Советот за безбедност на ОН бара итна истрага за откриените масовни гробници во Газа
Целосна истрага за масовните гробници откриени во близина на болниците во Појасот Газа, побара денеска Советот за безбедност на Обединетите нации.
Препорачано
Советот за безбедност на ОН повикува на итна, независна, сеопфатна, транспарентна и непристрасна истрага за масовните гробници откриени покрај здравствените установи Насер и Ал Шифа во Газа, се вели во соопштението на британската мисија во ОН, во кое се додава дека „мора да има одговорност за кршење на меѓународното право“.
Гробници со неколку стотици тела беа откриени во близина на болниците Насер во Кан Јунис и Ал Шифа во градот Газа во последните недели, а канцеларијата на Високиот комесаријат на ОН за човекови права објави дека некои тела биле пронајдени со врзани раце, пренесува агенција ДПА.
Болниците и другите здравствени установи имаат право на посебна заштита според меѓународното хуманитарно право.
Израелската страна ги отфрла како неосновани обвинувањата дека израелските сили ги закопале телата на Палестинците.
Според израелските власти, израелските војници штотуку ги пребарале гробниците во потрага по израелски заложници.


