Првични реакции по четвртиот пакет мерки: Поддршката треба да добие „највисок степен на итност“

Сѐ додека не се отпочне со реализацијата, стопанските комори и синдикатите се задоволни од мерките предвидени во четвртиот пакет и што голем број од нивните сугестии и предлози се прифатени. Овој пат нема да може да се случи работодавачите да земат субвенции, а потоа да не им ги исплатат платите на работниците. Злоупотребите ќе се спречат преку законско решение, како и преку договорите на државата со компаниите што ќе ги користат субвенциите.

Јавноста сѐ уште ги „преслушува“ мерките што Владата ги претстави како нова помош до крајот на годината. Со оглед на масовноста и опфатот, граѓаните се „бараат“ во кој дел се сместени и по сѐ изгледа дека ќе се држат до неколкупати повтореното од премиерот Заев „дека никој нема да биде заборавен“.

Голите бројките се респектабилни. Поинаку и не може да се оцени, ако се знае дека половина од годинешниот Буџет (околу 3,2 милијарди евра по првиот ребаланс) се наменети за економските пакети (речиси 1 милијарда евра) и за отплата на доспеаните странски кредити (повеќе од 1 милијарда евра). Сѐ додека не се отпочне со реализацијата, стопанските комори и синдикатите се задоволни од мерките предвидени во четвртиот пакет за поддршка на компаниите и граѓаните и што голем број од нивните сугестии и предлози се прифатени. Владата очекува најавениот сет мерки да стапи на сила од октомври, но најверојатно дел од закононските измени ќе треба да го поминат и собранискиот филтер.

Разбирливо е што освен почетокот на реализацијата, сите ги интересира дали ќе има доволно пари за сите мерки. Четвртиот пакет мерки вреди 470 милиони евра, од кои 100 милиони евра се во кредити од Европската инвестициска банка, кои ќе се доделуваат преку Развојната банка на Македонија. Дел се ослободувања што нема да имаат финансиски импликации. Премиерот Зоран Заев рече дека вкупно 160 милиони евра се од Буџетот, додека другите средства се од одложување на аконтации, кредити. Сепак, не прецизираше како и од каде ќе се зајмува.

– Водиме комплетна грижа за јавниот долг. Оваа година доспеваат најмногу обврски за отплата или вкупно 1,147 милијарди евра. Редовно ги враќаме обврските, но заедно со министрите правиме пакети да го поддржиме стопанство – рече Заев.

Тој вели дека не може да се пресмета колку ќе се зголеми јавниот долг.

Четвртиот пакет доби виза и од Економско-социјалниот совет, во кој членуваат коморите и синдикатите. Од Сојузот на стопански комори, кој силно се залагаше да се најде чаре за малите и микро фирми, велат дека носењето на последните економски мерки, за разлика од претходните три, се одвивало во еден поинклузивен процес, во кој се согледа значењето на предлозите што ги дале и тие беа прифатени. Сега следува фазата на имплементација, која е еднакво важна за да може да дадат резултат прифатените мерки.

Прочитајте и...  ВО ЖИВО: Прес-конференција на претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Ф. Грашкоска

– Потенцираме дека економските мерки за спас треба да бидат изготвени во формат во кој ќе се поедностават критериумите за нивно користење, со цел да бидат подостапни за претпријатијата на кои им се најмногу потребни. Еднакво е важно, неодложно, со највисок степен на итност да се преточат во реалност, затоа што оваа помош е важна за претпријатијата – велат од ССК.

И од Сојузот на синдикати се задоволни што нивното барање за поддршка на исплатата на платите е прифатено и со тоа ќе се спречи најавениот бран отпуштања.

– На инсистирање на ССМ во новиот четврти по ред пакет мерки повторно е обезбедена мерката поддршка за исплата на плати. Новост во неа е што таа ќе биде одредена скалесто, според падот на приходите кај компаниите. Со новата методологија ќе бидат поддржани 83.000 работни места на месечно ниво, односно вкупно 250.000 плати за последниот квартал. Вредноста на оваа мерка изнесува 70 милиони евра, а за да се оствари правото на неа, компаниите што ќе аплицираат мора да го задржат бројот на вработени заклучно со 31 јули 2020 година – велат од ССМ.

Досега преку мерката за финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен, со 79,5 милиони евра се поддржани околу 120.000 вработени граѓани и околу 20.000 компании. И големите извозни компании се најдоа во пакетот, па сметаат дека ќе издржат со најавените мерки до крајот на годината. Тие ја поздравија мерката за субвенционирање на гаранциите од страна на државата, од која ќе имаат голем бенефит извозно-ориентираните компании.

– Износите за гаранции, односно трошоците ќе им се намалат за 20 проценти – изјави Владанка Трајкоска, член на Економско-социјалниот совет.

На уште недовршената прес-конференција во Владата, реагираше опозицијата со констатација дека и овој, како и претходните три пакети од кога почна кризата, воопшто не биле добро таргетирани. Членот на ИК на ВМРО ДПМНЕ, Гордана Димитриевска-Кочоска на ТВ Сител, нагласи дека пакетот мерки воопшто не покажува дека сме социјална држава, дека Владата не се грижи ниту за самохраните мајки ниту за децата што одат на училиште, а мерките се популистички. Меѓу другото, таа рече дека Владата требала да ги послуша сугестиите на опозицијата и понудените мерки за спас на економијата, меѓу кои и онаа за субвенционирање на партиципациите на студентите за оваа учебна година.

Прочитајте и...  Извозниците се плашат од продлабочување на рецесијата

Во четвртиот пакет не се нашло место за родителите на деца со посебни потреби!

Родителите на деца со посебни потреби реагираат на социјалните мрежи дека се заборавени и во четвртиот пакет мерки и за нив нема никаква помош. Тие се револтирани што за нив не е предвидено да користат платежна картичка, иако имаат дополнителни трошоци за време на пандемијата со ковид-19, а често во семејствата работи по само еден родител.

– И уште еднаш и уште којзнае колку пати нашите деца се рамни на нула. И во четвртиот пакет мерки ги нема, срамно и жално – напиша една мајка.

Тие велат дека децата останаа без образовни асистенти, а за оние што одат во редовните училишта, не се знае како ќе тече онлајн наставата преку националната платформа. Дополнително, родителите чии деца не посетуваат дневни центри, не се ослободени од работните обврски.

Ќе поевтинат ли цените на ресторанските менија?

Оние што и покрај пандемијата не се откажуваат од кафеанската дружба, со задоволство ја примија веста дека ќе се намали ДДВ за ресторански услуги и служење храна и пијалаци. По социјалните мрежи дури и се пресметува за колку може да се очекува да се намалат цените на менијата. Владата реши да го помогне угостителскиот сектор, па наместо досегашните 18 проценти ДДВ, сега тие добија повластена стапка од 10 проценти. Целта на оваа мерка е намалување на сивата економија, пониски цени за граѓаните, како и поголема ликвидност на услужниот сектор за храна и пијалаци, велат од Синдикатот на работниците од угостителството и туризмот, од каде што напорно работеа да ги заштитат работниците во овој сектор.

– Поддршка со плати за туристичките водичи, за поддршка на секторот туризам, како еден од најпогодените од кризата. Се утврди мерка – Поврат на туристичката такса за 2019 година, а исто така мерката грантови за туристички агенции и грантови за ресторани за свадби – поддршка ќе добијат сите регистрирани и лиценцирани субјекти за оваа дејност – велат од СУТКОЗ.

Прочитајте и...  Жена од САД починала од коронавирус за време на авионски лет

Во изминатиот период според укажувањата на СУТКОЗ, беа обезбедени ваучери за домашен туризам, со што се придонесе да се спречи отпуштање во секторот поради негово неработење во изминатиот период. Овие ваучери значително придонесоа за одржување на финансиската ликвидност на туристичките и угостителските капацитети.

Комплицирано било платите да се исплаќаат на сметките на работниците?

Поддршката за исплата на платите до крајот на годината, повторно ќе легне на сметка на компаниите, а не директно кај вработените. Проблемот се јавил поради МПИН-образецот, преку кој се исплатува плата преку Управата за јавни приходи. По, големата врева што се крена за злоупотребите од претходните пакет и експертите и синдикатите, апелираа да се најде начин парите да стигнат до оние за кои се наменети. За идејата се заложија и премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерката Јагода Шахпаска, а ја поддржаа и дел од коморите, но на крајот, сепак, излезе дека тоа е технички невозможно да се реализира.

– Не можевме да најдеме начин државната помош директно да се исплати на сметката на работниците, затоа што ќе се создадеше хаос при уплатата на придонесите. Со законските измени сметам дека газдите нема да ја злоупотребат помошта од државата, затоа што кривично ќе одговараат, односно може да завршат и во затвор – изјави Дарко Димовски, претседател на ССМ.

Сојузот на синдикатите на Македонија смета дека се постигнати добри позиции за работниците со оваа мерка. Овој пат нема да може да се случи работодавачите да земат субвенции, а потоа да не им ги исплатат платите на работниците. Злоупотребите ќе се спречат преку законското решение кое ќе се донесе за оваа мерка, како и преку договорите на државата со компаниите што ќе ги користат субвенциите. Односно, таму ќе биде ставена заштитна клаузула доколку газдите не ја исплатат платата или исплатат намалена плата за работниците, автоматски против нив да се поднесе кривична пријава, со која, пак, ќе им се заканува затворска казна.

Поврзани вести

ВИДЕО: Од што заболуваат американските дипломати во Русија и Куба? Сè започнува со губење на слухот

Маријана Митровска

Уште еден велешанец ја загуби битката со коронавирусот

Слободен печат

Детали: Волонтерот кој умре на тестирањето на Оксфорд вакцината, примил друга вакцина

Слободен печат

Алиев: Азербејџан презеде контрола над 22 места во Нагорно-Карабах

Слободен печат

Рамадани: Изјавата на Каракачанов е сериозна, но и апсурдна

Слободен печат

Нагорно Карабах останува воена зона: Турција е подготвена да испрати војска во Азербејџан

Слободен печат

Остави Коментар