Раце што лекуваат – души што страдаат
Денеска се одбележува Европскиот ден против насилството врз лекарите и здравствените работници, кога се актуелизира постоечкиот сериозен проблем со агресијата и нападите врз медицинскиот персонал.
Препорачано
Истражувањето на Светската здравствена организација (СЗО) објавено во октомври 2025 година покажува алармантни податоци. Во оваа најголема анкета за менталното здравје на докторите и на медицинските сестри, со над 90 илјади собрани и анализирани одговори од сите 27 држави на Европската Унија, плус Исланд и Норвешка, се открива вистинската цена на годините недоволно инвестирање во здравствените системи и здравствената работна сила во Европа.
Наодите покажуваат дека околу 38 проценти од здравствените работници доживуваат физичко насилство во текот на својата кариера, додека многу поголем број се соочуваат со вербални навреди, закани и онлајн малтретирање.
Во големото европско истражување во кое биле вклучени повеќе од 90 илјади лекари и медицински сестри, еден од тројца здравствени работници изјавил дека во последната година бил изложен на закани, малтретирање или насилство на работното место, а околу 10 проценти доживеале физичко насилство или сексуално вознемирување.
Податоците од европските земји исто така покажуваат растечки број на пријавени напади. Само во Шпанија во 2024 година биле регистрирани 847 напади врз лекари, додека во Франција биле пријавени 1.581 инцидент, а во Португалија 2.359 случаи.
Реалните бројки се уште поголеми, бидејќи значителен дел од нападите никогаш не се пријавуваат. Насилството врз медицинскиот персонал има сериозни последици – од физички повреди и психолошки стрес до професионално согорување и напуштање на професијата.
Еден од 4 лекари работи повеќе од 50 часа неделно. Меѓу најзагрижувачките наоди е тоа што 1 од 10 лекари и медицински сестри изјавиле дека имале мисли дека „подобро е да ги нема“ или дека „се повредуваат себеси“ во последните 2 недели. Познато е дека овие таканаречени „пасивни“ суицидални мисли го предвидуваат идното суицидално однесување.
Небезбедната работа во здравствените установи е директно поврзана со лошото ментално здравје. Лекарите и медицинските сестри кои доживуваат насилство, работат постојано долги часови и во смени (особено ноќе) имаат многу поголема веројатност да бидат депресивни и анксиозни и да имаат суицидални мисли. Всушност, лекарите и медицинските сестри покажуваат двојно поголема преваленца на суицидални мисли во споредба со општата популација.
-Резултатите од анкетата се силен потсетник дека здравствените системи во Европа се толку силни колку што се силни луѓето што ги напојуваат. Еден од 3 лекари и медицински сестри пријавуваат депресија или анксиозност, а повеќе од 1 од 10 размислувале да си го одземат животот или да се повредат. Ова е неприфатлив товар за оние кои се грижат за нас. Не мора да биде вака, изјави лани д-р Ханс Анри П. Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.
Во извештајот се наведени 7 итни политички мерки што земјите мора да ги преземат за да ги подобрат условите за работа и да ги променат организациските култури, а сите тие можат да се постигнат со пренамена на постојните ресурси. Тие се – земјите да демонстрираат нулта толеранција кон насилство од каков било вид подобрување на предвидливоста и флексибилноста на промените, праведно да управуваат со прекувремената работа и да градат позитивна култура на работното место, да се справуваат со прекумерните работни оптоварувања, да ги обучуваат и да бараат одговорност од лидерите и да го прошират пристапот до поддршка за ментално здравје.
-Со оглед на тоа што Европа ќе се соочи со недостиг од речиси 1 милион здравствени работници до 2030 година, не можеме да си дозволиме да ги изгубиме поради прегорување, очај или насилство. Нивната благосостојба не е само морална обврска – таа е основа на безбедна, висококвалитетна грижа за секој пациент, заклучи д-р Клуге и повика на акција.
Европскиот ден против насилството врз лекарите првпат започна да се одбележува во 2020 година по иницијатива на европските медицински организации со цел да се подигне јавната свест и да се поттикнат институциите да обезбедат безбедни услови за работа во здравствениот сектор.
Од Лекарската комора на Македонија секоја година го одбележуваат овој ден, бидејќи заштитата на лекарите не е само прашање на безбедност на работното место, туку и услов за квалитетна здравствена грижа за пациентите, бидејќи здравствениот систем не може да функционира без сигурни и заштитени медицински работни


