Промовиран е романот „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ од Давор Стојановски

Издавачката куќа „Или-Или“ во „Буква“ го промовираше романот „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ од Давор Стојановски. Романот влезе во најтесниот круг за наградата „Роман на годината 2021“ на Фондацијата „Славко Јаневски“.

Промоторката Николина Андова Шопова истакнува дека станува збор за „сјаен роман со возбудлива и непредвидлива приказна, прецизна нарација со брилијантно чувство за ритам и драматургија, со одлично изградена атмосфера и ликови, со вешто вклопени контемплативни прелевања (некои од нив антологиски парчиња)“.

Новинарот Срѓан Ивановиќ од „Плусинфо“ потенцира дека „уште по првата прочитана страница читателот добива чувство на возбуда и заинтересираност, што не попушта до последната. Романот се чита во еден здив, а потоа уште долго време останува во потсвеста“.

Давор Стојановски (1987, Скопје) е писател, поет, преведувач и музичар. Магистрирал на Филолошкиот факултет во Скопје. Неговите дела се застапени во домашни и во странски антологии.

Неговиот прв роман „Ненасловена месечева соната“ (2013) влезе во потесниот круг за наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“, а со вториот роман „Собирачи на пепел“ (2016) стана лауреат. Третиот роман „Утеха за голите“ (2018) беше номиниран за Наградата за литература на ЕУ за 2020 година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 130, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28-29 мај 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот