Прв меѓународен ден за родова еднаквост на платите: Јазот меѓу мажите и жените на иста работа позиција е 23 отсто

Фото: mia.mk

Надлежните институции во соработка со приватниот сектор и синдикатите да развијат ефикасен механизам кој ќе придонесе за израмнување на платите на мажите и на жените, кои во овој момент за иста вредност во работата се пониски за 23 отсто. Ова беше истакнато денес од Сојузот на стопански комори, Здружението на бизнис жени и Сојузот на синдикати на Македонија, по повод одбележувањето на првиот Меѓународен ден за родова еднаквост на платите – 18 септември.

Родовата еднаквост, се вели во соопштението од Сојузот на стопански комори, е основно човеково право и камен-темелник е на просперитетна и модерна економија што генерира одржлив инклузивен раст.

– Жените глобално заработуваат 23 отсто помалку од мажите, а јазот на национално ниво е 19 проценти. Ова е причина за националната коалиција со повеќе засегнати страни за да постигнеме еднаква родова плата за работа со еднаква вредност. Со формирање на коалицијата го одбележуваме Меѓународниот ден на родовата еднаквост во плати. И покрај децениските придобивки во образованието на жените и учеството во вработувањето, во законодавството, во политичкото дејствување и во активизмот, жените ширум светот и натаму земаат пониски плати од мажите за вршење на исти или слични работни задачи. Според анализата на УСАИД објавена во јули минатата година проценетиот сооднос на приходите на жените во однос на мажите во нашата земја е 0,49 проценти што претставува најголем јаз во регионот, изјави Габриела Кулебанова, потпретседател на Сојузот на стопански комори.

Валентина Дисоска, претседател на Здружението на бизнис жени, вели дека во државата постои широка правна рамка со која се регулираат прашањата за еднаквите можности, недискриминацијата и учеството на жените на пазарот на трудот.

– Постојат одредби во повеќе закони со кои се забранува дискриминацијата и се промовира еднаквоста на жените и мажите. Постои посебен Закон со кој се регулираат еднаквите можности на жените и мажите, како и Закон за заштита и спречување од дискриминација. Меѓутоа и покрај постоењето на солидна законска регулатива и стратешки документи, евидентна е повеќекратната дискриминација на жените и нивна неможност во претприемништвото и корпоративниот свет да напредуваат подеднакво и покрај квалитетот и соодветните квалификации. За израмнувањето на платите и за пробивање на стаклениот плафон, неопходна е поголема посветеност на сите релевантни субјекти, родово водени статистики, подигнување на свеста за проблемот и за обезбедување еднакви можности за поддршка и за финансирање на жените во приватниот сектор, вели Дисоска.

Меѓународниот ден за родова еднаквост годинава се одбележува за прв пат, во услови кога светот се бори со пандемијата, која уште повеќе ја зголемува нееднаквоста. Жените сочинуваат две третини од здравствената работна сила ширум светот, вклучително и 85 отсто од медицинските сестри и 90 отсто од здравствените работници кои се вклучени во долготрајната нега на болните. Жените се соочија и со товарот од дополнителната неплатена работа што е предизвикана од затворање на училишни и установи за згрижување деца. Жените, исто така, во поголем број останаа без своите работни места, бидејќи работат во сектори што се најпогодени од кризата.

Катерина Поповска од Сојузот на синдикати на Македонија вели дека колективното договарање меѓу синдикатите и организациите на работодавачи како членови на Економско-социјалниот совет има потенцијал значително да ги намали родовите разлики во платите, преку четири инструменти што оваа коалиција на организации силно ќе ја поддржи и промовира.

– Првиот инструмент е таргетирани покачувања на плати со цел компензација на концентрацијата на жени во ниско платените индустрии. Потоа важно е да се воспостави специфичен план на класификација на родово неутрални професии за да се корегира потценувањето на професиите во кои доминираат жените. Трет инструмент е воведување на мерки за промовирање на транспарентност на платите, за постигнување на напредок во заложбите против дискриминација на платите. И четврто, поставување на родово неутрални критериуми за оценување за напредок во кариерата, изјави Поповска.

Одбележувањето на Меѓународниот ден за родова еднаквост во платите е поддржано од Обединетите нации, ОЕЦД и Меѓународната организација на трудот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот