Рап-поезија: Храброст е да се биде интимен и искрен

Раперот Мартин Милев, познат под уметничкото име Мартикс, открива детали за својот прв албум, неговата лична приказна, поетската димензија на текстовите и рапот како израз на светот околу него.

Бунт, гнев, несигурност, неправда, но и надеж се емоциите преточени во првиот соло албум на Мартин Милев, познат како Мартикс. Овој млад рапер од Кочани настапува речиси цела деценија, a првите демо-снимки ги прави уште на 14-годишна возраст.

Студент е на Катедрата по општа и компаративна книжевност, па неговите текстови често имаат поетска димензија. Првиот соло албум „neverAmore!“ го објавува минатата година, а насловот е спој од зборот „амор“ и од познатиот стих „Nevermore“ од „Гарванот“ на Едгар Алан По.

– „neverAmore!“ е албум што го креирав подолг период, а потребното време за изработка го бројам од моментот кога сите расфрлани текстови и идеи ги склопив во концепт и одлучив дека е време за првиот соло албум. Го објавив на 23 години, но содржи текстови што се напишани поодамна. Интересно е тоа што песната „Црни мугри“ е напишана на 17 години, па така растејќи заедно со албумот, сфатив дека не треба да ја доработувам, само треба да го земам детето заедно со мене и да му го дадам просторот што тогаш го немал – вели Милев.

Со албумот „neverAmore!“ сакав секој слушател да го пуштам да влезе преку куќниот праг

Врската со хип-хоп културата е главен дел од секојдневието на Милев. Сепак, освен рап, слуша и трипхоп, џези хоп, пост панк и стон/дум метал.

– Пред некое време дознав дека од првиот настап поминале девет години и посебно ме радува фактот што уште на 14-15 години сум ја имал потребата да споделам нешто мое, да пренесам нешто лично. Желбата да истражувам и да „копам“ низ музиката различна од мојата сигурна зона, индиректно многу ми помогна околу пристапот и острењето на зборот – појасни Милев.

Она што е впечатливо кај овој уметник е дека неговите хип-хоп текстови имаат и поетски пристап, за кој вели дека е резултат на неговата страхопочит кон големината и моќта на зборот.

– Сакам да покажам дека да се биде интимен и искрен е храброст, дека рапот може да биде многу повеќе од војување со имагинарни непријатели. Затоа со „neverAmore!“ сакав секој слушател да го пуштам да влезе преку куќниот праг. Сакав да бидам храбар токму затоа што ќе можам да се прикажам и кршлив и слаб, да ја дадам мојата лична приказна во која многу луѓе ќе успеат да ја пронајдат и сопствената. Бунтот, гневот, несигурноста, неправдата, надежта и сѐ што е дел од мојата приказна, сепак, е дел и од колективната. Во сите лични приказни има нешто што е сечие, а во сите измислени приказни има дел од нас. Мислам дека приказните се лични само кога стојат во фиока, потоа ги пуштаме да бидат сечии – смета Милев.

Во сите лични приказни има нешто што е сечие, а во сите измислени приказни има дел од нас

Кога сме кај рапот денес, тој смета дека ставот „Rap was better before“ (рапот порано беше подобар) е неблагодарен кон артистите што заземаат посериозен и едукативен пристап кон темите, но и многу позрел и комплетен пристап во инструменталниот дел.

– Она што ми е многу важно е тоа што сега рапот сѐ почесто е во соработка со другите уметности, а квалитетниот звук успеа да влезе и во мејнстримот. Сите древни народи кои верувале во Златна доба ја сфаќале како круг, дека тоа е нешто што доаѓа и си оди и мислам дека тоа ни е потребно и сега. Треба да веруваме дека новата Златна ера на хип-хопот повторно ќе дојде, а до тогаш важно е да знаеме дека отпорот кон џганот сѐ уште постои – заклучува Милев.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 120, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 12-13 март 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот