Промоција на монографско дело: Хроника на најзначајниот период на македонскиот фолклор

Дирекцијата за култура и уметност – Скопје во рамките на програмата на „Скопско лето“ на 16 јули во Музејот на македонската борба го промовираше монографското дело „Песните се нивен незаборав“ од авторите Кирил Тодевски и Марија Велковска.

Во богатиот културен код со кој се препознава и на пошироки меѓународни простори се легитимира македонскиот идентитет, песната зазема едно од најзначајните места. Огромен е бројот на солисти, дуети, трио и вокални групи коишто со своите од бога надарени гласови оттргнаа од времето на заборавот илјадници песни. Она што е посебно значајно за песнопојците од првата повоена генерација, па сѐ до современата, е тоа што сите своите почетоци во интерпретирањето ги означуваа со народната песна, со неа потоа го изградуваа својот пејачки профил, а на неа некои од нив целосно ѝ го посветија своето животно уметничко кредо.

Монографијата „Песните се нивен незаборав“ содржи библиографии на 24 починати песнопојци и песнопојки, чиишто песни и изведби имаат трајни вредности: Васил Хаџиманов, Никола Бадев, Александар Сариевски, Васка Илиева, Мирвет Беловска, Благој Петров – Караѓуле, Нада Макеларска, Гого Зафироски – Зафиро, Вања Лазарова-Димитровска, Блага Видец, Јонче Христовски, Добри Ставревски, Драгица Мавровска, Кирил Манчевски, Љупчо Дучевски, Мирко Митревски, Пепи Бафтировски, Есма Реџепова-Теодосиевска, Кирчо Поплазаров, Гоце Николовски, Петранка Костадиновска, Војо Стојановски, Јанко Узунов и Гоце Арнаудов. Станува збор за бисер во низата книги посветени на македонскиот фолклор, народна песна, музика и традиција.

Истакнатиот публицист и автор на современи поетски стихови на антологиски фолк напеви Георги Барбаровски, во функција на промотор на книгата, нагласи дека станува збор за хроника на најзначајниот период на македонскиот фолклор. Тој додаде дека монографијата е научно фундирана, водена со систематска истражувачка постапка. Особено го потенцираше чинот на формирањето на Македонското радио во 1945 година, каде што на нов начин почна негувањето на народната песна. Авторите на книгата, Кирил Тодевски и Марија Велковска, своите професионални ангажмани ги имаат токму во Македонско радио – Радио Скопје, од каде ги црпат фактите и знаењата предочени во оваа исклучително значајна монографија.

Песнопојците, песнопојките и инструменталистите зад себе оставија непроценливо фолклорно богатство, со своите песни за себе испишаа незаборав, а на повиканите од сферата на фолклористиката и етномузикологијата им остана нивниот незаборав трајно да го забележат во своите научни трудови, како што е случајот со делото „Песните се нивен незаборав“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 40, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 18-19 јули 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот