Протест на жителите од мавровските села пред влезот на НП „Маврово“: Веднаш да се престане со незаконските активности и оштетување на природата

Фото: МИА

Група граѓани и членови на здружението за рурален развој „Преродба на Горна Река“ денеска го блокираа локалниот пат Бунец-Леуново на влезот на НП Маврово, изразувајќи револт за „еколошката катастрофа што се случува на површините на Националниот Парк“.

Бараме од страна на НП „Маврово“ веднаш да престанат со нивните незаконски активности и оштетување на природата. Во меѓувреме, надлежните институции треба да преземат мерки за испитување на законските прекршувања кои ги прави управата на националниот парк, рече Фисник Јакупи, секретар на здружението.

Овој протест, како што најавија, е предупредувачки и потенцираа дека на планината Меник се случува деградацијата на природата што ја спроведува ЈУНП „Маврово“.

Сечењето на дрвјата се врши на приватен имот и притоа се ускратува правото на сопственост со без добивање на согласност од сопствениците на земјиштето. Оправдувањето на управата е дека сечата е од санитарни причини, но реално таму без критериуми се врши масовна експлоатација на дрво. Тие, согласност за оваа активност спротивно на позитивните закони добиваат од институциите кои не се надлежни за ова прашање како Државен инспекторат за шумарство и ловство, а не од Државниот Инспекторат за животна средина, подвлече Јакупи во име на протестантите.

Според него, на ваков начин се прават штети и злоупотреба во износ од над два милиони евра што е прекршување на законите на Република Северна Македонија.

Тие ги повикуваат надлежните институции да постапат според Законот за заштита на животната средина, член 141-А со кој не се предвидува експлоатација и продажба на дрвна маса за комерцијални цели, туку само за санитарни цели.

Жителите на селата Нистрово, Грекај, Рибница, Нивиште и Тануше реагираат и на отворање на шумски патишта без елаборат за заштита на животната средина со што, како што беше речено, им се повредува правото на приватната сопственост и го сметаат за кривично дело по член 225 и член 234 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.

Од НП „Маврово“ во врска со протестот на граѓаните, за МИА рекоа дека наскоро ќе се обратат до јавноста, но откако барањата ќе им бидат доставени и ќе одговорат на нив.

Од здружението за рурален развој „Преродба на Горна Река“ напоменаа доколку наредниве денови нема реакција од надлежните институции, ќе организираат протести со повеќе часовни блокади на патиштата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот