Просторната инсталација „Реминисценции“ на Страхил М. Петровски ќе биде изложен во Њујорк
Визуелниот уметник Страхил М. Петровски на 30 декември ќе ја претстави просторната инсталација „Реминисценции“ во Македонскиот културен центар „МЦ Галерија“ во Њујорк.
Препорачано
Мултимедијалниот и визуелен уметник Страхил М. Петровски е претставник на средната генерација визуелни автори. Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како што се: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност. Петровски, особено во последните години, користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитичките прашања како постконцептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес. Голем број негови дела се наоѓаат во јавни и во приватни колекции, вклучувајќи музеи и галерии во земјава и во странство.
За просторната инсталација „Реминисценции“ историчарката на уметност Сандра Деспотовиќ посочува: „Творештвото на Страхил М. Петровски ги гледа нашите општества потопени во корупција и директно, без коцка шеќер, го демистифицира секој нефункционален аспект.“ Таа напиша аналитички текст кој ја дефинира оваа фаза од творештвото на Петровски.

– „Реминисценции“ ја означува најновата ера во креативните дела на Страхил М. Петровски, ера на големи индустриски хартии (530×83 см.) и цртежи со помали димензии работени во комбинирана техника одново наоѓаат дополнително и подлабоко значење во секој нов простор. Три бои, бои што не се бои, најчесто користени во античките мозаици, ја красат индустриската хартија и цртежите во помали димензии.
Преку чистотата на белата боја, црвената тула на исушената крв, ’рѓа и земја, и најтемната црна боја, тие започнуваат ново патување заедно, во бојата на светлината, бојата на земјата, во боите на празнината. Кога гледаме – кога навистина ги гледаме / перципираме или „слушаме“ делата на Страхил, тие пеат индустриски и/или прогресивен рок. Мелодијата на светлината и празнината, изразена преку трансценденталните звуци на бендови како „Тул“ (Tool), „Најн инч нејлс“ (Nine Inch Nails) и „Џој дивижн“ (Joy Division), открива одраз на современиот свет закотвен во борбите со идентитетот и значењето.
Во апстрактните форми, човекот бара признание – фигура, себеси и/или нешто слично на себе… Страхил, преку фрагментација, што само по себе е потрага или нов почеток, деконструкција или игра – на среќа, кои првенствено се резултат на вештина и иновација.
Теодор Адорно верувал дека пишувањето поезија по холокаустот е варварско, дека нема место во светот за такви нови почетоци. Уметноста на Петровски, која е боја во служба на поетски, недостижен или речиси недостижен, апстрактен и инсталационен карактер, зрачи со духот на конфликтот со можноста за значење во свет по незамислив ужас.
Светот по ужасот се појавува како единствениот можен свет што успеваме да го создадеме – и да го задржиме. Ние продолжуваме да пишуваме поезија и продолжуваме да сликаме. Во новите светови, во свет без стабилни идентитети, во свет на непостојани идентитети, каде е тоа што го бараме и каде го наоѓаме значењето и дали, воопшто, го наоѓаме? Делата – индустриските хартии и цртежите, како и видео инсталациите (во некои негови претходни визуелни остварувања) на Петровски прикажуваат свест за оваа изгубеност, затоа во фрагментацијата, тој (уметникот) бара ново единство, ако е воопшто можно – по разорната фрактура на дваесеттиот век.

Преку мултидисциплинарното творештво, Петровски ја изразува таквата фрагментација на реалноста. Во овие наши нови светови, ни недостасува „заедничкото“ значење. Во видео инсталациите во некои негови претходни изложби, кадри од војна, црви, изгорени дрвја, напуштени амбиенти со ќебиња што сега ги користат бездомниците, парадираат… изгубени и заборавени луѓе.
Совршени придружници на листовите од хартија и делата во комбинирана техника на Петровски, се овие фрагменти од урбана дистопија, кои ја откриваат неподготвеноста на современиот човек да се справи со современите и вечните проблеми – напиша Деспотовиќ.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 313, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.12.2025)


