Промоцијата на новиот роман од Венко Андоновски ќе се одржи на Малата сцена во МНТ
По точно три години од големиот книжевен спектакл што го одбележа пристигнувањето на „Папокот на светлината“ во Кино „Милениум“, и по големиот успех на оваа книга што досега доби шест изданија и меѓународната Толстоева награда „Јасна Полјана“, Венко Андоновски се враќа со роман што ветува нов успех од широки размери.
Препорачано
На Малата сцена во МНТ, на 4 декември, со почеток од 19 часот, ќе се одржи промоција на „Александар јава на запад“, новиот роман од Венко Андоновски.
Промотори на книгата ќе бидат проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и Ерол Ризаов. Истакнатата македонска книжевна теоретичарка и професорка на Филолошкиот факултет и долгогодишниот македонски новинар и политички аналитичар, обајцата познати домашни ерудити, ќе го доближат овој необичен роман до читателите давајќи им патоказ за неговото читање, истакнувајќи го и влијанието на Андоновски врз домашната литература и, воопшто, во општеството.
Од Издавачки центар „Три“ истакнуваат дека настанот има отворен карактер и добредојдени се сите вљубеници во квалитетната книжевност.
Со „Александар јава на запад“, Андоновски се разликува од самиот себеси и од сè што досега напишал како романсиер, а истовремено потсетува на сјајните моменти од неговите комедии и фарси, кои беа хитови цели две децении на домашните театарски сцени. Со овој роман Андоновски ја отвора можноста за повторно враќање на театарските сцени со нов сјај. Дотогаш на читателите им преостанува да се нурнат во напишаното, истакнуваат од „Три“.


