д-р Соња Здравкова-Џепароска, Нина Стефанова и д-р Александар Трајковски

Промовирана е монографија за Антон (Тони) Баталаковски: балетски уметник, педагог и, пред сè, извонреден човек

Монографијата „Мојот пат“, посветена на балетскиот уметник и педагог Антон (Тони) Баталаковски, беше промовирана на 3 март во фоајето на Националната опера и балет и привлече голем интерес кај културната јавност.

Автори на монографијата „Мојот пат“, посветена на Антон (Тони) Баталаковски, се д-р Соња Здравкова-Џепароска и д-р Александар Трајковски. На промоцијата беше прочитан промотивен текст од балетскиот критичар Емилија Џипунова, а модератор на настанот беше новинарката Нина Стефанова, која своевремено снимила и документарна емисија со Баталаковски.

Антон (Тони) Баталаковски (1945 – 2021) е македонски балетски уметник и педагог. Припаѓа на втората генерација балетски уметници во Македонија. На сцената настапувал во периодот од 1964 до 1992 година. Во периодот од 1979 до 1989 бил и директор на балетскиот ансамбл при тогашниот Македонски народен театар. Се занимавал и со репетиторско-педагошка дејност.

Во монографијата е направена реконструкција на неговиот животен и уметнички пат, со многу интересни податоци за неговиот живот, стручни анализи за неговото творештво, искази од современици, како и мноштво фотографии.

– Антон (Тони) Баталаковски беше уметник, педагог и, пред сè, извонреден човек. Да се запечати еден толку богат професионален живот е, од една страна, предизвик, а од друга – голема одговорност. Се надевам дека заедно со колегата Александар Трajковски успеавме на страниците на оваа монографија да забележиме барем делче од овој импозантен творечки пат кој траеше цели 47 години – години поврзани со сцената, со танцот, со уметноста… – истакнува авторката Соња Здравкова-Џепароска.

Со креативна зрелост и интерпретативен импулс Баталаковски во текот на својата долгогодишна балетска кариера реализирал и одиграл голем број улоги, како и соло и дуетни танци од класичниот, националниот и од модерниот балетски израз и стил. Истиот пристап го имал и кон оперативно-управувачката и кон репетиторско-педагошката дејност.

– Достоинствен, ненаметливо строг и принципиелен, Тони Баталаковски го ширеше својот авторитет меѓу колегите, особено меѓу помладите, на кои секогаш беше спремен да им помогне, да ги посоветува и методски да им го образложи начинот на изведбата на движењата во танцот, работејќи со нив како балетски педагог во балетското училиште при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ и како репетитор во балетскиот ансамбл при Македонската опера и балет – констатира Емилија Џипунова.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 323, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 7-8.3.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот