Фото: Приватна архива

Разговор со актерката Јана Стојановска: Не глумев поради нарушеното здравје на син ми кој е роден во седмиот месец

Јана за првпат во јавноста зборува за секојдневието со синот и вели дека е среќна што преку групите „Скопје виа“ и „Винтиџ мун бенд“ во кои е вокал, живее нејзината љубов кон музиката. Таткото на Ненад, кошаркарот Андрија Бојиќ, во моментов игра и живее во Ниш.

Синот Ненад, кој е предвремено родено дете со нарушено здравје, но со исклучителен музички талент, е причината што актерката Јана Стојановска е помалку активна во својата професија. Шармантната глумица вели дека поради здравствената состојба на синот што не сака да ја нагласува, во последниве шест години не може да си дозволи подолга проба или филмски сет, зашто грижата за синот не сака да ја препушти на друг.

Сепак, Јана наоѓа среќа и мотив во талентот на шест и полгодишниот Ненад, кој на 4 години почнал да поврзува акорди по слух, а денес одлично свири пијано.

Јана за првпат во јавноста зборува за секојдневието со синот и вели дека е среќна што преку групите „Скопје виа“ и „Винтиџ мун бенд“ во кои е вокал, живее нејзината љубов кон музиката. Таткото на Ненад, кошаркарот Андрија Бојиќ, во моментов игра и живее во Ниш.

– Предизвикот е сериозен како што е секое прво мајчинство, едно сосема ново искуство, различно од сѐ досега, комплетна лудост од замор, страв, претерана грижа и страшна љубов. Со тоа што кај мене се оддолжи шест години. Предизвиците околу неговото здравје поврзани со, пред сѐ, неговото предвремено раѓање, ме натераа да одлучам да не работам ништо. Мислам, одлучив. Не ни можев поинаку затоа што тоа што се случуваше, бараше постојан надзор. Не можев да си дозволам четири часа проба или осум часа филмски сет без да го видам, не верував никому освен себеси и знам сигурно дека нему му требав токму јас. Интензивното мајчинство кај другите деца трае три-четири години, кај мене на некој начин сѐ уште трае – вели Јана Стојановска.

Фото: Приватна архива

Затоа актерката решила да се фокусира на музиката и посветено го развива талентот на синот.

– Ненад кога имаше четири години, почна полека да врзува акорди за сега да свири по слух како студент по музика, свири одлично. И така некако заедно се свртевме кон музиката. Едноставно немам време за друго. Му благодарам на Бога што наидовме на луѓе што имаат трпение за моето време и заедно максимално го користиме потенцијалот. Еве, со Мишел Трајковски веќе имаме два заеднички музички проекта – бенда. Едниот е „Скопје Виа“ кој е џипси бенд и има една своја авторска песна и „Винтиџ мун бенд“ со кој свириме евергрини од винтиџ Холивуд и имаме една своја песна, „Весникот“. Се отвора и се развива приказната сама, јас само не се опирам, давам сѐ од себе да ги следам знаците од режисерот, не форсирам и благодарна сум до небо за тоа што ми е дадено. Ненад ги свири сите песни од двата репертоара и плус сите песнички од „Златно славејче“ – раскажува актерката.

Во јуни во 2019 година, Јана се омажи за црногорскиот кошаркар Андрија Бојиќ, кој во тоа време играше во скопскиот клуб МЗТ.

– Андрија е одлично, во моментов игра во Ниш, се дружи со Ненад во секоја можна пригода и се сакаат многу – вели актерката, која со синот живее во Скопје.

Фото: Приватна архива

Ненад е роден на 31 август во 2019 во Букурешт, Романија, во седмиот месец, откако сосема неочекувано, два месеца пред терминот за породување, на Јана ѝ пукнал воденикот.

– Ненад се роди во седмиот месец, во Букурешт, во Романија, во 12:52. Јас сакав неконвенционално име, нешто да е единствено, а Андрија се држеше за глава: „Јано, те молам само барем уште некој да се вика исто така“. И проблем, не можевме да се договориме долго време. Еден ден по неколку месеци ми рече: „Знам! А, што мислиш да се вика Ненад?“ И ме „штрекна“ некако. Мене името Ненад ми е врзано за мојата прва голема љубов и мојата прва трагедија, траума и едно поглавје затворено. И како што ме гледаа луѓето кога почна стомакот да ми расте: „Е, Ненад, мал Ненад!“ Си реков: „Добро, ај нема да се вика Ненад“. И кога се роди порано, 12:52, реков во ред, Ненад, ќе се вика Ненад, и не се случи ни еден ден досега да зажалив – вели актерката.

Нејзиниот татко, легендарниот актер Ненад Стојановски, почина кога Јана имаше 13 години, во 1998 година, а сестра ѝ, актерката Ана Стојановска – девет. Двете сестри станаа успешни актери на татко им и на мајка им, Силвија Стојановска. Раде Шербеџија е нивниот стар семеен пријател, а Јана е со него посебно поврзана и е редовна гостинка на неговите концерти.

– Раде Шербеџија е мој веќе долгогодишен пријател и еден од најдрагите и највредните пријатели што ги имам, особено поради тоа што Раде, кога не е на сцената, е еден прекрасен, емпатичен, родителски внимателен за мене, пред сѐ, ментор чии совети ми се драгоцени. Досега не сум слушнала никој да каже лош збор за него, дали приватно или зад кулисите, или од колеги или на сет или дури и од луѓе што случајно го запознале и му пришле. Достоинствен човек што стои цврсто на земја со сиот свој сјај и тежина. Најмногу нѐ поврзува хедонизмот, љубовта кон театарот, филмот и музиката. Нѐ поврзуваат и долгите дебати за ликови од класичната драматургија, кој како пристапил кон одредена улога. Имаме пријатни и конструктивни дебати на различни теми. Има едно семејство големо, огромно, семејство на глумци од Југославија, кое иако Југославија веќе не постои, тоа постои, и Раде и јас сме дел од тоа големо актерско, филмско, драмско семејство, овде на Балканот. Драгоцено семејство што дава чувство на препознавање, топлина и сигурност секаде низ поранешна Југославија – додава актерката и вели дека и со тие актери со кои не се знае лично, се препознаваат преку ТВ.

Фото: Стефан Рајхл

На Јана ѝ е особено драго затоа што е насочена кон како што вели, нејзиниот досега притаен талент за музика.

– Интересно е колку ме прави да се чувствувам жива и среќна кога се остварувам музички без разлика дали е тоа на сцена или во некоја авторска, творечка ситуација. Имам огромна среќа што конечно сум опкружена со луѓе од музичкиот свет и можам да се развивам во овој, за мене, секогаш интригантен свет. Од мала пишувам текстови, поезија, пишувам и музика до таму до кај што сум била вешта во музиката и благодарна сум што ми се отвори ова поглавје во животот. Сите музички проекти засега ги работам со Мишел Трајковски, со многу доверба кон овој наш млад виртуоз. Заедно создадовме еден џипси бенд, се вика „Скопје Виа“ и одговорно тврдам дека може да „плива“ рамо до раме со најдобрите и најспретните мали оркестри од целиот свет. Со нас свири внукот на стариот Хилми Баки, кој беше шеф на чалгискиот народен оркестар во МРТ. Сериозни виртуози во бендот. Јас некогаш не можам да играм толку брзо колку што свират. „Скопје Виа“ досега има еден хит „Под ова небо“, а во јануари ќе излезе песна во соработка со Раде Шербеџија, преработка на песната „Кад умре љубав“ во која пееме Раде и јас, а свират музичарите на „Скопје Виа“. Аранжманот е на Мишел Трајковски – вели Јана.

Таа со љубов зборува и за другиот нивен проект „Винтиџ мун“ и со музиката од стариот Холивуд: Дорис Деј, Френк Синатра, Дин Мартин и дел од македонските евергрини заедно со танчари и одлични музичари. За авторската песна „Весникот“, Јана вели дека снимиле одличен филмски спот.

Фото: Приватна архива

Во регионот, актерката стана позната по серијата „Сенки над Балканот“ на Драган Бјелогрлиќ, играјќи ја Јована, сестрата на Дамјан Хаџи-Арсов, кој го глуми Тони Михајловски.

– Серијата ми ја врати самодовербата што ја имав загубено тука, во Македонија. Ние глумците сме емотивни, чувствителни, отворени на еден посебен начин што нѐ прави особено ранливи. Нас нѐ бираат, за да работиме, треба некој да нѐ земе. Мојата самодоверба се врати со моето прво посериозно остварување пред камерите токму во „Сенки над Балканот“. Со таа улога ги собрав првите одлични критики во регионот и веднаш добив важна улога во серијата „Конак код Хилмије“ каде што ја играв љубовта на Тито – Даворјанка Пауновиќ. По таа улога забременив и моите можности отидоа во еден друг правец – вели актерката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот