Разговор со Адријана Данчевска и Дејан Битровски: Кореографија значи споделување на искрени нешта

Скопје танцовиот театар пред неколку денови успешно го заокружи својот репертоар за оваа година, во која повеќепати на сцената можевме да ги видиме танчарите и кореографи Адријана Данчевска и Дејан Битровски.

Двајцата млади танчари Адријана Данчевска и Дејан Битровски своето образование за современиот танц го стекнуваат во Скопје танцовата академија, а потоа стануваат и дел од ансамблот на Скопје танцовиот театар, каде што уметнички директор е македонската кореографка Рисима Рисимкин.

Покрај играњето во повеќе претстави на танцовиот театар, Данчевска и Битровски со текот на времето појавуваат желба и за креација на перформанси со своја кореографија. Двајцата досега имаат неколку свои кореографии, а во текот на оваа година на „Танц фест Скопје“ премиерно ги изведоа и перформансите „Не ми ги допирај очите“ со кореографија на Адријана Данчевска и „Ѓаволска дупка“ на Дејан Битровски.

Двајцата сте дел од Скопје танцовиот театар, но поставувате и перформанси во своја кореографија. Кој е клучниот чекор еден танчар да стане и кореограф?

Данчевска: Не сум сигурна дали има еден единствен клучен чекор. Не сите танчари сакаат да кореографираат и се пронаоѓаат во таа улога. Но оние што имаат малку поинакво гледиште кон движењето (освен способностите на телото и физичката техничка изведба), оние што го негуваат својот креативен порив и работат на своите идеи, доаѓаат до создавање на одреден кореографски текст. Тригерот за создавање танцово дело е личен нагон и потреба да се сподели одредена енергија. Некогаш апстрактна сценска слика, некогаш конкретна и наративна. За мене, кореографија значи споделување искрени нешта.

Битровски: Во нашата професија некако редоследно се случуваат тие работи, но не секој има желба и мотив да креира и кореографира свои дела. Лично, јас од секогаш сум сакал да создадам нешто коешто е мое чувство, став или мислење од разни аспекти и, секако, да се изразам креативно. Пред сѐ, потребно е школување, искуство, менторство и соработка со голем број луѓе и проекти за да имате доволно алатки да можете да создадете една претстава или перформанс.

Колку во правењето на вашите чекори ви помогна школата, професионализмот и искуството на професорката и кореографка Рисима Рисимкин?

Данчевска: Рисима игра голема улога во моето созревање, како личност, најпрво, потоа и како танчар и кореограф. Рисима е силна, прва, бестрашна, инспирација. Во Скопје танцовиот театар и Скопје танцовата академија јас сум од самите почетоци и сум дел од сите моменти на развој на современиот танц кај нас во последниве 10 години. Ова значи и дека работев со сите имиња некогаш поврзани со нашиот театар/академија, а тие се, нескромно, врвни уметници, танчари и педагози, кои се од особено значење за сѐ ова што денес го уживаме во областа на современиот танц во Македонија. Соработката со Ротердамската академија за танц „Кодартс“, „Скапино“ од Холандија, семинарите во Сузан Делал од Израел, „Син артс“ од Унгарија, „Танц Прага“ итн. се дополнително заслужни за мојот развој како танчар и кореограф.

Битровски: Па, тоа е пресудно, бидејќи квалитетната едукација и можност за работа на разни проекти со голем број домашни и странски кореографи и режисери во Скопје танцовиот театар придонесува да бидеме она што сме денес. Професионализмот, структурата, поставеноста на работата и сѐ она што сме го изучиле претставува основа за надградба на сѐ она што понатаму ќе го постигнеме во кариерата.

Танцовиот перформанс „Не ми ги допирај очите“ со кореографија на Адријана Данчевска зборува за македонската политика / Фотографија: Драган Перковски

Годинава повеќепати го изведовте танц-перформансот „Не ми ги допирај очите“. Како беше создадена таа претстава?

Данчевска: Импулсивно. Јас како личност што има реална аверзија од целата политичка ситуација во оваа земја, се затекнав себеси во момент кога сакав да кажам нешто околу тоа. Во секое претходно сценарио би го игнорирала овој порив, но „Не ми ги допирај очите“ зборува за македонската политика, се поистоветува со човекот во Македонија и ги нагласува сите лаги и ветувања на македонскиот политичар. „It’s funny, until it’s not“. Текстот што го користиме е извадок од неколку говори „изведени“ на митинг. Дејан е оној што е главната инспирација во создавањето на оваа иронична, на моменти тажна реалност.

Перформансот „Ѓаволска дупка“ во кореографија на Дејан Битровски е создаден како уметнички став за општествените (не)прилики / Фотографија: Драган Перковски

Со „Ѓаволска дупка“ Дејан Битровски прави чекор понатаму и танцот на моменти преминува во кореодрама. Колку преку танцот може да се изразат ставови за општествената реалност?

Битровски: Секогаш сум пробувал да употребам повеќе медиуми за да го искажам својот став и го пренесам на публиката и, секако, да се осврнам на животот и сите општествени прилики и неприлики. Сметам дека секој уметник треба и мора да биде дел од своето опкружување и да придонесе со своите дела, да биде вклучен во животот во својата заедница. Уметноста треба да покренува дебата и да влијае врз секојдневието на секој човек.

Во режија и кореографија на Адријана Данчевска го направивте филмот „Дома“, во кој се чувствува згусната танчарска енергија на повеќе танчари. Како резултат на каков процес се појави филмот?

Данчевска: „Дома“ ми е едно од поомилените дела. Раскажувам еден сон, една моја приватна приказна што ја претворам во фантазија и оставам простор да се доживее на повеќе начини. Има одредени личности со кои се разбираш без многу зборови. Токму тоа се случи помеѓу мене и уметницата Ивана Мојсовска, која работеше директно врз создавањето на генералната визуализација и е во тесна поврзаност со целокупната реализација на костимите и постпродукцијата. Иако целиот процес се случуваше во време на пандемија, успеав да вклучам луѓе од различни области и секој еден од нив на свој начин, несебично ја сподели својата магија. Ивана Мојсовска, Наталија Теодосиева, Дејан Битровски, Анастасија Данчевска, Виктор Филиповски, Марко Марјановиќ, Тео Ангеловски, Сара Цветковска, Филип Петковски, Иван Ангелковски, Стела Поповска, Рената Несторовска, Александра Велкова. „Дома“ е, всушност, прв македонски танцов филм и сум многу горда на него.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 110, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19 декември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот