Сателит на Кина / Фото Твитер

Ранливи сателити за навигација ги водат светот и војните

Глобалните навигациски сателитски системи се основа на современиот живот и војување, но нивната ранливост ги прави лесна мета во модерните конфликти.

Глобалната сателитска навигација одамна е темел на секојдневниот живот — од паметните телефони и навигацијата во автомобили до управувањето со воздушен, морски и воен сообраќај.

Но, истата технологија станува клучен фактор и во современото војување, што ја прави истовремено и ранлива на напади.

Како функционира сателитската навигација?

Ако некогаш сте користеле мапа на паметен телефон или сте гледале како возило за достава се движи преку апликација за следење, тогаш сте користеле ГПС.

Американскиот Глобален систем за позиционирање е само еден дел од поширокото семејство познато како Глобални навигациски сателитски системи (ГНСС). Четири глобални сателитски системи кружат околу Земјата. Тие насочуваат авиони, бродови, автомобили и камиони или туристи. Но, тие, исто така, играат централна улога во војната.

Суштината на глобалната навигација се темели на прецизноста на времето. Секој ГНСС-сателит (Global Navigation Satellite System) носи ултрапрецизен атомски часовник и постојано емитува две информации: својата точна позиција во орбитата и моментот кога е испратен сигналот.

На Земјата, уреди како паметни телефони, автомобилски и авионски системи ги примаат овие сигнали за да ја одредат нивната точна локација. За точна географска ширина, должина и надморска височина се потребни сигнали од четири сателити, а четвртиот дополнително ја коригира секоја временска грешка.

Иако технологијата е исклучително прецизна и брза, таа е и неочекувано кревка.

— Сигналите на глобалните навигациски сателитски системи се исклучително ранливи. Тие се многу слаби, па секое радио-нарушување, случајно или намерно, може да го оневозможи приемот — вели за ДВ претседателот на американската Фондација за отпорна навигација и време, Дана Говард.

Четири глобални сили: САД, Русија, Европа и Кина

Првите ГНСС-системи се појавија во текот на Студената војна. САД го развија ГПС — денес најкористениот навигациски систем во светот. Паралелно, Советскиот Сојуз го создаде ГЛОНАСС.

Во раните 2000-ти, Европската Унија започна со развој на Галилео, за да ја намали зависноста од американската инфраструктура. Кина го разви својот систем Бејдоу (BeiDou) со иста цел — стратешка автономија.

И четирите системи имаат „двојна намена“, односно служат за цивилни и воени цели.

Професорот Мелком Макдоналд од Универзитетот „Стратклајд“ објаснува дека ГПС, ГЛОНАСС и Галилео работат на слични орбити, додека Бејдоу користи и повисоки орбити за подобра покриеност на Азија.

Повеќето модерни уреди, вклучувајќи паметни телефони и паметни часовници, истовремено користат сигнали од повеќе системи. Јапонија и Индија управуваат со свои регионални системи, но тие не ја покриваат целата планета.

Сателитската навигација во војна

Современите армии сѐ повеќе се потпираат на ГНСС за логистика, планирање операции и водење на прецизно оружје — од крстосувачки ракети до „паметни“ бомби. Навигациските сигнали се клучни и за управување со воени дронови.

Затоа, системите станаа цел на напади. Во конфликтите, како војната меѓу Русија и Украина, двете страни користат техники на електронско војување. Притоа, лажирањето како техника е поопасно, бидејќи не го блокира, но манипулира со сигналот.

— Вашиот систем може да покаже дека летате од аеродромот во Хелсинки, додека всушност сте во автомобил што вози 120 километри на час надвор од Берлин — вели Томас Витингтон, аналитичар за електронско војување.

Таквите техники може да прикријат локација на воени конвои, како руската „флота во сенка“.

— Исто така, се користи за внесување мали грешки во локацијата на бродот додека транзитира низ Ормускиот Теснец , што може да предизвикува бродот по грешка да влезе во територијалните води на некоја земја, овозможувајќи ѝ на таа земја да го запре бродот и да го принуди да се закотви на брегот поради нелегален влез — вели Мекдоналд.

Според Говард, западните земји се поранливи од Русија и од Кина, кои имаат алтернативни копнени системи што можат да го заменат или дополнат ГНСС.

Иако се развиваат технолошки решенија за зголемување на отпорноста, според Витингтон, во воени услови „најпрактичната опција е едноставно да се пронајде изворот кој предизвикува грешки и проблеми — и да се уништи“.

Извор: DW / Автор: Ричард Конор

ЕУ ќе ја зајакне сателитската одбрана од блокирање на ГПС сигналите

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот