Раскол во Беса: Арианит Хоџа пред одлука за фракција или нова партија

Аријанит Хоџа / Фото: МИА

Фракција во Беса или нова партија е на повидок откако заменик претседателот Арианит Хоџа и официјално потврди дека не се согласува со политиките на лидерот на партијата Билал Касами за опозициска соработка со Алтернатива и со новото движење предводено од „огнениот“ Изет Меџити, потврдуваат за „Слободен печат“ поддржувачи на Хоџа.

Откако се интензивираа средбите помеѓу Касами, престедателот на Алтернатива Африм Гаши и Меџити за формирање на опозициски фронт со намера да ја урнат ДУИ од власт, Хоџа вчера преку Фејсбук се огради од позицијата на лидерот на Беса.

„Почитувани активисти, поддржувачи, симпатизери и сите вие кои во овие години бевте сопатници на нашето политичко патување. Дозволете ми преку оваа објава да ве информирам дека од денеска целосно се оградувам од политичките дејства во т.н. ‘опозициски блок’ оценувајќи дека главните актери, носители на оваа иницијатива немаат за цел политичка ротација, туку едноставно ‘перење’ на политички фигури кои недалеку од денес, беа токму актери за одржување на актуелната власт на Албанците и ја спречија ротацијата во таборот на Албанците. За деталите околу политичките убедувања и луѓето кои делат исто политичко мислење со мене, ќе vе информираме преку јавен настап во текот на оваа недела“, напиша Хоџа на Фејсбук.

Според објавите на Фејсбук за поддршка на заменик претседателот, со Хоџа се и пратеникот од Беса Басри Бајрами и Ваљон Бела. Партиски извори брифираат дека Хоџа има поддршка во Скопје, Куманово, Липково… Засега не откриваат дали првично ќе дејствуваат како фракција во Беса по урнек на „огнените “ во ДУИ или ќе пристапат кон формирање на нова партија. Од таму велат дека вечерва треба да оддржат состанок со раководствата на седум ограноци по што ќе решат дали ќе бидат фракција или ќе продолжат како самостојна политичка формација. Извесно е и дека Басри Бајрами деновиве ќе го информира претседателот на Собранието Талат Џафери дека ќе дејствува како независен пратеник. Ако ова се реализира, Беса ќе остане само со пратеникот Фадил Зендели.

Од друга стран,  според најавите, се очекува нова пратеничка група во Собранието да формираат Беса, Алтернатива и „огнените“ на Меџити, но можно е од Алтернатива да не им се приклучи пратеникот Хусни Исмаили. Меџити иако најави се уште тој, пратеничката Мерита Коџаџику и независниот пратеник Кастриот Реџепи не доставиле до Џафери дека ќе дејствуваат како независни пратеници.

Слободен печат“ веќе објави дека новото движење на Меџити може да предизвика нови потреси во албанскиот опозициски блок и дека неодамнешниот договорот за соработка помеѓу Беса на Касами и Алтернатива на Гаши, предизвика несогласувања во Беса.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот