Првата докторска дисертација за македонскиот јазик што била одбранета во 1890 година е преведена на македонски јазик

Насловна корица на македонскиот превод на книгата

Првата докторска дисертација за македонскиот јазик од познатиот естонски славист Леонхард Мазинг долги години беше недостапна за македонската јавност. Напишана на германски јазик, одбранета во Санкт Петербург во 1890 и објавена во 1891 година, оваа книга во македонските научни кругови со децении беше позната само како библиографски податок.

Затоа објавувањето на преводот од Бранислава Драговиќ на пионерскиот труд на Мазинг под наслов „Фонетиката и акцентот на македонскословенските дијалекти“ е многу значајно за сите нас, затоа што тоа е драгоцен прилог кон историјата на македонскиот јазик.

Мазинг сам објаснува како се појавил кај него интересот за македонскиот јазик. За време на еден студиски престој во Германија, тој се запознал со Иван А. Георгов од Велес, кој таму студирал. Иако при таа средба Мазинг можел да добие малку информации за јазикот, за него, врвен специјалист за словенските јазици со извонреден слух, тоа било доволно да оцени дека се работи за нешто ново, непознато дотогаш во славистичката наука, и така се разбудил научен интерес за проучување на јазикот што дотогаш не бил предмет на сериозен научен интерес.

Неговиот интерес за македонскиот јазик не престанал со објавувањето на дисертацијата; во неговата архива се наоѓаат материјали на повеќе од 500 страници разделени на повеќе поглавја, а македонскиот јазик дополнително е обележан како „specific“.

Затоа објавувањето на дисертацијата на Л. Г. Мазинг: „За јазичната оцена на македонските Словени“ (Zur sprachlichen Beurteilun der macedonischen Slaven. I. Vertretung von tj und dj, St.-Petersburg 1890), следната година преиздадена со дополнителна студија за македонскиот акцент: „Фонетиката и акцентот на македонскословенските дијалекти. Прилог кон нивната критика“ (Zur Laut und Akcentlehre der macedoslavischen Dialekte. Ein Beitrag zur Kritik derselben, St.-Petersburg 1891) претставува настан од големо културно значење.

Мазинг, со анализата на две од особеностите по кои македонскиот јазик се разликува од сите други словенски јазици, во крајот на деветнаесеттиот век зборува за македонскиот како јазик со определени оформени карактеристики, со што го привлекол вниманието на славистичката јавност и поттикнал други понатамошни истражувања.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 183, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 17-18.6.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот