Меџити раскрсти и со Ахмети и со дел од „огнените“: Новото движење навестува турбуленции во албанскиот опозициски блок

Фото. Фејсбук Изет Меџити

Движењето што го формира „огнениот“ Изет Меџити навестува турбуленции на албанската политичка сцена – или ќе се создаде силен опозициски фронт, кој ќе ѝ се спротивстави на ДУИ, или ќе се дорасцепка опозицијата во албанскиот блок партии.

„Огнениот“ Изет Меџити попладнево ќе ги почна активностите за формирање ново политичко движење, со цел обединување на албански опозициски блок, додека неговите соборци од „огнената“ група Блерим Беџети, Муса Џафери и Невзат Бејта продолжуваа да дејствуваат како фракција во рамките на ДУИ. Движењето на Меџити навестува нови турбуленции на албанската политичка сцена во пресрет на парламентарните избори – или ќе се создаде силен опозициски фронт, кој ќе ѝ се спротивстави на ДУИ, или ќе се дорасцепка опозицијата во албанскиот блок партии.

Новото движење ќе се официјализира вечерва, по средбата на Меџити со структури на „огнените“, откако ДУИ не ја призна фракцијата и фракционерите ги исклучи од партијата. Идејата фракцијата да прерасне во самостојно политичко движење предизвика раскол меѓу „огнените“.

Меџити за „Слободен печат“ вели дека откако ДУИ ги исклучи од партијата, враќање назад нема и дека логичен потег е да формираат ново движење. Засега не одлучиле како ќе го именуваат, но целта ќе биде враќање и реализација на првичните принципи на ДУИ од кои партијата на Али Ахмети „забегала“.

– Не ги слушаа нашите барања за реформи на ДУИ, не прифатија фракција во рамките на партијата, нè исклучија од сите партиски органи и логично е да формираме движење. Јас сум консеквентен уште од почетокот на дејствувањето на „огнените“. Немаме дилеми дека фракцијата треба да прерасне во движење, тие што имаат дилеми нека објаснат зошто се против. Првично се определивме за оваа форма бидејќи сметаме дека на граѓаните преку глава им е од партии. Целта е обединување на албанскиот опозициски фронт – изјави Меџити за „Слободен печат“.

Тој вели дека нема мотив да остане во ДУИ сега откако партиски функционер е на црната листа и откако секојдневно ДУИ се соочува со нови скандали.

За обединување на албанскиот опозициски кампус веќе имало контакти и средби помеѓу Меџити и лидерите на Беса и на Алтернатива, Билал Касами и Африм Гаши. Меџити вели дека вратата за соработка е отворена и за Алијанса за Албанците, но дека партијата на Арбен Таравари треба да реши дали за изборите ќе се приклони кон власта или кон опозицијата. Меџити очекува притисоци од ДУИ за да го попречат дејствувањето на новото движење, но притисоците нема да бидат нешто што не се случувало и досега.

Тој вели дека е битно албанската опозиција да се обедини и дека помалку важно е дали тој, Касами или Гаши ќе го предводат опозицискиот фронт. По формирањето на новото движење неделава не се исклучува средба помеѓу Меџити, Касами и Гаши.

– Здраво за демократијата е да има силен и обединет опозициски фронт. Не е прашање кој ќе го предводи фронтот. Ќе ги надминеме суетите, важна е целта – врли Меџити.

Тој е уверен дека за новото движење ќе застанат повеќето од поддржувачите и структурите на „огнените“, односно дека освен од Чаир, поддршка има од цела структура во Гостивар, меѓу кои се разрешениот заменик-министер за одбрана Башким Асани, потоа Саранда Имери…

По разидувањето на „огнените“ нема комуникација меѓу Меџити од една и Беџети, Џафери и Бејта од друга страна.

– Меџити тргна по друг пат. Не ни беше агенда да правиме движење, туку да ја реформираме ДУИ. Друга работа е ако Меџити се координира со други партии, со ВМРО-ДПМНЕ, Беса и ако спроведува туѓа агенда – велат противниците на новото движење.

Тие прашуваат како Меџити ќе предводи опозициски фронт кога сè уште не го формирал движењето и дека Касами и Гаши нема нему да му ја препуштат лидерската позиција.

Од друга страна, новото движење на Меџити може да предизвика нови потреси во албанскиот опозициски блок. Неодамнешниот договорот за соработка помеѓу Беса на Касами и Алтернатива на Гаши, предизвика несогласувања во Беса. Неофицијално, разидувања има помеѓу претседателот Касами и заменик-претседателот Аријанит Хоџа, бидејќи соработката со Алтернатива го исфрла од игра Хоџа како евентуален носител на листа во првата или во втората изборна единица, кое според договореното, ќе ѝ припадне на Алтернатива. Со ова, освен Хоџа не се согласува и пратеник од Беса и го кочи создавањето пратеничка група во Собранието помеѓу Алтернатива и Беса. Засега нема потврда дали ќе се разидат Касами и Хоџа, што би ја ослабнало Беса во Скопје.

Независниот пратеник и поранешен алтернативец Скендер Реџепи допрва ќе вага како ќе се позиционира за изборите.

-По отчетот што го дадов пред граѓаните, со структурите ќе организираме народен конгрес на којшто ќе одлучиме како понатаму, односно дали на изборите ќе настапиме во коалиција со друга партија или самостојно – ни изјави Реџепи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот