жанета скерлев
фото: Архива/ Жанета Скерлев

Радост на рецепта

Според податоците од јавното здравство, речиси девет милиони луѓе во Англија се третираат со анти-депресиви. А со оглед на последните случувања во светот, оваа бројка е на пат да биде значително зголемена. Додека го читате ова, сигурно има уште илјадници новодепресивци, зашто светот веќе не она што беше до завчера.

Несреќни сте? Мислите дека никој не ве сака? Дека сите се против вас? Дека сите ве гледаат некако онака? Дека зборуваат зад грб се најлошо за вас и тоа ве прави да се чувствувате за никаде? Мислите дека ништо веќе нема смисла и дека животот ви е промашен? Дека едноставно немате среќа, малер сте и ништо не ви оди од рака? И згора на сè, осамени сте? Депресивки, депресивци и мали депресивчиња ( да, да, сè повеќе деца се соочуваат со разни ментални проблеми) тука слободно додадете уште некој детал од вашата депресивна состојба, сигурно пропуштив нешто…

Го слушнавте оној за проектот наречен „комедија на рецепта“, каде што здравствените работници, односно лекарите наместо антидепресиви, ќе ви препишат – вицеви? Ама не, не е виц, туку е вистина. Во обид да се подобри менталното здравје на нацијата и да се намали притисокот врз јавното здравство, а исто така и да се обезбеди алтернатива на разните антидепресивни лекарства кои, велат упатените, се лапаат како бонбончиња, тука решија да преземат нешто сосема различно. Типично англиски – енд нау фор самтинг тотали диферент! Веќе започна пробно да се препишува – терапија со смеење. Проектот е поддржан од доктор Сајмон Офер, лабуристички пратеник, кој во парламентот предупреди на „пандемијата од прекумерно издавање рецепти“ од неговите колеги, матични лекари кои се „расфрлаат лечејќи со апчиња“. Лекарот пратеник велик дека ова е делумно поради долгото чекање да се стигне до специјалист, до некој третман како на пример психолошка помош.

Ако сте со блага или средно блага депресија, се чека од четири до шест месеци да се стигне до специјалистичка помош. Доктор Офер специјализирал за тоа како да се користи уметноста за луѓето да се чувствуваат подобро. Може, вели, тоа да биде со поезија, со визуелна уметност, па дури и со нешто како драма! Препишувам, вели, и градинарство… ( ова за оние кои имаат некој плац или макар мало балконче. Да се има куќа на село, тука е вистински луксуз). Но да се поткопнува, да се сади, да се ужива во природата е многу корисно. Но сега, за прв пат ќе се користи и комедијата.

И каде ќе се почне? Во парламентот. На 13ти март, заедно со основачот на „Крек“, Лу Џексон (крек во случајот не е дрога, срам да им е на оние кои прво помислија на тоа, туку забава на ирски), ќе им се претстави иницијативата и ќе се зборува за влијанието на проектот со колегите. Комедијата го покачува нивото на кортизол, произведува допамин и е моќен ослободувач на сератонин, ендорфин и добри невропептиди, ќе им се каже на пратениците. Лу Џексон вели дека да се оди на комедија, на стенд ап комедија, дури и да се испрати комичар за да ги учи децата како да импровизираат, да се забавуваат и смејат, има ефект кој трае дури 24 часа и сигурно, вели таа, е подобро од препишување лекарства. За проба, одржани се три настани и резултатите се, велат, над сите очекувања.

Конзервативниот советник, Роберт Ригби, градоначалникот на Вестминстер, кој беше на една од пробите во библиотеката на лондонски Сент Џонс Вуд, изјави дека бил импресиониран. Комедијата на рецепта е одличен начин на обединување на луѓето, намалување на изолираноста и разбирање дека имаме многу заеднички нешта, сето тоа кога се смееме заедно.

Според податоците од јавното здравство, речиси девет милиони луѓе во Англија се третираат со анти-депресиви. А со оглед на последните случувања во светот, оваа бројка е на пат да биде значително зголемена. Додека го читате ова, сигурно има уште илјадници новодепресивци, зашто светот веќе не она што беше до завчера.

Оди еден човек на лекар, седнува на столчето во ординацијата, подгрбавен, со спуштена глава и вели, докторе, јас се чувствувам ужасно. . Ништо не ме радува и така сум многу тажен. Да ми дадете нешто и да ми помине, зашто вака веќе не се издржува. Лекарот му вели, да, можам да ви препишам нешто.

Но ете, во градот оваа недела имаме циркус, одете и погледнете, таму настапува најпознатиот кловн на светот, Грималди. Дваесет минути да го гледате ќе ви помогне многу повеќе од моите апчиња. Ама докторе, велик пациентот, јас сум Грималди, кловнот…

Писма од Лондон

(Авторката е новинарка)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот