Проф. Спасов за Дојче Веле: Нема откажување од дијалектите, туку дефинирање на стандардизираниот македонски јазик

Фото: Архива на „Слободен печат“

Унилатералната декларација на македонската влада во врска со македонскиот јазик која е поднесена до ЕУ го дефинира стандардниот литературен македонски јазик и во неа нема ништо спорно, објасни за Дојче Веле професорот на Филолошкиот факултет и претседател на Советот за македонски јазик, Људмил Спасов.

Откако беше објавена декларацијата, во јавноста се појавија реакции и коментари во кои се тврдеше дека со неа се негира дека македонскиот јазик има дијалекти кои се зборуваат надвор од територијата на Северна Македонија.

„Овде се работи за стандардниот литературен јазик во македонската декларација. Тој јазик уште од времето на Мисирков, потоа Конески и потоа Комисијата за јазик и правопис е стандардизиран врз основа на следните говори: Битола, Велес, Прилеп и Кичево. Тој јазик се темели на нив“, вели професорот Спасов.

Во документот кој го испрати македонската влада до ЕУ се наведува следното:

„Литературниот македонски јазик е кодифициран во 1945 година. Согласно сознанијата утврдени со акти, широко прифатените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика и лингвистичката наука, македонскиот јазик има свој јазичен, просторен и временски континуитет. Овој континуитет се заснова на специфичниот развој на дијалектите што се во неговата основа и биле распространети на територијата на денешна Република Северна Македонија. Македонскиот јазик се определува како словенски јазик, кој се наоѓа во јужнословенската група јазици, кој низ вековите растел, се развивал и се издигнал во наддијалектен, национален стандарден јазик на македонскиот народ.”

Според проф. Спасов, ваквата дефиниција е на линија со граматиката на Конески од 1952 година, со којашто се стандардизира јазикот, како и на Правописот издаден во 1945 година.

„Целата активност која се развива во втората половина на 19 век, преку Цепенков, Шапкарев и други се заснова врз западното наречје. Мисирков е исклучително јасен кога вели: Македонците од западна, северна, источна и јужна Македонија кога ќе си ги подадат рацете тие ќе се вкрстат околу Битола и Прилеп. Ние во декларацијата зборуваме за стандарден јазик, оној што е официјален и на кој што се пишуваат сите документи не само внатре во земјата, туку и надвор.”

Професорот Спасов вели дека треба да се прави разлика меѓу стандардизиран литературен јазик и македонско јазично подрачје. Второто, вели тој, „се простира и надвор од границите на Северна Македонија и тоа се докажува со научни историски социолошки и други факти.“

[sc name=”dw” ][/sc]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот