Проруски хакери ја парализираа француската национална пошта: Европа влегува во сајбер борба со Русија?
Проруска хакерска група ја презеде одговорноста за сајбер нападот што ја наруши работата на националната поштенска служба на Франција за време на божикниот метеж, соопштија во средата француските обвинители, објави „Јуроњуз“.
Препорачано
По тврдењето на групата „Ноунејм057 (16)“, истрагата ја презеде француската разузнавачка служба ДГСИ, соопшти Обвинителството во Париз.
Централните компјутерски системи на француската национална поштенска служба беа оневозможени од хакерскиот напад во понеделникот, кој до средата наутро сè уште не беше целосно решен.
Поради нападот, поштенските работници не можеа да ги следат пратките, а беа нарушени и онлајн-плаќањата во банкарската подружница на компанијата, „Ле банк постал“.
Нападот се случи во најфреквентниот период за поштата која вработува повеќе од 200.000 луѓе.
Хакерската група „Ноунејм057(16) претходно беше насочена кон украински медиумски веб-страници, како и кон владини и корпоративни сајтови во земји како Полска, Шведска и Германија.
Хакерската група претходно беше цел на Операцијата „Истууд“, координирана меѓународна полициска акција спроведена во јули со учество на безбедносни служби од 12 земји. Во рамки на операцијата беа оневозможени над 100 сервери ширум светот, беа уапсени двајца во Франција и во Шпанија, а беа издадени и седум потерници, од кои шест за руски државјани.
И покрај ударот, групата за кратко време повторно ги активираше своите операции и продолжи со дејствување, вклучително и со напади врз француски владини веб-страници, како оние на Министерството за правда, како и врз неколку префектури и општини.
– Последниот инцидент со поштенската служба се случи неколку дена откако француската влада потврди дека била мета на сајбер напад кој го погодил Министерството за внатрешни работи – институција клучна за националната безбедност. Во тој случај, осомничен напаѓач извлекол десетици доверливи документи и добил пристап до податоци поврзани со полициски досиеја и луѓе по кои се трага – изјави министерот за внатрешни работи Лоран Нунез, кој индиректно посочи на можна руска вмешаност, иако официјална потврда засега нема.
Франција и другите европски сојузници на Украина оценуваат дека Русија води долгорочна кампања на таканаречена „хибридна војна“, која вклучува саботажи, атентати, сајбер напади и дезинформации со цел да се создадат поделби во западните општества и да се ослаби поддршката за Киев.
Од почетокот на целосната руска инвазија врз Украина во февруари 2022 година, низ Европа се регистрирани десетици случаи на саботажа што западните функционери ѝ ги припишуваат на Москва, при што европските разузнавачки служби наведуваат дека истрагите за руско влијание денес бараат исто толку ресурси колку и справувањето со терористички закани.
Владата најави ново оружје во борбата против злонамерните хакери


