Промовирана книгата „Психосоматика, емоции што разболуваат и лекуваат“ од Билјана Велковска

„Психосоматика, емоции што разболуваат и лекуваат“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ги осветлува двете страни на паричката наречена човек. Од едната страна се чувствата, субјективни и тешки за дефинирање, но многу проучувани, кои претставуваат огромен дел од човековото искуство. Од другата страна е физичкото функционирање и здравјето, што традиционално и погрешно се разгледува одделно од емоционалниот живот. Двете приказни неизбежно конвергираат за да го доловат човекот, во кој на неверојатен начин се испреплетени психичкото и физичкото.

–„Психосоматика…“ успешно се фаќа во костец со оваа сложена проблематика. Книгата вешто го води читателот во универзумот на емоциите, ги појаснува (здравите и помалку здравите) механизми со кои луѓето се справуваат со нив, говори за тоа какви промени се случуваат притоа во телото и кои се ефектите од ова; наједноставно кажано, авторката чекор по чекор го осветлува неверојатниот процес, во кој нашите чувствата ја кројат и прекројуваат нашата здравствена состојба. Пишувана со одмерен тон и со внимателно одбран вокабулар (да не биде несериозно лежерен, ниту непотребно заморен), „Психосоматика…“ не само што на читателот му открива еден свет, туку и ја потенцира важноста на неговите чувства, ја нагласува потребата од нивното валидирање и изразување, ги покажува мноштвото начини на кои тој може да си (само)помогне – истакна психологот и психотерапевт Мирјана Јовановска Стојановска, која е една од рецензентите на книгата.

Иако терминот психосоматика некои луѓе можеби си го поврзуваат со замислена болест, авторката пишува дека чувствата и мислите можат да нè разболат или да нè излекуваат на многу начини, што дефинитивно не се само „во нашата глава“.

– Мојот печат, пораката што сакам да ја пренесам со книгава, е дека човекот има неверојатен дизајн и дека е потполно погрешно да се разгледува само како физичко битие, само како емотивно битие или само како духовно битие. Човекот е целина на сево ова и вистинската благосостојба (физичка, духовна или емотивна) произлегува единствено од целовитоста. Книгава нема да ве направи поздрави, поубави или посреќни. Не спаѓа во групата книги за самопомош (иако не сум сигурна ни колку книгите од таа категорија помагаат на овој начин). Жанровски припаѓа во популарна наука, а научната дисциплина што се обидува да ја приближи до пошироката читателска публика е – психосоматиката. Во неа се обидов да ги опфатам сите аспекти поврзани со темата: што се емоциите и преку кои механизми можат да нè разболат или излекуваат, постои ли профил на психосоматски пациент, дали психосоматските болести се наследни, кои се начините на кои може да се чувствуваме подобро и поздраво, кога да се побара стручна помош од терапевт, како да се побара соодветна помош итн. Ако треба да ја дефинирам книгава, тогаш би рекла дека е приказна за стресот, во најширока смисла на зборот – рече авторката Велковска.

„Психосоматика, емоции што разболуваат и лекуваат“ веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“: на улицата „Македонија“, ТЦ „Рамстор“, „Скопје сити мол“, „Веро Центар“, во Градскиот трговски центар ‒ Скопје и во Битола на ул. „Широк Сокак“ бр. 40.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот