Расте бројот на ковид-случаи во Македонија – 116 за една недела

Од 29 јули до 4 август во Институтот за јавно здравје тестирани се 342 материјали за ковид 19 и регистрирани се 116 нови позитивни случаи, потврдуваат за „Слободен печат“ од Одделот за епидемиологија на заразни заболувања при Институтот. Споредено со неделата пред тоа, направени се за 30 проценти повеќе тестирања, а бројот на позитивни резултати пораснал за 48,7 проценти, односно од 78 пораснал на 116 позитивни резултати.

Процентот на позитивност се движи од 17,6 проценти до 43,8 проценти, просечно 32,3 проценти. Регистрирани се заболени лица во општините од 7 градови. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје каде има 61 заразени, а највисоката инциденца е регистрирана во Кавадарци и изнесува 58,2 на 100 илјади жители.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, со најголем број на случаи пријавени во возрасната група над 60 години, односно 32 лица. Со статус оздравени се стекнале 77 лица. Не се пријавени починати лица.

Се препорачува следење на основните мерки за превенција на ковид-19 и останати респираторни заразни заболувања, а при појава на симптоми, јавување на матичен лекар или инфектолог за дијагностика и третман на заболувањето, велат од Институтот за јавно здравје.

Светската здравствена организација алармираше дека бројот на заразени повторно расте низ целиот свет. Оттаму ги повикаа властите да ги засилат кампањите за вакцинација, посебно за ризичните групи односно хронично болните и повозрасните граѓани. СЗО има информации дека процентот на позитивни тестови се зголемил во 84 држави, а дека во Европа процентот на позитивност е над 20 проценти.

-Загриженa сум. Не седиме тука обидувајќи се да зборуваме базирано на страв. Не се работи за сценарија. Како поединци, важно е да преземаме мерки за да го намалиме ризикот од инфекција и тешка болест, вклучително и да се осигурате дека сте примиле доза на вакцинација против ковид 19 во последните 12 месеци, особено ако спаѓате во ризична група – изјави доктор Марија Ван Керхове од СЗО.

За лицата со придружни болести се препорачува да не остануваат во затворени простории со голем број луѓе, просториите често да се проветруваат и да се носи маска.

Интересот за вакцинација во Македонија е мал, но Министерството за здравство во септември ќе добие нова пратка вакцини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот