Просторот пред зградата на „Технометал“ конечно се чисти од ѓубре и искршено стакло
По многубројните предупредувања од граѓаните дека од зградата на поранешен “Технометал“ паѓаат делови, дека просторот пред објектот е полн со искршени стакна и отпад и е небезбедно за поминување, Општина Центар информира дека се расчистува овој простор.
Препорачано
Сопственикот на „Буши Фашион“ и сопственик на објектот на поранешен „Технометал – Вардар“ започна со постапување по решението од Општина Центар и го расчистува просторот од некогашната компанија за трговија со мермер, челик, обоени метали и неметали, опрема, машини и друго. Општина Центар неколкупати досега го казни сопственикот по што му наложи самостојно да ја расчисти депонијата и секојдневно да ја одржува хигиената – велат од Центар.
Оттаму додаваат дека Секторот за инспекциски работи на Општина Центар уште во февруари преку Решение го задолжил сопственикот да исчисти и постапи во законски предвиден рок.
Решението за расчистување Секторот го издаде поради спречување на создавање на еколошка катастрофа предизвикана од секојдневно собирање купишта отпад создаден од кршење на инвентарот и екстериерот на огромната бетонска зграда. Минатата година во овој објект избувна и пожар, а неколкупати досега жителите од околните згради пријавуваат и кражби – објаснуваат од Општината.
Општина Центар најавува дека Секторот за инспекциски работи и во наредниот период ќе продолжи со инспекциски контроли преку инспекцијата за животна средина за да не се повтори грдата слика и нарушувањето на мирот на станарите.


