Работа со учениците, но и со кадарот во училиштата – главен приоритет на новоформираниот Совет за превенција од детско престапништво за тетовскиот регион

Фото: Слободен печат

Општина Тетово, конечно ја исполни законската обврска, формирајќи Совет за превенција од детско престапништво, кој е составен од 17 членови од повеќе институции.

За претседател на телото е избрана универзитетската професорка по кривично право Блерта Ахмеди, која потенцираше дека било неопходно да се формира советот, со оглед на зголемениот број на кривични дела кои се случуваат во последниов период, од страна на малолетниците.

Советот ќе работи во повеќе насоки, а пред се ќе делува превентивно.

„Ќе работиме со децата во основните и во средните училишта, но исто така имаме и план да се работи и со кадарот кој е вработен во училиштата, конкренто со психолозите и педагозите, но исто така ќе реализираме и советувања на родителите. Во Советот за превенција од детско престапништво членуваат двајца професори од двата универзитета во Тетово, преставници од Основниот суд во Тетово, од Јавното обвинителство, од СВР Тетово, од Центарот за социјална работа, од Комората на адвокати, од општината, а има преставници и од други институции, како психолог и слично“, рече Блерта Ахмеди, претседателка на Советот за превенција од детско престапништво за тетовскиот регион.

Таа посочува дека децата најчесто се сторители на кривични дела против имотот, кражби, разбојништва, продажба и употреба на наркотици, но има дури и убиства. За да се спречи ваквата појава, превентивата е најдобар лек, но во неа мора да се вклучат и родителите.

„Мора да имаме и комуникација со родителите, мора да функционира тој синџир помеѓу професионалците и државните институции, но од друга страна потребна ни е подршка од родителите, без нивна соработка не би можеле да имаме позитивен резултат. Затоа мислам дека ќе имаме продуктивна работа која сме ја започнале со ентузијазам и резултатите ќе ги видиме во блиска иднина.Употребата на социјалните мрежи од страна на децата не може да се контролира колку и да се трудат родителите, но, сепак да се внимава кои содржини ги гледаат и колку време трошат младите на социјалните мрежи. Имаме и други ризик фактори, како што се социопатолошките фактори, особено наркоманијата, алкохолизмот, местата каде што самите млади ги посетуваат. Акцентот би го ставиле на тоа децата да се посветат на квалитетно трошење на времето“, вели претседателката на Советот за превенција од детско престпаништво Блерта Ахмеди.

За Советот за превенција од детско престапништво веќе е усвоен е и правилник за работа.

Децата во Македонија кривично одговараат над 14 години, а за тие под оваа годишна возраст, постапуваат центрите за социјални работи, но и други институции.

Државата во 2013 година има донесено посебен кривичен закон, Закон за правда на децата, а кој предвидува различни санкции за децата – престапници.

Но, сепак, казнената политика за децата престапници е во насока тие поблаго да се третираат, а повеќе внимание да се обрне на превенцијата, со цел децата- престапници да се отргнат од девијантните појави и да чекорат по вистинскиот пат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот