Промовирана е седмата поетска збирка „Гранична состојба“ на поетесата Лидија Димковска

Седмата поетска збирка на поетесата Лидија Димковска, со наслов „Гранична состојба“ во издание на „Или-Или“, беше промовирана на 28 јуни во „Буква“. За новата книга на Димковска зборуваа промоторките Искра Гешоска и Александра Јуруковска, додека низ разговор со нив авторката откри дека промоцијата на книгата се случи во една гранична состојба во нејзиниот живот, откако поминале четириесет дена од смртта на нејзиниот татко.

Напишана претходно, стихозбирката „Гранична состојба“, секако, претставува нов лирски меѓник во поетската ориентација на Димковска, која донесува нови, актуелни и универзални стихови за човекот, неговото постоење и предизвиците со кои се соочува сега и овде, но и во вечноста.

– Песните од новата стихозбирка на Лидија Димковска се директен одговор на горливите прашања што ги поставува актуелниот миг, и кои се поврзани со егзистенцијалните тегобности, личното и колективното сеќавање, односот на историјата и сегашноста, мигрантството, засилувањето на ксенофобијата, исчезнувањето на хуманоста и солидарноста, неизвесностите на постоењето – сето она што ни го донесе почетокот на векот, или што ние му го донесовме на овој век, од кој истрошивме дваесет и една година. Тие се песни на храброст и непомирливост, на искреност и на бескомпромисност, квалитети кои отсекогаш биле карактеристики на поетиката на Димковска – забележа писателот Гоце Смилевски во поговорот кон „Гранична состојба“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 87, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 3-4 јули 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот