Разговор со Ана Левајковиќ Бошков, актер-првенец во ТДМ: Срце отворено како дланка
На сцената во Театарот за деца и младинци актерката Ана Левајковиќ Бошков на 24 декември ќе одбележи три децении посветени на најискрената публика, а јубилејот ќе помине во знак на претставата „Црвенкапа“.
Препорачано
Актерката Ана Левајковиќ Бошков во Театарот за деца и младинци во Скопје е вработена од 1995 година, досега остварила 56 улоги во различни претстави, а со претставата „Црвенкапа“ годинава ја надмина бројката од 300 изведби.
Во една година ти се случија два големи јубилеја – 30 години актерка во ТДМ и повеќе од 300 изведби на „Црвенкапа“. Со какви емоции те исполнуваат овие бројки?
– Кога ги гледам бројкиве, искрено ми навираат спомени и измешани чувства. Тоа не се само бројки на хартија, тоа е мојот живот, мојата младост, моето созревање, мојата посветеност, љубов и упорност. Чувствувам лична и бескрајна поддршка од мојот универзум, што ми дава сила и здравје да се соочам со сите предизвици што јас ги гледам како привилегија, но изразувам и бескрајна благодарност на публиката што ме чува сите овие години. Емоциите се измешани: има солзи, и радост, и среќа, но и носталгија за почетоците, но најмногу има љубов. Да се биде 30 години на сцената на ТДМ не е само работа, тоа е чест, тоа е благослов.
А „Црвенкапа“… таа е еден од моите театарски „животи“. Секоја од тие 300 изведби е посебна приказна, посебен здив. Се чувствувам богата, но не материјално, туку духовно, преполна со спомени, а емоцијата што ми ја предизвикува оваа претстава е потврда за мојот професионален избор, но пред сè, чувство на исполнетост дека сум останала доследна на она што сум го избрала како животен повик – да бидам дел од убавата страна на детството на многу генерации. И навистина, се надевам дека мојата мисија се исполнува секој ден со секоја одиграна претстава.

Во Театарот за деца и младинци се подготвуваат претстави за најважната публика. Што за еден актер значи во својот живот целосно да биде предаден на најпребирливата и најискрена публика?
– Од една страна, некој би рекол: „Ох, па тоа е многу лесно и наивно“, но да се создаде претстава за деца значи да имате срце отворено како дланка. Децата се мали луѓе, но со големи и чисти души. Тие не бараат совршенство, туку бараат вистина. Да им се предадеш значи да ја соблечеш секоја маска на возрасен и да дозволиш твоето внатрешно дете да игра заедно со нив. Тоа е најчистата љубов што постои.
Кога играм за нив, јас не глумам – јас со нив споделувам тајни, стравови и радости. Таа предаденост ме направи подобар човек. Ме научи дека најважните работи во животот се невидливи за очите, точно како што вели Егзипери во „Малиот Принц“ – „Најубавото се гледа само со срцето, тоа е невидливо за очите“. Тие ме научија на понизност и на безусловна искреност.
Со над 300 изведби и над две децении на сцената каква е заемната релација помеѓу Ана и Црвенкапа? Кој со кого растеше, созреваше и опстои како автентичен лик од приказните?
– Ох, Црвенкапа и јас сме како две сестри што не можат една без друга. Можеби звучи чудно, но мислам дека таа мене ме чуваше повеќе отколку јас неа. Кога надвор светот стануваше сив и валкан, јас ја повикував Црвенкапа и заедно го посетувавме нејзиниот свет каде добрината секогаш победува. Јас ѝ позајмив глас и тело, но таа ми ја сочува невиноста во душата. Јас растев, созревав во животот, станував мајка, а таа во мене остана вечно млада, потсетувајќи ме дека радоста нема рок на траење. Ние сме едно – таа е мојата искра, а јас сум нејзиниот дом и додека ја играм времето застанува. Таа опстојува како автентичен лик токму затоа што јас никогаш не ја изиграв „механички“, туку секогаш одново ја проживувам нејзината наивност и храброст.

Во професионалната театарска биографија се запишани 56 претстави во кои си учествувала. Какво богатство за тебе се сите ликови што си ги одиграла на сцената?
– Секој лик е едно парче од мојата душа кое сум го оставила на сцената. Тоа се моите „скриени деца“, тоа се моите посебни искуства. Некои од нив се тажни, некои радосни, некои храбри, а некои се плашливи… и секој од нив ме научил по нешто за мене самата. Тоа богатство е немерливо, тоа се тие тивки моменти кога знам дека преку некој лик сум поттикнала емоција кај секое дете или родител во публиката. Тоа е моето емотивно богатство. Кога ќе погледнам наназад, не ги гледам улогите како список, туку како галерија полна со драги пријатели со кои сум ги поминала овие 30 години.
На кој начин љубовта што ја носиш кон детскиот театар им ја пренесуваш на колегите во ТДМ?
– Со позитивен пример и со енергија. Театарот е колективна игра, тука нема место за индивидуалност ако сакаме добра претстава. Се трудам мојот ентузијазам да биде заразен, и од искуство велам: Сакајте ја професијата, така ќе ја добиете љубовта од децата, и тие ќе ве направат вечни во нивните спомени.

На кој начин децата што ги гледаат претставите во кои учествуваш возвраќаат на таквата љубов?
– Нивната љубов е најсилниот лек на светот. Нема поубаво чувство од тоа, кога по претстава некое дете ќе пријде да ве гушне, кога ќе ви каже дека сте му го разубавиле денот, или кога (сега веќе често) родителите ќе ми кажат: Јас растев со вас, а сега и моето дете.
Дали има план за одбележување на твојот 30-годишен јубилеј во ТДМ?
– Најискрено, мојата најголема прослава е секојпат кога ќе се крене завесата. Но, најдобриот начин да се прослави актерски јубилеј е таму каде што сè започна – на театарска сцена. Планираме одбележувањето да биде во знакот на театарската игра, со изведба на претстава, токму „Црвенкапа“ на 24 декември, се разбира во кругот на моето најголемо семејство – мојата верна публика, децата посетители на Театарот за деца и младинци, и секако со моите драги колеги и со моето потесно семејство.
Посакувам тоа да биде вечер на благодарност, не на глорификација, за да си споменеме за сè што поминавме и да си посакаме уште многу игри. Најважно ми е да бидам опкружена со луѓето што ги сакам и со децата, бидејќи без нив, овој јубилеј не би постоел. За мене секоја нова претстава е мала прослава на овој јубилеј, но сигурно ова е момент кога ќе наздравиме за овие три убави децении.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 312, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-21.12.2025)


