Љуан Имери

Прославата на Охридскиот рамковен договор – прослава на два паралелни светови

Можеби тежнееме, но далеку сме од граѓанска држава. За жал, продолжуваме да градиме паралелни светови, паралелни прослави, негирање едни на други. Ќе создадеме и етнички академии и што уште не. Ќе се повикуваме и ќе го толкуваме Уставот. Имаме исти заеднички проблеми, но не нудиме заеднички решенија.

Охридскиот рамковен договор е еден од најзначајните документи во историјата на нашата земја, потпишан на 13 август 2001 година. И покрај контроверзиите, неговата цел беше да го зајакне мирот, стабилноста и социјалната кохезија преку правична застапеност и заштита на малцинските права.
Договорот се одбележува секоја година со различни активности и настани кои го истакнуваат неговото значење за мирот и стабилноста во земјата. Оваа година, одбележувањето вклучуваше свечена седница на Владата, обраќања на премиерот и првиот вицепремиер, како и свечен прием во Музејот на современа уметност. ДУИ, исто така, го одбележа овој ден, одвоено и на свој начин, првпат како опозиција после многу долго време.
Во текот на годините, одбележувањата речиси секогаш вклучуваа дискусии за постигнувањата и предизвиците поврзани со договорот, како и за неговото влијание врз меѓуетничките односи и децентрализацијата. Многу некреативно.
На некои од прославите во минатото беа потрошени и до половина милион евра од буџетот (за 300 гости на 20-годишнината), додека на последната прослава беа потрошени многу помалку средства (што изгледаше дури и смешно). Не можам да проценам доволно дали средствата што се издвојуваа за оваа прослава низ годините покажуваат и степен на почитување кон овој договор или пак ова секогаш беше една добра можност за добивање тендери на милениците на власта. Како и да е, лично ретко сум бил поканет на овие прослави. Никогаш не сум присуствувал иако цел живот се занимавам со овие теми. На последната решив да одам. Решив да одам откако на поканата од Владата ми се обратија како мировен активист и борец за човекови права.
Решив да одaм за да ги видам на едно место и тие за кои Договорот е решение за многу проблеми во државата, а и тие за кои Договорот е проблем за сите досегашни и идни решенија. Тие што го сметаат за добра основа и тие што мислат дека е основа за сѐ лошо што (ќе)ни се случи. Да ги видам и тие што се збогатија на сметка на Договорот, тие што направија „кариера“ од него. Тие што станаа познати со неговото присвојување и другите што исто така станаа познати ама со неговото негирање.
Се разочарав (се разбира и не дека очекував ништо поинаку)!.
На прв поглед, атмосферата беше очајна. Јасно можеше да се забележи дека доминираше едната етничка заедница. Доминираа мажи. Жените беа во незначителен број. Многу малку од присутните беа претставници од граѓанското општество и меѓународната заедница. Имаше претставници од политичките партии на власт и тоа речиси сите од албанската етничка заедница. Се појави и премиерот и толку. Ја немаше претседателката. Немаше опозиција. Освен етнички Албанци од власта, други речиси немаше. Нема свештени лица, освен од исламската верска заедница. Дури и да ги имало, добро се потрудиле де не бидат видени (добро знаете какво е тоа чувство). Не ги видов сите тие за кои дојдов да ги видам, а немаше многу ни од тоа што е суштината на самиот овој договор.
Со своето (не)присуство сите даваат порака за тоа во каква држава сакаме да живееме. Едни пораки се јасни, громогласни, а други скриени, но сепак доволно јасни за тие што знаат да ги прочитаат.
Новата власт наместо да покаже креативност и друго ниво на почитување и однос кон тоа што самата го ветуваше, одбира да ги носи удобните чевли на претходната власт која пак ги носеше уште поудобните чевли од претходната, но и да оди чекор понатаму. Развивањето на односите меѓу етничките заедници подразбира континуирано институционално и персонално вложување во капацитетите за интеркултурна комуникација и соработка меѓу граѓаните од различни заедници и институциите. И овој пат испуштивме да го одбележиме овој настан на достоен начин, на начин кој ќе обединува наместо разединува. Тоа, впрочем, испуштивме да го направиме и со државата. Наместо да градиме мостови, да се развиеме во духот на инклузијата и мултикултурата, ние сè повеќе се делиме.
Неретко докажавме дека и добрите решенија поради начинот на кој се спроведоа дадоа негативен предзнак. И Рамковниот договор не е исклучок. Но тоа не смее да ни биде оправдување за да се откажеме. Можеби тежнееме, но далеку сме од граѓанска држава. За жал, продолжуваме да градиме паралелни светови, паралелни прослави, негирање едни на други. Ќе создадеме и етнички академии и што уште не. Ќе се повикуваме и ќе го толкуваме Уставот. Имаме исти заеднички проблеми, но не нудиме заеднички решенија. За жал, секојдневно покажуваме колку не се познаваме, а уште помалку се идентификуваме со граѓанството и сè повеќе сме приврзани кон својот етникум. Комуникацијата, емпатијата и довербата се на најниско ниво. Имаме многу стереотипи и предрасуди едни за други. Во секоја пригода гледаме што може да направиме за да го понижиме другиот.
Зарем не ни стана јасно дека нема гаранции дека ниту Уставот ниту политиките за унапредување на правата на етничките заедници ќе продуцираат и односи на соживот ако не се трудиме да градиме заедничка иднина? А не се трудиме воопшто!

Рацин.мк

(Авторот е активист)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот