Рангелова: Груевски имаше поголем демократски капацитет од Мицкоски

Даниела Рангелова/ Фото: МИА

Луѓето не веруваат кога ќе им кажеме дека Груевски имал поголем демократски капацитет од Христијан Мицкоски, вели во интервју за Цивил поранешната претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ и пратеничка, Даниела Рангелова.

-Во однос на тоа какви политики сме имале со Груевски, можам да кажам дека сум знаела да станам и да критикувам, а за тоа не сум била масакрирана на социјалните мрежи. Луѓето не веруваат кога ќе им кажеме дека Груевски имал поголем демократски капацитет од Христијан Мицкоски. Бидејќи, еве јас можам јавно да кажам дека, кога требаше да имаме 40 отсто жени како кандидатки на советничките листи, дел од колегите од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, коишто не би ги именувала, не сакаа жени да ги бираат жените, туку во рамки на комитетите. Јас побарав, а Груевски ми го дозволи тоа. И сега кога ќе направам една паралела, една споредба како сме се однесувале тогаш и како сега, јас извршните комитети на Унијата на жените ги формирав сама, без сугестии.Груевски никогаш не ми рекол „постави ја оваа жена да биде дел од раководството“, за разлика од Христијан Мицкоски кој сака стопроцентно да ја владее партијата, и си дозволува да ви каже „овие и овие жени ќе бидат“, вели Рангелова.

Таа додава дека Христијан Мицкоски сака да ја контролира партијата.

-Тоа е карактер, не можам да му замерам во однос на тоа, но сепак мислам дека демократските капацитети, колку и да изгледаат поинаку однадвор, Мицкоски ги нема, заклучува Рангелова.

Според Рангелова, изборот за советнички листи, го направија во општинските комитети мажите. Дел од пратеничките кои беа погласни, кои не се согласуваа со некои политики, не се најдоа на листите, имаше многу малку членки на Унијата на жените на листите.

Можеби тогаш Груевски и не се занимавал со политиките што ги воделе жените, но најодговорно тврдам дека не се мешаше во тоа како ние ќе работиме во рамки на партијата. Христијан Мицкоски сака да ја контролира партијата. Тоа е карактер, не можам да му замерам во однос на тоа, но сепак мислам дека демократските капацитети, колку и да изгледаат поинаку однадвор, Мицкоски ги нема. Тој декларативно кажува дека ги поддржува жените, додава таа.

Да бев на местото на Христијан Мицкоски, ќе направев еден сублимат – што не чинеше во времето на Груевски, тоа што беше добро ќе го прифатев, а што беше лошо ќе го подобрев и ќе го сменев, а немаше да менувам луѓе, вели таа.

Во партијата луѓето се модификуваат, ретко кој кажува гласно и има свои ставови. Мислам дека ќе му беше лесно да работи со цела структура, да нема стари и нови итн. Но сепак, секој лидер си има одговорност за своето владеење. Кога му го кажувам ова, тој се лути и ми вели дека е закана. И пак ќе кажам, тоа не е закана, туку тоа е еден вид отрезнување, бидејќи на крај, фактурата за своите дејства, еден ден ќе ја плаќа тој и раководството, но се надевам дека нема да биде на штета на партијата и на штета на државата, дополнува Рангелова во интервју за Цивил.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот