Ана Пејчинова со „Избор песни“ од Радјард Киплинг / Фотографија: Наташа Атанасова

Разговор со Ана Пејчинова за поетските препеви на Руми и Киплинг: Клучот е во вистинитоста, а бравата е срцето

Поетесата Ана Пејчинова во областа на преведувачката дејност се занимава со дела што се блиски до нејзиниот дух и сензибилитет и затоа нејзиното име го сретнуваме кај песни од Руми и Киплинг препеани на македонски јазик.

Друштвото на писателите на Македонија со поетско читање со наслов „Вечер со Руми“ одбележа 817 години од денот на раѓањето на великанот на класичната персиска поезија. Руми е поет на љубовната мистика, а денес е еден од најчитаните и најцитираните поети на светот. Малкумина кај нас го препејувале неговото дело на македонски јазик, а меѓу ретките е поетесата Ана Пејчинова.

Во ДПМ се одржа вечер посветена на Руми. Каков предизвик или какво задоволство беше да се направи препев на неговите песни?

– Роденденот на великиот Руми го прославивме со јавен настан заедно со колегата Тихомир Јанчовски, а во организација на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ). Салата беше полна, а лицата насмеани. Кога со љубов се говори за светата лудост на љубењето, преплавува полет, нежност, страст и смеа. Имавме одлична публика, посебно во делот со „отворен микрофон“.

Руми почнав да го препејувам пред дваесетина години, уште кога во Македонија имаше живи блог-платформи. Мојот блог првобитно беше посветен на Руми. Препејувањето ми одеше со неочекувана леснотија: има нешто во духот на неговата поезија, во јазичните метафори и сликовитоста на песните што ми беше блиско и на мене лично и на македонскиот јазик. Беше занесно да се препејува овој поет на љубовниот занес.

Во 2010 година го заокружив препевот во електронската книга „Скапоцениот камен во водата“, која вклучи и обемна студија за Руми, со биографија, историски и културолошки контекст, како и за суфизмот, духовните практики, прашањата на светото, сексуалното, пијанството, итн. Дел од овој препев беше вклучен во „Класична персиска поезија“ (2015), во едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“, книга за која напишав и поговор за Персија.

„Вечер со Руми“ во ДПМ – Живко Грозданоски, Ана Пејчинова и Тихомир Јанчовски / Фотографија: Андреј Митевски

Поезијата на Руми премостува векови. Што е клучно за нејзиното опстојување и препрочитување до денешново време?

– Клучот е во вистинитоста, а бравата е срцето. Поезијата на Руми е првенствено духовна. Се фокусира на непосредните вистини на срцето и духот коишто овој мистички поет ги изразува толку питко и едноставно. Од друга страна, бравата во која влегува овој клуч се општочовечки теми – болки, стравови, копнежи, радости и таги кои денес нѐ допираат еднакво како што ги допирале луѓето пред многу столетија и под други поднебја.

Основата на вистинската уметност е да опстои низ времето. Каква духовност препознаваш во нашето време?

– Духовноста и уметноста не се исти категории. Понекогаш се преклопуваат, како кај Руми, но постои духовност без уметничко творештво, и уметност без свесна духовност. И двете, за да опстојат како вредност низ времето, мора да потекнуваат од и да се обраќаат кон она вонвремено јадро на единство во нас, во кое духот, осетот, мислата, срцето, телото и делото се неподелени.

Духовност постои и денес, и овде, но прашање е колку ја препознаваме. Вистинската духовност никогаш не била од јавен или популарен карактер, ниту била од голем интерес на мнозинството. Како и уметноста, и духовноста бара лични жртви. Меѓу тие жртви се и желбите за признание, популарност, моќ и финансиска сигурност.

За да ги најдеме јадрата на духовноста, мора стрпливо да трагаме по делата на често невидливи поединци што и не копнеат да бидат најдени. Така и со великите уметници: по делата ги познаваме, а не по популарноста. Тие ги подаваат своите дела кон една замислена, невидлива публика, со вера дека некој ќе ги препознае делата, додека самите често се држат на страна од вревата на толпата, од тековните афери и ловорики.

И денес, како и во минатото, има малку вистински духовници и творци, трагачи по вистината и по подлабоката стварност. И во двата света има доста површни „туристи“, а доста има и хипокризија и опортунизам. Сепак, мнозинството луѓе не ги интересира ни уметност ни духовност. И тоа е во ред – секој си има свој пат, свои избори и последици. Постои и добрина и убавина меѓу нас, која не припаѓа ни на уметноста ни на духовноста.

На полето на преведувачката дејност неодамна се појави твој препев на песни од Радјард Киплинг во издание на „Полица“. Со каков мотив и критериуми го направи изборот на песните?

– Првиот препев и инспирација ми беше познатата песна „Ако“ од Киплинг, а подоцна и неговите песни и балади за Истокот. Него го пленувале исклучителните судбини и приказни од овие егзотични поднебја, што лично ме допре. Ова се земји во кои сум живеела и патувала со години, а протагонистите на Киплинг се од племиња и народи со кои понекогаш сум се сретнувала. Читајќи ги баладите на овој автор, јасно можев да ги осетам мирисите, да ги видам пределите, да ги чујам звуците и џагорот сплетени во песните. Блискоста на искуствата ми ја направи препејувачката работа поверна и драга.

Радјард Киплинг е вистинско (пре)откритие денес: постојано изненадува, и тематски и идејно. Мајстор е на стихотворството, со осет за добра приказна, живи ликови, благ или брутален хумор, жален и храбар и ведар, полн со срце и во најблагородни и најцрни дела.

Киплинг има огромен опус. Кога избирав што да препеам, проценував дали песната е релевантна и денес од некој свој историски или уметнички аспект. Исто беше пресудно и колку добро препевот „легна“ на македонски. Не беше лесен препев, траеше повеќе години, бидејќи речиси сите песни се во цврст ритам и во рима. Но, длабоко уживав во работата: беше тоа мој личен потфат, од ентузијазам, без притисок на крајни рокови, амбиции, издавачи или очекувања на некаква награда. Драго ми е што печатената книга се продава, а електронската книга бележи веќе 130 преземања за последниве седум месеци, што значи дека поезијата се чита.

„Вечер со Руми“ во ДПМ – Тихомир Јанчовски и Ана Пејчинова / Фотографија: Андреј Митевски

Колку духовната зрелост на препејувачот е важна во пренесувањето на македонски јазик на поезијата на одреден автор?

– Склоноста кон духовност на препејувачот се чини неопходна за успешно да се нафати со препев на духовна поезија. Не знам дали сум доволно „духовно зрела“ за да го препејувам Руми, но го препејував од љубов, со искрена страст, и тоа ми е доволно оправдание!

Духовната зрелост не е лесно ни да се дефинира ни да се одреди. Нема објективно мерило за зрелост освен личниот интегритет: дали она што човек го прави (делото, зборот) е во склад со она што искрено го чувствува и верува. Зрелоста е патоказ, а не одредиште. На крај, никој не е целосно духовно зрел, а сите одиме по тој пат, волно или не, со или без свест дека сме на духовен пат. Вистинското внатрешно спознание носи чувство на кроткост, на совршено-несовршена малечкавост среде бескрајна убавина. Во вакво занесно чувство се вронував додека го препејував Руми. Се надевам дека и читателите вака се чувствуваат додека го читаат Руми на македонски јазик.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 250, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 5-6.10.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот