Свечена седница во Влада за Рамковниот договор Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Рамковниот не е исклучок, влезе во изборната кампања

Премиерот Христијан Мицкоски на свечената седница во Владата ја обвини ДУИ за злоупотреба на Рамковниот договор „додека терале криминал“, Меџити „удри“ по Уставниот суд и им подели лекции на уставните судии како да пресечат за Законот за јазиците, додека Ахмети на лидерите од Вреди им порача дека „храброст по војна и мудрост по говор не вредат

Лидерите од власта и од опозицијата Христијан Мицкоски, Изет Меџити и Али Ахмети, освен пораките дека „Македонија е на сите и така треба да ја развиваме“, не пропуштија на 24-годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор да упатат меѓусебни, но и предупредувања кон институциите, обвинувања за негова злоупотреба, како и совети кому каде му е местото.
Премиерот Мицкоски на свечената седница во Владата ја обвини ДУИ за злоупотреба на Рамковниот договор „додека терале криминал“, Меџити „удри“ по Уставниот суд и им подели лекции на уставните судии како да пресечат за Законот за јазиците, додека Ахмети на лидерите од Вреди им порача дека „храброст по војна и мудрост по говор не вредат“.

Мицкоски: Ќе дозволиме ли повторно да се појават ѕидови меѓу нас?

Мицкоски праша дали ќе дозволиме повторно да се појават ѕидови меѓу нас, дали ќе се препуштиме на поделби и недоверба или ќе го избереме патот кој го избравме во 2001 година – на заедништво, почитување, љубов кон татковината и меѓусебно разбирање.

Христијан Мицкоски фото: Влада

– Рамковниот договор е и долго злоупотребуван од поединци. Повеќе од 20 години имавме структури кои го користат национализмот како најдобра прекривка за заштита на криминалот и личните интереси. Таквиот национализам е последното прибежиште на оние кои направија кариери, стекнаа огромен капитал на грбот на народот, кој го делат, и врз чии поделби опстојуваат во политиката. Со една рака пишуваат и делат во каков свет ќе се живее. Со другата, ја крадат земјата, стекнуваат имоти, хотели, трговски центри, скапи возни паркови. И не им пречи бојата на парите. Таквите поделби не ги решаваат проблемите на реалните луѓе кои бараат само едно, подобар живот за себе – рече Мицкоски.

Тој додаде дека како политичар не познава „ваков или таков, мал или голем свет, туку само еден свет – Македонија, дом на сите нејзини граѓани, каде имаме обврска сите да обезбедиме подобра иднина за сите нејзини граѓани“.

– Заедно да градиме и заедно да ги решаваме проблемите. Куферите што си заминуваат немаат националност. Луѓето си одат, селата се празнат, и Македонци, и Албанци, и Турци, и Роми, и Срби, и Власи и Бошњаци, сите. Тоа е најдобрата порака на народот спрема оние што 20 години манипулираат дека работат за нив, а постојано ги делат. Натпреварот не е кој колку може да биде радикален или да се удира во гради со простодушен национализам, туку денес битката е да ги решиме реалните проблеми, да обезбедиме подобри услови за живот, за работа, просперитет за сите – рече тој.

Мицковски-Меџити-рамковен договор/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Наспроти критиките за ДУИ, Мицкоски ги пофали партнерите од Вреди дека се залагаат за граѓаните. Тој потенцира дека со Законот за правична застапеност, Рамковниот договор е затворено поглавје.

Меџити: Кога ДУИ беше на власт еднаквост имаше само формално

Вицепремиерот Изет Меџити, пак, откако порача дека нема вистинска демократија без доверба и нема функционална држава без еднаквост и затоа „Рамковниот треба да го чуваме како наш политички и морален бисер“, ја обвини ДУИ дека додека била на власт само формално имало еднаквост, а последиците од тоа е половичниот Закон за употреба на јазиците, кој е оспорен пред Уставниот суд, но и балансерот, кој е укинат од Судот. Меџити го предупреди Уставниот суд како да работи.

Изет Меџити Фото: Принтскрин

– Во мултиетничка држава, Уставниот суд има многу посуптилна и постратешка мисија отколку во етнички хомогена држава, зашто тој не го штити само уставниот поредок во формална смисла, туку и државната кохезија и мирот меѓу заедниците. Тој треба да биде заштитник на темелните политички договори, односно механизмите кои произлегуваат од еден мировен договор што треба да ги почитува. Уставниот суд треба да ги толкува законите согласно Уставот и неговиот дух, а не само да прави црно-бело читање на неговите членови. Од оваа причина, Владата го зајакнува користењето на јазиците според принципите на Охридскиот договор и Уставот на државата, на сите нивоа на администрацијата и јавниот живот, како симбол на еднаквоста и меѓуетничка почит – рече Меџити.

 Ахмети: Ја учеа историјата од телевизиските екрани

Лидерот на опозициската ДУИ, Али Ахмети, пак, во видеообраќање потсети на постигнувањата од Рамковниот договор – дека придонесот за државата резултирал со добри меѓуетнички и меѓусоседски односи, со членство во НАТО и почеток на преговорите за членство во ЕУ и дека ревизија на заедничките достигнувања не е дозволена ниту од авторите, ниту од потписниците, ниту од спроведувачите на Охридскиот договор.

Али Ахмети Фото: Фејсбук Ахмети

– Мора да предводиме со државничка одговорност, како државотворни партии, без краткорочни и опасни популистички и изборни калкулации. На оние што ја учеа историјата од телевизиските екрани, кои немаат никаков придонес за националните достигнувања и процеси и кои никогаш не ја добија довербата на народот, туку беа избрани од други да им служат, им велам – храброст по војна и мудрост по говор не вредат. Ние се обединуваме, како никогаш порано, фаќајќи се за корените, а не за гранките, не како слуги и кираџии, туку горди и посветени да одговориме на гласното народно барање за национално достоинство, денес или никогаш. Да се собереме сите, млади и возрасни, мажи и жени, четврт векот од Охридскиот договор да нè најде исправени и горди како вчера, а не наведнати, омаловажени и потценети како денес – порача Ахмети.

Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје од тогашниот претседател на државата, Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, како и тогашните лидери на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ПДП, Имер Имери и на ДПА, Арбен Џафери. Свои потписи на договорот ставија и специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју.
Во разговорите што почнаа во јули во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, беа консултирани повеќе советници и експерти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот