Рачниот багаж останува луксуз на европските летови?
Иако воведувањето бесплатен рачен багаж до седум килограми како стандардно правило на летовите беше заговарано пред години, оваа промена не е блиску до реализација.
Најновиот развој ги разочара патниците и организациите за заштита на потрошувачите. Европската комисија неодамна покрена постапка против Владата на Шпанија за казнување на пет авиокомпании во мај 2024 година. На тие компании им беа изречени вкупно 179 милиони евра казни за нефер практиката на наплата на рачен багаж.
Препорачано
Агустин Рејна, генерален директор на Европската организација за потрошувачи BEUC, рече дека овој потег на Комисијата е разочарувачки:
– Овие дополнителни трошоци нè поттикнаа да побараме истрага на ниво на ЕУ за нефер практиките на авиокомпаниите за рачен багаж минатиот мај- вели тој. Верува дека со овој потег, Комисијата во основа им кажува на потрошувачите во ЕУ – дека рачниот багаж е луксузен предмет за кој мора да се плати.
BEUC истакнува дека оваа акција на Комисијата оди во спротивна насока од предлогот на Европскиот парламент, кој сака да им дозволи на патниците бесплатно да внесат парче рачен багаж и мал личен предмет во авионот. Комитетот за транспорт на Европскиот парламент ја поддржа измената на законот за правата на патниците. Предлогот подразбира дека секој патник може да внесе рачен багаж до седум килограми, со дефинирани димензии (вкупниот збир од должина, ширина и висина не смее да надминува 100 сантиметри), како и еден мал личен предмет што се вклопува под седиштето, како што е чанта или лаптоп, во авионот без дополнителни трошоци.
Оваа иницијатива е резултат на неколкугодишен притисок од јавноста и организациите за заштита на потрошувачите и се базира на пресудата на Судот на правдата на Европската Унија од 2014 година. Таа пресуда го воспостави рачниот багаж како неопходен аспект на воздушниот сообраќај, а дополнителниот трошок беше оценет како потенцијално спротивен на интересите на потрошувачите.
Авиоиндустријата, особено нискобуџетните превозници, остро се спротивставува на овие промени. Здружението „Авиокомпании за Европа“ предупреди дека новата регулатива може да предизвика големо зголемување на цената на авионските билети, додека други изразија загриженост за можното забавување на процесот на качување и логистичките проблеми во кабините.
Сепак, организациите за заштита на потрошувачите истрајуваат во своите барања. Стивен Бергер, виш правен советник на Европската организација за заштита на потрошувачите, нагласи дека патниците имаат право – рачниот багаж да биде вклучен во цената на билетот, без дополнителни трошоци или скриени такси.


