Првиот успех на новата влада ќе биде меѓувладината конференција со ЕУ, вели Заев

Зоран Заев во утрински брифинг
Зоран Заев премиер на влада на РСМ / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Првата меѓувладина конференција меѓу земјава и ЕУ ќе биде првиот успех на новата влада, изјави премиерот Зоран Заев за ТВ24.

Тој вели дека ќе се формираат работни групи со Бугарија кои ќе работат на спорот, но и дека очекува најдоцна за шест месеци, рок кој го даде и бугарскиот премиер Кирил Петков, за Скопје и Софија да постигнат решение.

– Знаејќи дека на 13-ти се формираше новата бугарска влада не можете да очекувате на 14-ти Советот за општи работи каде што присуствуваат министрите да донесат одлука. Јас навистина не губам надеж дека новата бугарска влада со помош на претседателот Радев ќе ги дадат позитивните реакции. Конечно имаме дадено наши одговори и верувам дека се надминати сите недоразбирања. Ако остануваат детали ние сме на располагање како држава, под раководство на идниот премиер да ги допрецизираме и да ги разговараме, рече Заев.

Тој е оптимист дека новата македонска влада, предводена од Димитар Ковачевски, ќе успее да ги реализира евроинтеграциските заложби.

„Европскиот совет не одлучува за нас. Тој донесе одлука 2020 година во март, сега е само формализација на Советот за општи работи, каде што треба само да се усвои преговарачката рамка и да се закаже, за истиот ден попладне или следниот ден, меѓувладината конференција – тоа е тој меѓучекор што очекуваме толку долго, 16 и пол години, да го направиме. Јас верувам дека тоа ќе биде еден од првите големи успеси на новиот премиер Димитар Ковачевски“, рече Заев.

Тој вели дека од понеделник ќе реши и за тајмингот на премиерската оставка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот