начин, вдахнувајќи ѝ нов живот.

Дивна Љубојевиќ, родена во Белград, како десетгодишно дете почнала да учи пеење во хорот на Манастирот Ваведење во Белград. Студирала музика на Музичката академија во Нови Сад, а веќе со 19 години станала најмлад диригент на најстариот хор во Србија – Првото белградско пејачко друштво. На почетокот на 90-те години на 20 век, со пријателите основала Студио за духовна музиката и хорот „Мелóди“, со кој настапува широм светот (до сега на над 700 концерти) и со кој снимила 25 албуми. Дивна Љубојевиќ е препознаена во светот не само како автентичен интерпретатор на духовна музика, културен мисионер, туку и како неповторлив уметнички талент поради кој и се отвораат врати на нови и поинакви ангажмани, а ќе остане забележано, меѓу другото, и дека токму таа учествувала во создавање на првата холограмска опера во светот.

Фото Теодора Цириќ

Пред крајот на 2019, бевте во Русија, каде секогаш ве дочекуваат како многу драг гостин. Можевме преку социјалните мрежи да видиме дека и овој пат беше за паметење. Што е Русија за Вас?

– Русија е секогаш, навистина, како некоја царска сала. И кога ќе влезете во таа царска сала сè е во неа царско и неверојатно ѝ пристои на музиката со која се бавам. И секогаш е така во Русија, во секој град, во секоја сала. Русите имаат сочуван однос кон православието каков што ние немаме.  Русите и со естетика постојано се трудат тоа да го поддржат. Имаат развиено чувство дека украсувањето, додавањето, надграбата е нешто што е само по себе убаво. И тоа никогаш не е кич. Умеат да направат храм, да направат икона, да аранжираат цвеќе, да слушаат музика…како ретко која публика, искрено, без задршка, со желба да ја впијат. Доаѓаат со желба да излезат после концерт со нешто втиснато во себе. И умеат да покажат радост повеќе од било која друга публика. И токму покрај нив и јас научив да прифатам комплимент, да сослушам со насмевка, да разберам дека тоа некому значи, научив да ги почитувам туѓите впечатоци и таа храброст да пријдат и да кажат што сакаат. Русија за мене сега е втор дом. Се чувствувам во неа како да сум дома, на повеќе нивоа. Не знам дали така би се чувствувала ако навистина живеам во Русија, веројатно не би ни можела, но секојпат штом дојдам се чувствувам добро и не се чувствувам како странец.

Да се биде не само интерпретатор, туку и истражувач во областа на духовната музика, подразбира и постојано „откривање“ нови можности, продлабочување и напредување. Иако и Вие имате таканаречни „хитови“ кои публиката ги сака и препознава.

– Кога се бавите со нешто во што верувате и го сакате, се разбира дека сакате во тоа да достигнете што повеќе. Имам и јас нешто што секогаш сакам да отпејам. Тоа е како кога се освојуваат нови територии, или кога се искачуваш на некој врв. Самиот врв не е важен, но освојувањето на врвот е тоа нешто што те води. И потоа одиш понатаму.

Дали сме ние некако запуштени, дали се изгубивме себеси?

– Не знам што е всушност со нас. Како кој, луѓето кои доаѓаат на концерти не се запуштени. Не се. Но тоа е одреден круг. Генерално гледано, зачмаени сме во сè, во воспитувањето, во образованието. Семејството како да умре. Родителите како да не знаат што прават, сè е некако погрешно…Ја изгубивме таа нитка која долго нè водеше, таа една вертикала која ја носиме во своето битие, и додека на тоа не се вратиме, искрено, отворено и свесни за тоа кои сме, не можеме никако да тргнеме напред.

Што Вие понесовте од семејството?

– Понесов големи пакети од семејството, голем мираз. И добар и тежок можеби за околината. Секое семејство има нешто што го дарува на децата, па децата го „пеглаат“ тоа во понатамошниот тек.

Што Вашиот син „пегла“ од Вас?

– Богами, сешто пегла. Ја пегла, на пример, таа постојана желба за давање инструкции, како треба, како сигурно е подобро. А јас сум пак убедена, навистина мислам дека знам што е подобро, не може да ме разувери, а мислам и дека сум објективна во тоа. Тоа е неверојатно. И така мојот син всушност се бори со таква мајка. Не е тоа лесно. Пробувам и јас некогаш да попуштам, рационализирам што правам, барам и совети. Но на крај, добар е. И не му е лесно со ваква мајка. Пребарлива, но во смисла дека јас барам тој да го направи тоа што е добро за него.

Тоа се всушност барања на мајка која се грижи…

– Па да, но на крај не ми е јасно како, како генерација, испаднавме такви каки што сме. На пример, јас не растев во терор дома, но многу добро знаев што можам, а што не можам. И како родител, не сум правела спротивно од моите родители, во смисла, мене ме стегнале па јас кон своето дете да бидам попуслива. Не сум, но повторно не испадна така како со мене. Поинаку е некако.

Колку се промени времето?

– Да, сè се менува, но јас сум поддржувач на мислењето дека тоа со времето кое се менува просто не е така. Цело време тврдам дека тоа не би требало да е така, дека семејните вредности се исти. Сепак, времето се менува дотолку што се наметнуваат обврски за да се фати чекор со светот на денешницата, тој матрикс во кој сè се вкалапува, а кој е всушност измислен.  Денес човекот е принуден да оди во чекор со светот, а всушност за што? – Да плати струја која е бесплатна, да плати вода која е бесплатна, станарина за станот кој веќе го купил, да плати данок на земјиштето кое веќе го купил…За да купи храна, која и не е храна. И додека денешниот човек успее да се сврти по себеси, поминал животот, а тој не ни стигнал да вдиши, ни да живее од сè она за кое е принуден да трча.

Стана многу модерно да се каже како овој момент во времето е страшен, грозен, никогаш полош. Никогаш не коментирате, не кукате, не се жалите, ни поради состојбата во културата…Што би се рекло – молчите и работите. Тоа не е лесно.

– А што друго? Работиш. Од каде лесно? Зарем треба да биде лесно? Не е мудрост да се констатира дека нешто е тешко, или дека е лоша состојбата во некоја област, голема работа е да се види што секој од нас може да направи, барем малку да допринесе за нешто да се помрдне на подобро. Најлесно е да се седне и да се кука и конструктивно да се критикува, необидувајќи се билошто да се направи, најпрвин со себе, а потоа и кон другите. Од година во година сè почесто слушам во комуникацијата на познаниците, дури и на блиските пријатели, еден лажен, непромислен збор – уживање, дури и при поздравување го слушаме тоа „уживај“… Прашањето за уживањето е нешто што ме збунува, што таа фраза воопшто значи? Тој збор го формулира изборот да покажеш дека нешто ти е лесно, зашто срамота е за нешто да се бориш, нешто да работиш. Дали е тоа некоја награда, па луѓето сметаат дека имаат право на тоа уживање, кое подразбира да се нема никаква обврска…Зошто некој би имал привилегија да „ужива“? Зарем не е врвната потреба на човекот да биде корисен, и во тоа да најде некоја смисла на постоењето. На пријателот, на родот, детето, блискиот.

Успеавте да останете многу приватна личност, не премногу ни во медиумите, не дозволувате, и покрај популарноста која ја имате, таа граница да се премине.

– Не би ни можела поинаку. Со самото тоа имам и сè што оди со тоа. Можеби и премногу некои претпоставувања и слично, но јас сум всушност среќна личност што кариерата, или да го наречам некој деловен пат по кој сум одела,  сум ја остварила прво надвор од границите на Србија. Тука добиваш една реална слика за тоа со кое се бавиш, од услови за работа, преку просторот во кој пееш, до публиката на која ѝ пееш, односот на луѓето кои се бават со организирање на концерти и провениенцијата. Тоа е нешто потполно поинакво, тоа се луѓе со отворени очи, со уши кои слушаат што ќе им кажеш за да направат за ти да дојдеш кај нив. Нема навистина никаква врска со тоа како овде, на Балканот, функционира. Ќе го нагласам и тоа дека би сакала и дома да е така исто, па и подобро. Но не значи дека, затоа што не е така, ќе кажам дека не можам да работам зашто сум се „навикнала“ на подобро. Не сум некој кој се навикнува, ако е потребно јас сум и герилец, и извидник. И можам во сите услови да бидам јас.

Впрочем, „Мелоди“ настанаа во најлош момент…

– Да, тоа беше 1991, 1992 година. А, 1993., кога беше најлошо, ние ја снимивме првата касета, а јас уште бев и пред породување. И пак, токму тие тешки години, донесоа и нешто што би можело да се нарече „мираз“ за идната кариера, за некое идно време, кога ќе се отворат можности. Ние од 1991 година до 2.000. работевме во земјата, настапувавме на фестивали, но тогаш го формиравме репертоарот, па тој растеше со текот на времето, и кога во 2.000-та година тргнавме со настапи во странство, имавме обемен и сериозен музички „куфер“со нас.

Од тоа не се живееше?

– Се разбира дека од тоа не се живееше. Еве, јас работев во музичко училиште три години, маж ми тогаш работеше во книжарница, другите исто работеа и се снаоѓаа. Тогаш извадивме касети, па касетите се продаваа, па потоа излезе првиот диск, па тоа почна да се продава, така некако се животареше. А литургијата секогаш се пеела доброволно. А еве, на пример, во Русија, каде сме често гости, секој пејач кој пее на литургија е платен. Тоа е начин црквата да се оддолжи некому кој пее, нема врска што тој приватно чувствува и зошто е тука – добива пари за пеење литургија. Диригентот во црквата е платен, пејачите се платени.

Мислам дека добро Ве опишува еден факт. Пред сè, тоа што сте во Ваведење од детство, тоа е вашиот личен однос и лична вера. Но знам дека сте во состојба да одите преку половина свет на некој концерт, да патувате, да летате со авион, да се уморите, но следниот ден да сте тука, да пеете на литургија. Тоа е една длабока посветеност.

– Да, ако ми се посреќи да стасам, тука сум. Мене секогаш ми е потресно кога ќе слушнам како некој дошол поради мене во Ваведење, а се случувало да стигнат од далечни краишта, од странство. Замислете која е таа жртва да допатувате од некаде за в недела да присуствувате на литургија баш на тоа место, за да слушнете некој како пее. Немам јас право на личен однос и дали нешто сакам или не сакам. Сè уште имам, и сакам што тоа го имам – совест. Нема тука пребирање можам ли и сакам ли. Тоа е тоа. Кога сум на пример, во Сланкамен, што е на половина час од Белград, мене ме гризе совест да помислам ако сум во сабота таму, а во недела да не дојдам во Ваведење на литургија. Да сум далеку, па не можам да дојдам, во ред, ама тука на половина час од Белград – не можам да не дојдам. Јас служам на тоа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот