Разговор со Андреј Медиќ Лазаревски од „Култура Бета“: Новата генерација сака жива, вистинска и одржлива култура
Петтиот роденден на младинското здружение „Култура Бета“ ќе биде прославен со „сеопшт џем“ во кафе-книжарницата „Буква“ на 15 февруари, од 21 часот, а настанот ќе се одвива под веќе препознатливото мото „ослободи ја младинската култура“.
Препорачано
Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ во текот на февруари одбележува пет години откако почнаа нивните иницијативи за создавање простор за младите уметници, книжевници, музичари, ликовни уметници, културни активисти.
Основањето на здружението беше со цел да создадат сопствен простор за пријателствување, за дружење и забава, за културно творештво, за ресоздавање на културната сцена, за афирмирање на културата што ја создава новата генерација!
Еден од иницијаторите на здружението и главен и одговорен уредник на „Култура Бета“, Андреј Медиќ Лазаревски, ни открива колку самите се задоволни од иницијативите и проектите што успеаја да ги реализираат досега.
Младинското здружение „Култура Бета“ бележи пет години од основањето. Колку и какви иницијативи успеавте да реализирате во овој временски период?
– Овие пет години сметам дека „Култура Бета“ успеа да се профилира како младинска организација што стана едно збиралиште, меѓник на младите уметници, креативци, културни работници и активисти. Самото тоа што успеавме да се рашириме доволно за да станеме препознатлив младински колектив зборува за тоа колку на младите уметници им беше потребен простор. Просторот за промоција, афирмација, критика, креирање заедница беше потребен, сѐ уште е и постојано ќе биде – тоа ни беше првата и основна цел кога почнувавме со „Култура Бета“.
Понатаму, кога би зборувале за конкретни иницијативи, може да зборуваме за електронската платформа што ја отворивме, каде што директно и се случува таа промоција на уметничко и културно творештво што претставува и своевидна архива на уметноста на новата генерација (kulturabeta.com), потоа можеме да зборуваме за поетските читања „Поетска епизода“ и мултимедијалниот настан „Клинци“, фестивалот „Ре-култура“ во чии рамки го организиравме и донаторскиот базар на стари книги и сите останати поединечни свирки, изложби, промоции на книги и албуми, разговори со уметници кои ги имаме организирано во текот на овие пет години.
Колку искуствата што ги стекнавте ги зајакнаа вашите организациски капацитети?
– Многу! „Култура Бета“ за нас е и еден вид учење. Учење разни нешта – од организација на настан до креирање веб-страница, дизајн, нови начини на пишување итн. Но, тоа што е уште поважно е дека тоа учење е заемно, учиме едни од други и тоа секојдневно!
Каква култура сака новата генерација креативци од сите области?
– Новата генерација сака жива, вистинска и одржлива култура. Култура која е ангажирана, која е гласна, пркосна, страсна, критичка. Верувам дека секоја генерација си има таква култура.

Што ќе донесе настанот во „Буква“ со кој ќе го одбележите јубилејот?
– Настанот по повод 5-тиот роденден е во духот на заедничарењето и под мотото „Ослободи ја младинската култура“. Тоа ослободување значи повторување на потребата да се твори, да се пишува, да се чита, да се музицира, да се создава. Ослободувањето значи и заедничко вклучување во тоа творење, затоа овој пат се решивме да не направиме стандарден настан во кој ќе има читање, а потоа свирка, а паралелно на нив и изложба, туку еден „сеопшт џем“ каде што секој од публиката ќе може да учествува и да прочита или да испее песна, ќе може да свири, а наместо изложба ќе има поставено еден голем колаж кој ќе може да биде дополнет од секого.
За самиот настан да има тек и некакво загревање ги најавивме младите поети и поетеси Ивана Јовановска, Ива Петреска, Виктор Бучковски, Методија Тасевски и Јасна Трпкова, како и музичарите од нова генерација Мартин Џорлев, Дарио Циевски, Дарко Јованов, Борјан Гаговски и Ана Томашич, заедно со сите нас може да се вклучи целата публика.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 268, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 15-16.2.2025)


